Технички влади - апсурди и предизвици

17.11.2011 11:42
Технички влади - апсурди и предизвици

Техничките влади станаа политичкиот модус вивенди во т.н. јужно крило на Европската унија во презадолжената Грција и во опасно разнишаната Италија. Оваа изнудена и привремена солуција - на чело на власта да застанат способни и докажани експерти, сепак, не помина без критичка опсервација. И тоа од една мислечка величина, каков што е Јирген Хабермас.

Германскиот филозоф и социолог смета дека овој тренд во Европа е загрижувачки. Според него, формирањето на техничките влади е во основа антидемократски, бидејќи власта ја преземаат луѓе кои не се избрани, односно го немаат легитимитетот од електоратот. Дали Хабермас е во право?

Хабермас, пред повеќе од три децении, напиша поголема студија за кризата на легимитетот во ерата на доцниот капитализам и, несомнено, неговите погледи се градени на некои подлабоки теориски увиди. Тој важи за авторитет во однос на оваа тема. Но, заклучоците до кои дошол Хабермас за легитимациската криза, тешко можат да се искористат во дневно-политички контекст или, пак, лесно да се транспонираат во политички дискурс. Конечно, сега не е проблемот како капитализмот ќе се легитимира, туку како тој ќе се спасува, поточно, како ќе се реформира.

Сепак, кога Хабермас реагира на одредени актуелни случувања, тоа побудува внимание. Гледано стриктно формално, можеби, тој е во право. Но, кога се има предвид драмата низ која поминува Грција поради можниот банкрот, но и стравувањето дека на еврозоната ѝ нема спас доколку финансиските пазари ја загубат довербата во италијанската економија, сепак, се чини, легитимацискиот проблем што го изнесува Хабермас, сега, заличува на теориско ситничарење.

На оваа дилема се обиде да одговори Џорџо Наполитано, италијанскиот претседател. Според Наполитано, техничката Влада предводена од Марио Монти ќе биде изгласена од парламентот и на тој начин таа ќе се стекне со легитимитет. Важен е елементот на делегирање, бидејќи и пратениците во парламенот се носители на суверениетот на народот на одредено време, поентираше Наполитано.

Заминувањето на Јоргос Папандреу, а особено на Силвио Берлускони, го изостри и прашањето за драматичното и за френетичното завршување на ерата на неколку политичари, па и на политичките елити. Во петокот, кога Берлускони демисионираше, пред италијанскиот парламент се собра огромна маса народ кој сакаше да го прослави заминувањето на политичарот-плејбој или, на последниот голем европски популист, кој доминираше во италијанската политика во последниве 17 години. Атмосферата пред парламентот во доцните вечерни часови, забележаа известувачите, наликуваше како да се слави крајот на еден режим. Рим, барем неколку часови, заличи на Каиро и на Тунис, каде народот, нормално, и подолго и побучно се егзалтираше поради падот на Мубарак и на Бен Али.

Наредните денови, во Италија веќе можеа да се прочитаат и коментари со вакви тези – пазарот го направи она, што не можеше опозицијата; или, невидливата рака на економијата е вистинската закана за секој политичар, кога таа ќе го допре, тогаш се гледа крајот. Дали оваа теза држи вода? Да, таа е јасна, но под услов да се разбере дека во овој случај, пазарот е само поводот, а причините се многу подлабоки.

Во сегашната ситуација, на пример, не е никаков проблем да се детектира поводот. Кризата е толку очигледна, штетите што веќе се направени се толку големи, опасностите што дебнат се страшни. Кога е јасен поводот, полесно ќе се стигматизираат и виновниците. Опашката од лошата политиката ќе им се закачи на Берлускони, на одредени политички структури, на политичките кланови, на политичките династии, како што е случајот во Грција. Но, оваа тема има свој рок на траење. Државите кои се во големи финансиски и економски проблеми сега имаат приоритет да се спасуваат од најлошото и колку-толку да се стабилизираат. Но, тоа е само првата фаза.

Експертите со големи овластувања, односно, коалициската влада на Лукас Пападимос и техничката влада на Марио Монти, ќе се зафатат со неодложните задачи: прво, да ги истуркаат строгите мерки за штедење, да заведат некаков ред во финансиите и, второ, да ги спречат натамошното влошување на состојбите. Но, задачите на технократите не се исцрпуваат само во спроведувањето на болните реформи кои политичките елити во минатото, па и во сегашноста, се покажале дека се неспособни да ги изведат. Од нив се очекува и нешто повеќе: тие треба да ги забрзаат процесите во потрагата на она што се нарекува нова парадигма за капитализмот, односно, како системот да се реформира, а притоа да не се доведат во прашање придобивките од социјалната држава.

Оттука, експертите на чело на Грција и на Италија, со точно одреден рок на владеење, не се само спасители на разнишаните економии туку се и луѓе кои треба да наметнат нови теми и нови обврски за идните политички елити. Потрагата по новото, изборот на добрите политики, градењето нов општествен консензус итн., не е можно ако не се проникне во причините кои ја генерираа сегашната криза. А причините, барем тоа е јасно, не се само од финансиска или од економска природа.

Деновиве можеше да се слушне и ваква теза: Ангела Меркл и Николас Саркози решаваат каква влада ќе имаат презадолжените држави во Европската унија. Значи ли тоа дека и некои други држави, пред сè, Португалија, Ирска, па, можеби и Шпанија, ќе се извлекуваат од кризата со технички влади? Какви промени ќе се случат во Европската унија доколку продолжи да расте моќта на Меркел и на Саркози?

Од оската Париз-Берлин зависеле сите клучни потези во рамките на Европската унија. Така било во минатото, а така и сега кога мора да се спасува еврозоната. Но, клучното прашање е дали Франција и Германија, поучени од сегашната криза, ќе ги поттикнат неопходните промени во ЕУ и дали тоа ќе резултира со јакнење на интегративните процеси во Унијата?

Звучи навредливо и за Грците, а особено за Италијанците, да се вели дека Пападимос и Монти се луѓето на Меркел и на Саркози. Но, мислам дека нема никој да се навреди ако се каже дека и обајцата се луѓе на Европа. И Пападимос и Монти, својата стручност и способност ја докажале во Европската унија, тие извршувале високи функции во европските институции.

Така, се доаѓа и до вториот апсурд предизвикан од техничките влади. Повеќе од јасно е дека Обединета Европа е политички проект, дека благодарение на политичарите во минатото, кои имале визија и способност, е постигната сегашната интеграција. Но, политичарите, барем во последниве две декади, станаа робови на популизмот, на гнилите компромиси, на лошите политики, и тоа имаше големи последици и врз Европската унија.

Монти и Пападимос, како докажани експерти и поддржувачи на Европската унија, најверојатно, ќе немаат толку долг мандат за да учествуваат во проектите за зајакнување на Унијата. Таа обврска ќе им ја препуштат на политичарите кои ќе победат на наредните избори. Но, во секој случај, многу е добро и за Грција и за Италија што ќе бидат водени од луѓе кои веруваат во Европа. Тоа, нормално, е многу добро и за Европската унија.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртеж: Клаудио Голдини

Кај беше Хабермас кога ние

Кај беше Хабермас кога ние учевме демократија да ни каже дека така била работата.

(И не само заради нашето искуство)Хабермас ми се чини во право. Дали проблемот (а и решението)е во премногу или во премалку политика?