1019 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 13:59
Дали наводниот „демократски дефицит“ на ЕУ сега се шири на поединечни европски земји како последица од кризата на суверениот долг? Подемот на технократите кои не се избрани на избори во Грција и Италија укажува, барем површно гледано, дека е разбиено старото табу против технократските влади кои постапуваат по агендата која ја диктира ЕУ.
Да ја разгледаме Италија. Повеќето Италијанци колективно воздивнаа кога Силвио Берлускони, кој беше три мандати на челот на владата, беше заменет од технократот, поранешен европски комесар и ценет економист, Марио Монти. И Грција кормилото на владата му го довери на технократот Лукас Пападемос, некогашен потпретседател на Европската централна банка, кој не е избран на избори и е речиси аполитичен.
Се разбира, деновиве многу нешта не се во ред со ЕУ, но ширењето на нејзиниот т.н. демократски дефицит не е едно од нив. Всушност, тој дефицит се однесува на политички наместените лажни вести. Научниците како Ендрју Моравчик од универзитетот Принстон долго тврдеа дека легитимитетот на ЕУ не потекнува од гласачките кутии туку од нејзината способност да им обезбеди конкретна корист на граѓаните. Она што ЕУ го остварува преку пазарите кои се интегрираат , или дури со елиминирање на пасошката контрола, го нагласува со добивката од делегираната демократија.
Прецизно зборувајќи, во суштина станува збор за оттуѓеноста на еврократите од секојдневната политика што ѝ овозможува на ЕУ да дава. Наспроти негодувањето на евроскептичните политичари во Британија и сè повеќе во државите од еврозоната, сè поголемото разочарување на гласачите од политиката ја одразува дистанцата меѓу ветувањата и резултатите, а не дистанцата меѓу државнциите од ЕУ и граѓаните од земјите-членки.
Според шокантните резултати од анкетата која неодамна ја објави италијанскиот водечки весник Република, над 22% од Италијанците не гледаат голема разлика меѓу авторитарниот и демократскиот систем на владеење. 10% сметаат дека авторитарниот режим е подобар и поефикасен од демократскиот политички систем.
Падот на вербата во демократијата, кој не се среќава само во Италија, нè враќа на моќното образложение кое ја истакува сè поголемата доверба на Европејците во технократските влади, т.е. во сигурноста. Од крајот на Втората светска војна па до распадот на СССР, Европејците не ги зближуваше сонот за демократско државно уредување низ Европа туку, пред сè, желбата за сигурност и безбедност.
За време на повоените години приказната за европската интеграција речиси секогаш нагласокот го ставаше на барањата за политичка, социјална и економска безбедност. Имајќи ги предвид насилните демонстрации по улиците на Атина, Мадрид и Рим, не е тешко да се сфати зошто некои луѓе уште еднаш се определија да ѝ дадат предност на безбедноста, посебно економската безбедност.
Европските технократи работеа во служба на безбедноста наспроти проширувањето на ЕУ во 2004 г. на поранешните комунистички држави од централна Европа. Бирократијата на ЕУ одигра клучна улога во пружањето помош на овие земји со цел да управуваат со сложената транзиција од социјалистичка автократија кон капиталистичка демократија. Во тоа време малкумина тоа го признаваа бидејќи еврократите ретко се појавуваа на насловните страници. Меѓутоа, благодарение на својот успех во примената на техничките стандарди на земјите кои се стремеа кон членство во ЕУ заработија огромен углед.
Се стекнува впечаток дека во Европа важи непишаното правило дека колку е деполитизиран процесот со толку поголем легитимитет можат да се здобијат технократите. Наспроти тоа, кога политиката ќе се најде на патот на носењето одлуки, бирократите го губат кредибилитетот.
Една забелешка за доделувањето политички овластувања на технократите е тоа дека таквите именувања претставуваат понижувачко ограничување на суверенитетот. Во нормални времиња тоа е неприфатлио за повеќето граѓани. Но во кризни времиња, гласот на неутралниот технократ има поголем легитимитет.
На пример, Монти беше меѓу првите кои кренаа тревога поради финансиите на Италија. Меѓутоа, докажувајќи ја неутралноста на технократот, тој во август исто така предупреди на импликациите од барањето на неизбраните меѓународни институции, во случајот Европската централна банка. Монти тоа го нарече podesta forestiero, што е нешто налик на странска врховна власт во Брисел, Вашингтон и Франкфурт, но и во Берлин и Париз.
Лао Цу, основачот на таоизмот, напишал дека „лидерот е најдобар кога народот речиси и не знае дека тој постои“. Европските влади погодени од кризата сè повеќе се вртат кон неизбраните технократи, а речиси можат и да се видат граѓани кои кимаат со главата во знак на согласност.
Извор: projectsyndicate.org
Илустрација: Чоу Хон Лам