Македонија – Швајцарија на Балканот?

18.11.2011 15:38
Македонија – Швајцарија на Балканот?

Откако медиумите објавија дека четири швајцарски кантони го легализирале одгледувањето на марихуана за домашна употреба, македонскиот премиер ги постави следниве прашања на неговата фејсбук страница: „Дали се согласувате Македонија да ја направиме ’Швајцарија на Балканот’? Дали се согласувате лица со навршени 18 години да се стекнат со право на одгледување до четири садници марихуана, под услов истата да ја одгледуваат дома, и притоа да не смеат да ја продаваат на други лица, ниту да управуваат моторни возила додека се напушени?“

Прашањата на премиерот предизвикаа лавина од реакции во јавноста.

„Декриминализацијата на производство на марихуана за сопствена употреба ќе ја подрие моќта на организираниот криминал и ќе го заштити здравјето и безбедноста на нашите граѓани“ – изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, кој има магистрирано на тема за злоупотребата на дрогите од природно потекло.

„Со легализирањето на канабисот за сопствена употреба ќе се запре криминализирањето, маргинализирањето и стигматизирањето на луѓето кои уживаат трева, а кои не им нанесуваат штета на другите“ – укажа Министерот за труд и социјална политика, потсетувајќи дека Националната стратегија за еднаквост и недискриминација посветува посебно внимание на зависниците од дрога како една од најранливите групи.

Експертите од министерството за здравство сметаат дека одлуката за легализирањето на домашната „тревка“ „сигурно ќе придонесе за намалување на зависноста од штетните увозни дроги, како што се вискито и странските цигари“.

И „Здружението на жени Македонки“ укажа на позитивните последици од легализацијата: „Одгледувањето на домашната тревка ќе придонесе ем за намалување на семејното насилство, ем за зајакнување на традиционалните вредности на жената опеани во македонската песна: ’Мара, Мара, Мара, лесно не се дава, Мара, Мара, Мара, Македонка права’“.
Здружението на потписници „Манифест на македониумот“ активно ја поддржа иницијативата: „Ќе се потпишеме, оти одгледувањето на македонската тревка е дел од вековните македонски традиции. Да не заборавиме дека од македонските афионови чушки (кои го красат нашиот државен грб) се добива најквалитетниот опиум во светот – македонскиот опиум, кој е двојно поквалитетен од пакистанскиот!“

Писмена реакција стигна и од „Светскиот македонски конгрес“: „Ја поздравуваме иницијативата за легализација на светата македонска тревка, и апелираме што поитно да се легализира одгледувањето на мак-от од афионот. Името Македонија е нераскинливо поврзано со мак-от од афионот, и нашите позиции за името ќе се зацврстат ако законски ги заштитиме древните македонски традиции, кога питите од катран беа синоним за богатство“.

Македониумскиот центар за меѓународна кооперација ги соопшти резултатите од тукушто спроведената анкета: „94,7 ВМРО-вците немаат ништо против легализацијата на марихуаната за сопствена употреба, под услов така да му се сонило на пастирот.“

Од Центарот за медиумска токсикација појаснија дека „со легализирањето на домашната питома ’тревка’ нема да престане вековната борба за искоренување на дивиот коноп по комуњарските ниви“: „Мора да правиме разлика помеѓу патриотска питома тревка, и предавнички див коноп“ – изјави портпаролот на Центарот за токсикација.

Иницијативата доби поддршка и од меѓународната заедница. Кофи Анан и Хавиер Солана, од името на Глобалната комисија за политика на дроги, истакнаа дека канабисот (како и листовите од кока) е погрешно класифициран како штетна дрога. Тие потсетија на научните докази дека алкохолот и тутунот предизвикуваат далеку посериозни штети од домашната „тревка“. И претседателот на Боливија ја поздрави новата иницијатива и уште еднаш се заблагодари на македонската влада која го поддржа џвакањето на листови кока.

Единствено коалициониот партнер на владејачката партија има извесни задршки за иницијативата: „Да не се правиме луди за во пензија“ – изјави лидерот на Демократската унија за дезинтеграција, познат уживател на швајцарска пензија. „Македонија не може да стане Швајцарија на Балканот, ако прво не ја кантонизираме. Ви давам беса дека по кантонизацијата многу полесно ќе можеме да ги преточиме позитивните швајцарски искуства во нашите кантони.“

Слични содржини

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото