Интелигенција и тајна интелигенција (за „затворските школи“)

10.07.2009 12:23
m_h_girlwithgunkneeling____.jpg

Лидерот на тајните служби својата биографија секогаш ја започнувал во – затвор! Во биографиите на најголемите сојузни и републички џелати и главни шефови на тајните служби – Јосип Броз Тито, Лазар Колишевски, Едвард Кардељ, Александар Ранковиќ, Стане Доланц.... (слично на советските Ленин, Сталин, Троцки...) ја наоѓаме еуфоричната прослава на затворските денови како време „за проширување на своето теориско и политичко образование“. На пример, по пет години „затворски студии“ во Лепоглава и Марибор, Тито станал нешто како инженер, а во неговата биографија, Дедиер, со најголема поетичност го опишува затворот во Лепоглава.

Зошто водачите на тајните служби се воодушевувале од своите затворски денови? Затоа што таму го започнувале своето вистинско школување. Ако, според познатата античка доктрина – телото е затвор за душата, тогаш во комунизмот, затворот станува – слобода за душата. Скратувањето храна, секс, телесното казнување, самиците, го прочистуваат духот и Тито во својата автобиографија опишува како затворските ќелии во Лепоглава полека станувале партиски ќелии. „Со тие малку книги и средства... организиравме студиски курсеви и предавања“.[1]

Во автобиографијата, Тито го фали Моша Пијаде кој сакал да слика пејзажи, а особено бил мајстор за облаци („тоа му се најдобрите слики“ – објаснува Тито), но веднаш додава „Кај мене во централата со особена љубов внимаваше на машините...“[2] Сето ова значи дека овој партиски кадар, иако понекогаш „буржоаски“ се загледува во небото, во машините ја наоѓа својата земна „должност“. Како што Тито од Пијаде научил да биде интелектуалец, така Пијаде од Тито научил да биде работник.[3] Моша Пијаде во затвор го преведува „Капиталот“, а од Тито учи да работи со машини.

Лепоглава така станува совршен пра-универзитет (Влаисављевиќ) затоа што им открива на комунистите која е смислата на образованието – тоа треба да биде таква технологија на знаењето, таква комбинација од наука и техника во ригорозни услови на аскеза, што потоа нема да биде дозволена фиктивност и поетичност, никаква слободарска, поетска „разулавеност“, знаењето ќе стане комбинација од дух и тело, од наука и техника, тип на сестрано образование. Оттука не чуди што тајните служби имале „посебен“ однос кон интелекталците, особено „отклонетите“ од патот. Комунизмот ги создавал политичките затвореници, но и се плашел од нив. Ги креирал, но и ги демнел. Тоа го правел со причина. Откога ќе излезат од затворот, тие ќе бидат „новите луѓе“, затворот ќе ги „направи луѓе“, подобри од тие што никогаш не ја минале затворската школа.

Кога е отворен Голи Оток, неговото постоење се објаснувало со поимите „школа“ и „преобразба“. Фуко вели дека ниедна социјалистичка земја не функционирала без „помалку или повеќе развиен систем на гулази.“[4] Гулагот работел на таков начин што во колективната фантазија бил претставуван како тип на зоолошка градина, некакво осамено место надвор од цивилизацијата (Сибир, Голи Оток) населено со секаков тип „ѕверови“ кои се таму за да се очовечат, „за да станат (повторно) луѓе“. На Голи Оток не оделе неработниците или ситните криминалци, туку интелектуалците, дури и оние со најголема репутација во Југославија (знаењето од нив направило ѕверови, затворот треба да им ја врати човечноста). Југославија веќе во 1948 наследила мрежа на релативно модерни затвори, но тие не се користеле за овој тип изроди, туку за ситните криминалци, Голи Оток бил местото за рехабилитација на не-луѓето, местото за ултимативно социјалистичко образование, нешто како складиште на погрешната интелигенција. Тоа од Голи Оток правело вид на „антропо-технологија“ (Влаисављевиќ) - тоа не е некакво „природно место“, туку „нулта точка“ од која почнува врвната технологија за создавање исправна интелигенција. Но и обратно. Самите универзитети во социјализмот (кои во Југославија се отворани со почетокот на социјализмот) стануваат тип на антропотехнологија. Филозофскиот факултет не е филозофски – тој е политички. Ниту Филолошкиот факултет не е филолошки, и тој е политички, итн. Овој однос кон образованието, исто така го покажува сложениот однос на тајните служби и интелигенцијата – едните ги произведувале другите, и обратно.

Во досието на татко ми, на пример, еден од кодошите е универзитетски професор, кој по случајот на нештата, додека студирав книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје беше и мој професор. Во оперативната забелешка од 25.11.1985 по иницијатива на РСВР дошло до средба на инспекторот и соработникот, проф. Нада Момировска, средба која се одржала во хотелот „Континентал“ од 11.00 до 11.30 часот на 22.11.1985. Според документот: „Целта на разговорот беше соработникот да презентира безбедносно интересни сознанија и податоци за коментарите на Филолошки факултет, по повод судењето на ПОО Интимист“. Според документот: „Сознанијата се добиени во усмена форма, (а) оперативните трошоци се 300,00 динари“.

Како се објаснува овој однос на тајните служби и интелигенцијата? Овој однос најдобро се објаснува, повторно, преку литературата. Жанрот детективска приказна во светската книжевност го воведе Едгар Алан По. Во најпознатата детективска приказна на Е. А. По, напишана половина век пред глобалниот подем на тајните служби во 20 век, „Украдено писмо“ (1844), се работи за писмото што го украл еден политичар, полицијата го претресува, му ја пребарува куќата, ја проверуваат секоја книга од неговата библиотека, ја превртуваат секоја фиока, го пробушуваат секој душек и го собираат во кесе секое паднато догорче, бараат секаде, но не можат да го најдат писмото. Потоа на сцена стапува Дипен - тој вели дека полицијата греши, само дете крие нешто во скривница, кадешто сите би го барале. Дипен доаѓа во куќата на политичарот и писмото го наоѓа на масата. Писмото што го бара цел свет е оставено на очиглед на сите. Идеална илустрација за ова беше случајот на Радован Караџиќ – нема да те најдат само ако не се криеш. Напишан половина век пред тајните служби да станат масовни, расказот на По за првпат ја направи јавна скриената суштина на тајните служби - тајните служби не бараат нешто што не може да се види, туку нешто што е на очиглед на сите, го бараат најбаналното. 

Е.А. По го воведе детективскиот жанр како - интелектуален жанр. „Злосторството го решава еден апстрактен расудувач, а не поткажувачот или невнимателноста на злосторникот“.[5] Тој што ја решава загатката е интелектуалецот кој и’ се потсмева на полицијата. Додека полицајците буквално преоруваат се’ од еден физички затворен свет, само интелигентниот агент (тајната интелигенција) ја решава драмата. Информацијата по која трага кодошот е идентична со овој расказ – тоа е потрага по очигледноста, по баналноста. Во првата детективска приказна на Е. А. По, „Злосторството во улицата Морг“, дадени се и првите параметри за однесувањето на шпионот. И таму приказната не е авантуристичка, туку интелектуална - злосторството е разоткриено со интелектуална операција, а не со акција и пиштоли. Со правилното испитување на народот, а не со негово притискање. Сознанието е смислата на кодошот, но полицаецот повеќе од вистинската случка, ја сака таа што може да се реконструира. Тоа од полицаецот прави писател. Приказната на Е. А. По е раскажана додека градот спие, за да шпионот може „да ги почувстува истовремено и мноштвото и самотијата, кои го стимулираат размислувањето.“[6] Во расказот на По, детективот (човекот на службите) е „странец“, иако дел од паланката, тој мора истовремено да биде оддалечен човек, се храни од тајните на паланката, но живее различно од неа.[7]

Е.А. По кој за првпат ја воведе темата на полицаецот во литературата, за првпат и ја разби илузијата. Демначот над луѓето не е странец, туку е ист со нас, дел од нашите секојдневни социјални односи, шпионот е мит, но пропагандата го прави шпион-херој, а неговата биографија ја претвора во – хагиографија. Дури и во ерата на Горбачов, пропагандата на КГБ продолжува да го опишува шпионот како спој на супериорни квалитети. Еден месец по смртта на најпознатиот советски шпион, Американецот Морис Коен, рускиот претседател Борис Јелцин му додели постхумна титула Херој на руската федерација.[8] (Забележете колку често шпионот сака да пишува мемоари за да не биде заборавена неговата работа пред историјата. Ричард Томлинсон, офицерот на британската MИ-6, кој учествуваше во операцијата за пренесување на архивата на КГБ на Митрохин во Британија, стана познат по затворањето во 1997, откако објави книга за својата кариера, прекршувајќи го британскиот Официјален таен акт од 1989 за заштита на податоци од национална безбедност. Пензионираниот КГБ агент, Џорџ Блејк објави мемоари во 1990. Францускиот потполковник Ле Рој Фенвил, началник на секторот на француската контраразузнавачка служба СДЕСЕ објави книга „Ги шпионирав своите пријатели“ (1980), која предизвика редица скандали.[9] Шефот на ЦИА од 1995 до 2004, Џорџ Тенет, ги објави своите мемоари во 2007[10], итн.).

Наследникот на Е. А. По во литературата, Стивенсон, фрли уште едно значајно светло врз проблемот на тајните служби. Стивенсон е авторот на „Доктор Џекил и мистер Хајд“ (1886), и проблемот со виновникот тој го лоцира во двојноста на личноста - кој би помислил дека убиецот е животно? Злосторникот се открива со помош на итроштина: сведочењето на оние кои влегле во собата пред злосторството, а сите препознале еден зарипнат, туѓ глас. Шпанецот верува дека се работи за Германец, Германецот за Холанѓанец, Холанѓанецот за Италијанец, итн., гласот на злосторникот е животински глас.[11] Во идеолошките приказни, слично, дисидентот редовно добива „мајмунски глас“. Тој е еден од нас, но зборува некакви чудни работи, и кога кажува нешто што сите го разбираат, тој зборува како туѓинец. Директориумот С на КГБ кој беше објавен во 1999 фрли незгодно светло точно на овој факт – и покрај густата разнообразност на професионалните шпиони на КГБ во странство (меѓу нив има од амбасадори во Костарика, до штимачи на пијано за гувернерот на Њујорк), едно од најцрните изненадувања на тајниот директориум на КГБ беше дека, иако наменет за разузнавање во надворешната политика, главната задача на шпионот од КГБ останува да биде работата против домашниот непријател (тој, што иако е наш, има глас на туѓинец), работата на наоѓање и компромитирање на внатрешните дисиденти![12] Борбата против идеолошката субверзија останува главен приоритет на сите тајни служби на комунизмот. Тоа покажува дека КГБ суштински е измислен за војна со своите. Оние што се дрзнале да имаат различно гледање од „нашето“.

 

„Само тука поезијата е почитувана. Поезијата ги убива луѓето“


Ако комунистите и паланката ја мразеле интимата од која се создава поезијата, ако не ги сакале поетите, како тогаш се објаснува фактот дека досието на татко ми е преполно со кодоши-поети? Тоа се објаснува со парадоксот дека тајните служби и поетите биле во најтесна соработка.[13]

Тајните служби и поетите се спојувале преку неколку сродности. И двете групи сакале слава, нарцистички и’ се восхитувале на својата слика на мисионери, имале креативни фрустрации и го мразеле малограѓанскиот свет, а не можеле да ја дискутираат својата работа со смртниците.[14] Во филмот „Регрут“ (2003) Ал Пачино кој го игра постариот инструктор во ЦИА, на приемниот ден на регрутите им држи говор во кој е сумирана точно оваа „поетичка“ суштина на тајните служби: „Зошто сме ние тука? Не е за пари. Имам плата од 75.000 долари годишно, со неа не можам да купам ни пристоен спортски автомобил. Не е за секс, тука нема многу од тоа. Слава? Нашите неуспеси се јавни. Нашите успеси не се... Значи, не се пари, секс, слава. Тогаш што е? Велам дека сме тука затоа што веруваме. Веруваме во добро и во лошо и го одбравме доброто. Веруваме во праведно и во неправедно и го одбравме праведното. Нашата цел е правдината. Нашите непријатели... секаде.“ Кога работиш во име на правдината, кој е поголем од тебе? Тоа ја објаснува оргијашката природа на тајните служби зад кои не стои никој, дури ни власта, партијата или политиката. Затоа е погрешно профилот на шпионот да се бара само кај садистичкиот сеирџија (кој доколку не бил платен, би го работел истото од чист ќеф), она што го влече шпионот е вградената можност за добивање „нова смисла“, можноста за бесмртност. Шпионот е дојден од нигде. И има можност да стане поетски бог.

И покрај тесната соработка, сепак, тајните служби не ги сакале поетите и интелектуалците. Од Џерзински (Чека) во Русија, до Стане Доланц (КОС) и Ранковиќ (УДБА) во Југославија, сите шефови на тајните служби негувале презир кон уметниците.[15] Кога Темпо доаѓа во Македонија, тој пишува: „Ако во Партијата постојат паметни интелектуалци, ситнобуржоаски елементи, линијата ќе остане мртва. Нашата главна задача е: да се исчисти Партијата од тие елементи, да се стави партијата во здрави работнички раце, макар што тие работници и не знаат многу да зборуваат.“[16] (подв. мое) Комунистите го сакале неписмениот човек. Но култот кон неписмениот човек не е пронајдок на комунизмот. Во целата западна култура тој е неодвоив елемент од политиката.[17] Неписмениот човек е „посакуван“ затоа што зборува од своето искуство и не дава никакви толкувања за тоа што го доживеал. Русо го велича дивјакот како добар политички „материјал“. Ако е така, зошто тогаш велиме дека за комунизмот важеа драстични услови на творење, зарем и капиталистичката идеологија нема симпатија кон неписмениот човек? Одговорот е во парадоксалниот факт дека комунизмот многу посериозно го сфаќал творештвото одошто капитализмот.

Рускиот поет, Осип Мандељштам, изјави: „Само во Русија поезијата е почитувана. Поезијата ги убива луѓето. Постои ли друго место на светот кадешто поезијата е така чест мотив за убиство?“ Мандељштам умира во 1938 во транзитниот камп близу до Владивосток бидејќи пет години порано, во 1933, ја пишува песната „Сталиновиот Епиграм“ од 16 стиха (популарно наречена, „Смртна пресуда во 16 стиха“).

Изјавата на Мандељштам е точна. Вниманието што социјализмот и’ го посветувал на културата е нешто незамисливо за која било демократија. „Не може ни да го замислиме американскиот Сенат или британскиот Долен дом да се занимаваат со прашањата за книжевноста и уметноста, така како што со тие прашања се занимавале Централните комитети на Комунистичките партии.“[18] За капитализмот важи друг тип цензура, цензура на пазарот, системот е така поставен што што-годе да кажете или да напишете, тоа ќе се изгуби во морето на реклама и шок за коешто пишуваше Урсула Ле Гвин во есејот „Сталин во душата“ (1973): „Се прашувам дали причината поради која во оваа земја (Америка, моја заб.) го нема Солженицин (и го нема Пастернак, го нема Замјатин, го нема Толстој) е таа што ние и не веруваме дека може да ги имаме. Затоа што не веруваме во стварноста на уметноста. Она чудното кај Русите е дека тие навистина веруваат во уметноста, во моќта на уметноста да ги менува умовите на луѓето.“[19] Комунизмот верува во потенцијалната сила на пишаниот збор. Зборот е сфатен сериозно, има библиска сила. „(Комунистите) отсекогаш се интересираа да дебатираат со интелектуалците“ вели Жижек.[20] „Од зборот се импресионирани, тоа ги мачи.“

Сериозноста со која комунистите ја сфаќале уметноста е запрепастувачка. Само пет години по советската револуција, до 1922 советското Политбиро станува литературен комитет. Членовите на највисокото советско политичко тело не давале друг да ја следи интелигенцијата, самите ги поделиле меѓусебно областите за читање, и читале буквално се’. Најобразованиот меѓу првите комунисти, Троцки имал брда книги за читање – нему му била доделена задачата да чита воена и религиозна литература, а со Ленин ја имале поделено економијата. Зиновљев и Каменев читале весници, а Руков и Томски индустриска и земјоделска литература. Сталин со Троцки ја делел воената литература, а Сталин бил дополнително задолжен да чита и текстови за етничките прашања.[21] „Станува нужно да преминеме од прелиминарна цензура кон казнена цензура“ – соопштува ГПУ во октомври 1922 година.[22] Не само да се набљудува со цел да се налета на некаков опасен материјал, туку се набљудува за да се шири паранојата. Џерзински, првиот човек на Чека, во 1922 со Ленин договара листа на соработници по весниците, мора да се заземат водечките уреднички места. Бидејќи не знаат како да ги совладаат интелектуалните сфери што ќе ги набљудуваат, Џерзински предлага класификација по групи: „Треба да ги поделиме интелектуалците по групи. На пример:
1) писатели,
2) новинари и политички коментатори
3) економисти (тука ќе имаме подгрупи а) финансии б) енергетика в) траспорт г) трговија д) кооперации, итн)
4) техника (уште подгрупи) а) инженери б) агрономи в) доктори г) општо;
5) професори и наставници.
Секој интелектуалец мора да има досие.... Мора да памтиме дека наша задача не е само депортација туку и ....активна помош на партиската линија со специјалисти, то ест да предизвикаме дезинтеграција во нивните рангови преку форсирање на тие што се спремни без резерва да ја поддржат советската сила.“[23] 

Последиците од оваа акција биле фрапантни. Во есента 1922 кремот на руската интелигенција насилно е доведен во Љубљанка и повеќето интелектуалци се прогласени за контра-револуционери. Шефот на ОГПУ, Јагода наредува нивна депортација во Германија, но германскиот канцелар ги одбива со реченицата дека „Германија не е Сибир“. Јагода ги качува на два големи брода и ги депортира од Русија. Тие два брода се „најголемиот подарок од Русија до Европа и Америка“.[24] На бродовите се наоѓаат Трубецкој и Јакобсон (структурна лингивстика и наратологија), Бердјаев (егзистенцијализам), Мелгунов и Кизеветер (историографија). Прага и Париз се збогатуваат со цели теориски школи, а „СССР останува без некои од своите најголеми умови…“ Според Доналд Рајнфилд, „Депортациите од 1922 година беа исто толку катастрофални за граѓанското општество во Советскиот Сојуз, колку и убиствата од 1921.“[25]

Југославија не познавала депортации од олкав (советски) тип затоа што немала отворена (и казнена), туку скриена цензура. Дали тоа значи дека југословенските и македонските уметници биле оставени на мир? Не значи. Иако честопати наидуваме на тезите дека „Во Југославија мал бил бројот на автори и научници кои навистина биле прогонувани од земјата, во Хрватска најмногу биле прогонувани за национализам, а репресијата веројатно била најјака во Босна“ (Предраг Марковиќ),[26] како тогаш се објаснува фактот дека 1/10 од сите филмови произведени во Југославија биле забранети или судски или со самоуправни акти, дека голем број писатели и поети биле во немилост, и дека од половина милион тајни досиеја колку што се воделе за Југословените, голем дел од нив биле за интелектуалци-дисиденти?

Во Југославија дејствувала скриената цензура, но прашањето е: која е пострашна, отворената или скриената? Во ДДР каде што имало политичка цензура цврста како ѕид, било јасно што е подобно. Обратно, ако во 1980-тите во Југославија сте воделе списание и сте се јавеле „кај властите“ за да се консултирате што смеете да објавите, тие ви одговараат: „Ние сме самоуправување, сами мислете“.[27] Кога јавно го отворив досието на татко ми во 2005 и во него констатирав дека претседателот на ДПМ, Гане Тодоровски, не сторил ништо за да го алармира Друштвото на писателите за одбрана на свој член, Гане Тодоровски му кажал на новинарот со којшто разговарав, дека сторил се’ што било во негова моќ – дека отишол да се консултира со Партијата и добил наредба да не го чепка случајот. „Ние сме самоуправување, сами мислете“, оттука секогаш се сведувало на тоа да се мисли така како што сака Партијата. Кадешто нема отворена цензура, кадешто „сам“ ги одредуваш границите на својата слобода, тие се сведуваат на партиската слобода. Уметниците во животот се парализирани да искажат отпор, а во уметноста бегаат во авангарда - создаваат такви апстрактни дела, што во нив ќе биде нејасно што е подобно а што не е. Ако уметниците се штителе со „бегство во авангардата“, останува прашањето како сепак некои уметници во Македонија настрадувале? Одговорот најчесто го дава паланката. Паланечкиот менталитет, во комбинација со комунистичката идеологија, давал тотално шизоиден и хаотичен систем кој се користел за освета над тие што не си ги поднесувал.

Еден пример е Кочо Рацин. Долго време во јавноста се посочува велешанецот Страхил Гигов, висок комунистички функционер и еден од главните кодоши на македонски настроените комунисти, како организатор на убиството на Рацин. Еден помлад историчар ми рече дека македонските историчари располагаат со „99 проценти сигурни факти“ што го поврзуваат Страхил Гигов со убиството на Рацин, поради љубомора за девојка, но македонската историја се’ уште не е подготвена тие увиди официјално да ги објави. Ова е случај кога полицаецот паланечки ја злоупотребува својата моќ за да му се свети на поет.

Поинаков случај, но со сличен одговор: „Не е до нас, Партијата така сакаше“, што ги поврзува писателите и полицајците, е тој на Методија Андонов-Ченто и Коле Чашуле – овде, одличен писател се јавува во улогата на судија на промакедонски, комунистички функционер (заради политичката тежина на случајот, овој е помалку локално-паланечки, а повеќе тврд политички принцип на ликвидација на непријателот). Коле Чашуле е третиот судија (покрај Панта Марина и Лазар Мојсов) во судскиот процес против Ченто кој добива 11-годишна робија. Коле Чашуле подоцна објаснува: „Мене ме викна Видое Смилевски во ЦК каде што беше присутен Елисие Поповски – Марко. Видое објасни дека Ченто бегал преку граница и други работи со кои тој се оптужува и дека треба да му се суди. Кога Видое зборуваше, Марко ја наведна главата и ништо не проговори. Всушност, судењето било однапред подготвено, не само обвинението, туку и пресудата. (...) Значи, пред нас, судиите беше наредено Ченто да биде осуден”[28]  (подв. мое). Овде е во игра слично објаснување, како тоа за татко ми - полицајците или нивните поддржувачи се извинуваат дека самите биле немоќни, се’ било во рацете на Партијата која „така сакала“, но како што рековме, станува збор за многу потврда политичка ликвидација одошто вообичаено познавала македонската комунистичка паланка. (За овој случај, во своите мемоари „Македонија е се’ што имаме“ (2001), првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, признава „еден непријатен факт“ дека: „...(С)е бараше од сите нас поединечно да пишуваме свои сознанија за разни личности... (С)е сеќавам дека и јас пишував, тоа што знаев, за улогата на Чкатров, за Ѓузелов, Драганов...“. )[29]

Во јули 2007 по повод „Рациновото признание“ доделено на Коле Чашуле за романот „Патот од себеси“, а во врска со објаснувањето на Чашуле за неговата улога во случајот Ченто, Жарко Трајаноски пишува: „Чашуле, слично како ’Младичот’ од неговиот роман ’Црнила’, слепо му верувал на Централниот комитет кој решил ’да се премавне еден многу опасен издајник и изрод на нашиот народ.’ Во романот, ’Младичот’ го повлекува чкрапалото и го усмртува Ѓорчета. Чашуле става потпис на пресудата, иако знае дека процесот е наместен. Како резултат на тоа, Ченто излегува од затвор смртно разболен (иако сакал да се лекува во странство, никој не сакал да му издаде пасош). Во романот-лектира од Чашуле, откако ’Младичот’ сфаќа на кого извршил атентат, се самоубива. Во нашиот реален транзициски живот, откако Чашуле по многу години сфаќа кого осудил по нечија наредба, пишува покајнички роман и - добива ’Рациново признание’. Алал да им е на тие што му го доделија! Дали воопшто ќе дочекаме некогаш, покрај толкуте ’Собрани дела’, издавачите да почнат да ги издаваат и ’Собраните недела’ на нашите ’еминентни’ писатели?“[30]

Во 2003 Коле Чашуле е избран за трет почесен член на МАНУ, покрај Јосип Броз Тито и Едвард Кардељ (основачи на првите тајни служби во Југославија). Во 2007, на 40-годишнината од прославата на МАНУ се споменати само двајца почесни членови на МАНУ, Коле Чашуле и Борис Евгениевич Патон (Тито и Кардељ се избришани, а денес ги нема ниту на официјалната интернет страница на МАНУ).[31] Оваа листа на некогашните почесни членови на МАНУ е уште еден доказ за тесната врска на интелектуалците и полицијата кај нас.

Има случаи кога поетите давале директна поддршка на акциите на полицијата, таков е случајот со поетот Ристо Лазаров (уредник на „Комунист“, орган на КПМ) кој на 6 декември 1985, по затворањето на татко ми, објавува текст во кој казната за татко ми ја прогласува за „заслужена“, заедно со редица небулозни пофалби до режимот на Тито („Нашето братство и единство, нашата нераскинлива сплотеност и непоколебливото чекорење по Титовиот пат на социјалистичката самоуправна изградба се такви што не можат да бидат урнати со никакви безумни посегања...“[32], итн.). Овој текст е пишуван пет години по смртта на Тито и пет години пред распаѓањето на Југословенската федерација и во него не збунува ретроградноста на тезите, смешни дури и за тоа време, туку самоуверената позиција што еден поет ја имал кога казните на судиите ги оценувал како „заслужени“.

Памфлетот на Лазаров не добива критичка реакција меѓу македонските писатели - колеги на татко ми, како што пишува Алекс Букарски: „Ниеден да го заложи својот авторитет и да ја доведе во прашање својата лична и професионална иднина и да смогне сили да напише некаков демант, одбрана, реакција на грозниот памфлет на Ристо Лазаров во „Комунист“.[33] Причината за отсуството критичка реакција е двојна –„индиферентностa“ (неутралноста) секогаш обезбедува удобна позиција „на страната на појакиот“, но, исто така, писателите биле паланечки опседнати со „достоинството“ на својот еснаф, како сега ќе се срамат да реагираат?! Во книгата „Полицајци на духот“ (1979) од Игор Мандиќ (влијателен и немилосрден хрватски критичар, кој првпат во Југославија ја отвори темата за потребата од дијалог помеѓу високата и ниската уметност) налетав на статијата „Писатели и велосипеди“ од 1976 во која го става на потсмев тажењето на Гане Тодоровски (во интервјуто за „Око“ од истата година), дека иако лично сака да се вози со велосипед, не може, и мора да се вози со автомобил затоа што: „(С)рамота е кога со брадата, килограмите и годините и функциите – би јавал на велосипед. Би бил луд, секако. Не за себе, туку за околината.... децата би ме гаѓале со камчиња, а што знам... можеби никој не би дошол да ме слуша на факултетот, гледај го овој, би рекле“[34] (подв. е мое). Мандиќ го користи Гане Тодоровски како парадигма за паланечката вообразеност од „писателското достоинство“. Писателот себеси се гледа како месија, „(Н)еговото постоење и движење низ светот е од судбинска важност за сиот наш народ“, вели Мандиќ и иронично додава: (Д)обога, кој на улица ги препознава дури и најпознатите наши писатели?. ... (И) кога сето ова не би било смешно, би било трагично“[35] . Писателот во комунизмот сметал дека мора да демонстрира трезвеност (деловност), навистина тоа го ограничува изборот, ја исцрпува енергијата, духот е во некое тивко очајание, натаженост што не може да се понижува, но „непрашаниот“ дух истовремено е и горделив - тој навистина паланечки ги „дига рацете“ од дреболиите што му се важни, но едновремено „на достоинството му се препушта со сета сила“[36] затоа што возвратно добива ослободеност од секаква критичка одговорност.

Еден од последните документи во досието на татко ми пред неговото аспење е оперативната забелешка од 3.7.1985, според која, македонскиот поет Анте Поповски бара примем во службата на РСВР на СРМ. Татко ми, според белешката, претходниот ден, на 2.7.1985: „(Г)о замолил Антета да го однесе со колата до дома, а по пат да му соопшти нешто...“ Откако не успеале да проговорат ништо за маката што го мачела татко ми веќе дванаесет години, но откако Анте забележал некаква конфузност и вознемиреност кај татко ми, Анте (цитирам од полициското досие на татко ми): „(П)ред изворот кажал дека цела ноќ не спиел, а идниот ден уште во 7 часот отишол кај изворот“ и на службите на РСВР-СРМ им ја раскажал вознемиреноста што ја видел кај татко ми во текот на возењето. (Види повеќе во главата „Тврдо крило“) Зошто македонскиот поет чувствувал потреба да зборува со полицијата за интимните потреси на своите колеги? Зошто дури и поетот, како гласноговорник на интимните исповеди на луѓето, чувствувал потреба секоја интимност автоматски да и’ ја пласира на полицијата? Македонскиот поет, овојпат во лицето на Анте Поповски, бил вработен, тој бил вработен како културно-политички работник на својата средина – тој творел, но тој и поткажувал. Поткажувал затоа што верувал во идеологијата, но и затоа што ја сакал онаа позиција на „ослободеност од критичката одговорност“ за која што пишува Мандиќ. Ако каже што го мачи Јован Котески, тогаш Анте Поповски е слободен и достоинствен, друг нека му ја мисли. Тој ќе застане на страната на појакиот (за себеси, секако, ќе мисли во термините на угодната „неутралност“) затоа што сака да остане достоинствен. Какви сега интимни маки од неговиот пријател, какви дреболии, треба да бидат предмет на неговата размисла, кога тој ги има своите години и фунции? И Анте би јавал на велосипедот на слободата, но тој е директор и поет, и како и професорот Гане Тодоровски, и тој мора да се вози со автомобил, за децата да не фрлаат камчиња по него, да не мислат дека е блесав. Тоа значи дека ако некој пријател влезе во неговиот автомобил и му ја раскаже својата интимна мака (удбашката уцена со која неговиот пријател живее цела деценија), тој ќе мора таа мака да ја обработува пријателски, ќе мора да го активира членството на писателите, ќе мора да побара евентуална солидарност од нив, но тој и самиот не може да почувствува таква солидарност, затоа тој мора сето тоа да го одработи трезвено, тоа навистина ја исцрпува енергијата, тој не спие са-ноќ, а утрото мора да разговара со некакви дибеци во полицијата, но достоинството чини, зар не? На овој бизнис на поткажувањето, тој му се препушта со сета сила затоа што знае дека е само таа ноќ и само тоа утро. Потоа, со месеци, тој е ослободен од секаква критичка одговорност, тој е слободен да јава на својот идеолошки автомобил. Тоа удобство е уште една од причините за тесната соработка на поетите и тајната полиција на комунизмот. Во системот во кој сите се виновни додека не се докаже спротивното, луѓето кои сакаат каков-таков успех, мора да се подложат на системите на полициско кодошење, за да го одржуваат својот успех. 

Врската меѓу поезијата и полицијата, конечно, се заокружува и со крвавиот распад на Југославија кој во најголем дел го „одработија“ точно интелектуалците, па и поетите. Жижек иронично пишува: „Ако стандардната дефиниција за војна е ’продолжување на политиката со други средства’, тогаш фактот дека лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ е поет, е повеќе од чиста случајност: етничкото чистење во Босна беше ’продолжување на (тој тип) поезија со други средства“.[37] (Патем, апсењето на Радован Караџиќ во јули 2008, кога излезе на виделина дека 13 години по Сребреница, тој се криел зад маската на духовен, авангарден исцелител, ја покажува немилосрдната врска помеѓу режијата на етничките чистења и сопственото „поетско“ пресоздавање на идентитетот).[38] За жал, случајот со Караџиќ не е само реторичка фигура. Патот до Осмата седница на ЦК на СК Србија од 23 и 24 септември 1987 (пресвртна точка од која Југославија зачекорува во војна - на таа седница Слободан Милошевиќ станува новиот вожд на Србија и Југославија), беше овозможен точно од работата на уметниците, научниците и интелигенцијата од САНУ.[39] Имено, две години порано, Српската академија на науките и уметностите (САНУ) на 25 мај 1985 изгласува тело што ќе го напише подоцна познатиот Меморандум – критичка оценка за состојбите во тогашна СФРЈ, во чие пишување учествувале 23 редовни и дописни членови на САНУ (околу 1/4 од вкупниот состав на Академијата), документ од 70-тина чукани страници кој го обликуваше воениот распад на Југославија.[40]


[1] Vlaisavljević, Ugo (2003): Lepoglava i univerzitet, op. cit., 29.
[2] Исто, 43.
[3] Исто, 56.
[4] Исто, 68.
[5] Borhes, H.L. (1990): Usmeni Borhes, Reč i misao, Beograd, 57.
[6] Исто, 54.
[7] Исто, 53.
[8] Според: Andrew, Christopher and Mitrokhin, Vasili (1999): The Sword and the Shield, TheMitrokhin Archive and the Secret History of the KGB, op. cit., 9.
[9] Rebić, Đuro (1990): Špiuni na tekućoj vrpci, op. cit., 48.
[10] Фабрио, Бисера: „Скандалозните мемоари на поранешниот шеф на ЦИА“, Глобус, Скопје, 15.05.2007, 71.
[11] Borhes, H.L. (1990): Usmeni Borhes, op. cit., 55.
[12] Andrew, Christopher and Mitrokhin, Vasili (1999): The Sword and the Shield, TheMitrokhin Archive and the Secret History of the KGB, op. cit., 9.
[13] Уште во првата советска тајна служба, Чека, поетите биле бројни. Ивица Боцевски пишува: „Според истражувањето на рускиот ’Центар за проучување на елитите’ при Руската академија на науките, дури 78% од испитаните 1061 најзначајни лидери во руското општество, политика, бизнис, медиуми имале соработка со разузнавачките структури, било цивилни било воени (испитувани се биографиите на членовите на Думата, градоначалниците на најголемите градови, гувернерите, „олигарсите“, новинарите, како и културните и образовните работници.“ „Како ли е само кај нас?“ oд блогот: Скопски времиња. Види: www.theskopjetimes.blog.com.mk 15.12.2006.
[14] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., 76.
[15] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 164.
[16] Ачкоска, Виолета (2003): Братството и единството 1944-1974. Помеѓу хармонија и дисхармонија, ИНИ, Скопје, 34.
[17] Gurguris, Statis (2004): Sanjana nacija, op. cit., 315.
[18] Marković, Predrag J. (2007): Trajnost i promena, op. cit., 42.
[19] Ле Гвин, Урсула (1973): Сталин во душата. Од: www.agora.org.mk/napis.asp?lang=mac&rubrika=2&id=50
[20] Žižek, Slavoj/ Lovink, Geert (1995): Reflections of Media and Politics and Cinema, 20 јуни 1995. Види: http://www.ntticc.or.jp/pub/ic_mag/ic014/zizek/zizek_e.html
[21] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., 118-9.
[22] Исто, 118.
[23] Исто, 116.
[24] Исто, 117.
[25] Исто, 117.
[26] Marković, Predrag J. (2007): Trajnost i promena, op. cit., 48.
[27] Славој Жижек, Недељом у два, интервју на ХТВ, Загреб, 3 февруари 2007.
[28] Македони„ум“, 4.3. 2007. Види: http://makedonium.blog.com.mk/node/72117
[29] Види во: Форум, 15.2.2008, Скопје, стр. 19.
[30] Трајаноски, Жарко (2007): „Црнила од Коле Чашуле“ од блогот Зомбификација, 6.8.2007. http://jasnesumjas.blogspot.com/2007/06/blog-post_7431.html
[31] http://www.manu.edu.mk/members/members.htm
[32] Лазаров, Ристо (1985), „Со бомби врз слободата“, во: Комунист, 6.12.1985.
[33] Букарски, Алекс, коментар на постот „Честитка!“ од блогот Продавница на тајни, 11.7.2008 Види: http://prodavnicanatajni.blog.com.mk/node/169234
[34] Mandić, Igor (1979): Policajci duha, op. cit., 57.
[35] Исто, 57.
[36] Константиновиќ, Радомир (2000): Филозофија на паланката, op. cit., 108.
[37] Žižek, Slavoj (2006): The Universal Exception, op. cit., 165.
[38] А потоа, Славој Жижек, Јулија Кристева, па и Радован Караџиќ (последниот во другата, садистичка смисла) се потврда дека Балканот е плодна почва за психоаналитичари. Исповедта, навистина, е зацврстена во католичките традиции, додека на Исток се верува во мрежата комшиски односи што ја обезбедуваат инфраструктурата за слушање исповеди. Но токму затоа Истокот има историја на солидно разработена мрежа на иследувања и доушништва, страв од внатрешниот непријател, прекрасна метафора за психоаналитичката работа врз несвесното. Кафка не е случаен производ на источниот дел од светот. Конечно и психоанализата и братоубиството се двата важни елементи на пост-комунистичкиот идентитет.
[39] Да се потсетиме на тезата на Еразмо Ротердамски: „Прашајте ги за ова само историчарите, па ќе откриете дека за државата најгибелни биле токму оние владетели кои се занимавале со филозофија или со литература.“ Ротердамски, Еразмо: Пофалба на глупоста, Три, Скопје, 2003.
[40] VIII Sednica CK SK Srbije. Nulta tacka “narodnog pokreta” (2007), Službeni glasnik, Beograd, 121-122.

Слики: Готфрид Хелнвајн

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови:

22. Хистеријата на Троцки, Темпо...

21. Хумор
 

20. Кодните имиња на УДБА 2

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

 

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

 

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

 

 

 



Слични содржини

Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото