Америка во векот на Азија

22.11.2011 12:46
Америка во векот на Азија

Два базена со водени каскади, на нултата точка во долен Mенхетен, ќе ги пополнат местата на кои порано се наоѓаа кулите-близначки, за на достоинствен начин да им се оддаде почит на жртвите од терористичкиот напад од 11 септември 2001 г. Веднаш покрај нив, кон небото енергично се крева моќна кула која ја проектираше архитектот Даниел Либескинд и која е речиси довршена – како симбол на победата на животот над силата на смртта. Жилавост – тоа е зборот кој се наметнува како дефиниција на впечатокот што го остава ова место, на кое, пред десет години, се одигра злосторство без преседан.

Во зградата во која еден ден ќе се смести меморијалниот музеј, можете да купите ДВД издание на „9/11: од хаос до заедница“. Нултата точка (Ground zero) е архитектонски и човечки доказ дека би било прерано, ако не и опасно, да ја отпишеме Америка како сила, и покрај економските маки и проблеми со кои таа денес се соочува. Америка има морални и интелектуални ресурси кои ѝ се потребни за заздравување.

Меѓутоа, она што е потребно истовремено не значи дека е и доволно. За да биде во состојба повторно да го најде својот пат, но и да го заузда своето слабеење на меѓународната сцена, Америка мора да се сврти кон прераспределба на своите внатрешни и меѓународни приоритети. Во периодот по Првата светска војна, победоносната Америка се повлече од глобалната одговорност, што имаше трагични последици по односот на силите во Европа, која беше оставена сама да се избори со своите внатрешни демони.

Наспроти тоа, по Втората светска војна, Америка успешно ги зауздуваше амбициите на Советскиот сојуз. Денес, за разлика од 1945, Америка не се соочува со непосредна опасност. Русија можеби е гласна (користејќи го постојаното членство во Советот за безбедност на ОН како мегафон), но таа претставува значително раситнет остаток од СССР. Исто така, иако национализмот на Кина, главниот соперник на Америка, во последно време стекнува сè поголема самодоверба, јасниот приоритет на комунистичкиот режим, кој е и клучот на неговата стабилност, е домашниот економски раст.

И навистина, единствената очигледна опасност со која Америка се соочува денес доаѓа од оружјата за масовно уништување кои би можеле да се рашират или да паднат во рацете на терористичките групи. Меѓутоа, соочувањето со овие закани не бара огромни воени буџети или стационирање голем број американски трупи низ светот. Америка има голема можност повторно да се сосредоточи самата кон себе – да ја поврати својата внатрешна сила, а истовремено да не се оттуѓи од светот. Или, со зборовите на Ричард Хас, претседателот на Одборот за меѓународни односи, Америка мора да влезе во фаза на „обнова“ на своите основни вредности.

Американската надворешна политика почнува дома, а тоа подразбира контрола врз буџетскиот дефицит на подолг рок, оживување на економскиот раст и создавање работни места на краток рок, како и решавање на проблемите со инфраструктурата која постепено пропаѓа. И навистина, застарената „модерност“ на Америка стана товар за нејзината конкурентност. Покрај тоа, таа ја расипува меѓународната слика за оваа земја и претставува ризик за нејзините граѓани.

Освен тоа, настапи и империјалниот замор. Поновата американска историја ја карактеризираат подеми и падови на ентузијазмот кога е во прашање ангажирањето во други земји. Кон средината на 1970-те, по војната во Виетнам, водена од моралистичките побуди на претседателот Џими Картер, Америка се определи за „регионализација“ на своите ангажирања. Меѓутоа, бидејќи опасноста од СССР сè уште постоеше, овие напори беа прерани (и веројатно изведени на погрешен начин).

Наспроти тоа, денес појдовната точка за преиспитување на приоритетите на Америка е повеќе економска одошто етичка. Меѓутоа, расудувањето и понатаму е исто, бидејќи се заснова на убедувањето дека од поголемото присуство на Америка во светот ќе произлезат поевтини и подобро организирани интервенции во иднина. Тоа значи дека надворешната политика на Америка – која последниве неколку години е карактеризирана со придавањето преголемо внимание на Блискиот исток, а премало на Азија – мора да ги прифати промените на своите приоритети.

Се разбира, во екот на револуции во арапскиот свет, Америка не може едноставно да го игнорира Блискиот исток. Покрај тоа, таа не смее да ја губи надежта кога станува збор за израелско-палестинскиот судир, ниту да крене раце од своите напори да ги заузда нуклеарните амбиции на Иран. Меѓутоа, Азија е местото на кое што денес се одвива историјата – и каде што Америка мора да ја дефинира својата долгорочна глобална стратегија.

Дали е потребно Америка да ја разгледа својата иднина на „Пацифичка заедница“, како што предлага Хенри Кисинџер во својата најнова книга „За Кина“? Оваа Пацифичка заедница, за разлика од Атлантската заедница од ерата на Студената војна, не би се засновала на заедничката култура и вредности соочени со непосредна закана, туку на заедничките интереси во „еден период на прераспределба на моќта во светскиот поредок“.

Жилавоста на Америка можеби е во спротивност со многуте слабости на Европа. Но, жилавоста нема да биде доволна. Америка мора повторно да влезе во форма, за да може да се соочи со предизвиците од утрешнината, што подразбира обновување на економскиот раст, намалување на дефицитот, како и подобрување на инфраструктурата. Парадоксално, само Америка која има повеќе самопочит ќе може да го прифати своето помало светско значење. Имено, секогаш полесно ќе се помириме со промените, ако сме ги презеле чекорите да се прилагодиме кон тие промени.

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото