Во делот од Македонија без интернет забележан пораст на продуктивноста од 200 %

22.11.2011 14:06
Во делот од Македонија без интернет забележан пораст на продуктивноста од 200 %

Скопје, 22 ноември 2011 (Окно). – Прекинот на оптичките кабли за време на почетокот на изградбата на турските висококатници во Скопје, кој предизвика пад на интернетот во поголем дел од Скопје, како резултат имаше зголемување на продуктивноста во земјата за околу 200 %, како и пораст на бруто националниот доход од околу 1 % за само еден ден, дознава Окно.

- Сакав, пред појадокот, да се закачам на Фејсбук и да гледам фотографии на непознати луѓе, малку да сурфам низ порно сајтови, да ги прочитам вестите и да уживам во мојот омилен сајт Окно. Меѓутоа, бидејќи немаше интернет, морав да правам нешто друго, па го поправив шпоретот, фрижидерот и машината за перење алишта кои работат расипани веќе со години и трошат огромно количество енергија. Благодарение на исчезнувањето на нетот, сега направив заштеда од околу 100 евра месечно – тврди Александар Голомешевски од Драчево, кој е само еден од илјадниците граѓани погодени од прекинувањето на интернетот и принудени да прават нешто корисно.

- Кога седнав зад компјутерот и видов дека нема интернет, морам поинаку да го организирам своето време и, наместо цел ден да зјапам на твитер, се стегнав и научив за последните два испити кои ми недостасуваа за конечно да завршам факултет. Сега ќе добијам покачување на платата од 15 % - вели Донка Пискачева, дипломирана правничка од Кисела Вода.

Според истражувањата на научниот институт од Трубарево, во работите кои е покорисно да се прават отколку да се дреме на интернет се и: косење на тревата, играње фудбал со пријателите, трчање по верверици во паркот, собирање салвети, дрогирање со хероин по ходниците, како и зјапање во ѕвезденото небо навечер.

Еднодневниот прекин на интернетот предизвика и зголемен број прошетки низ парковите, намалување на бракоразводните парници, како и поголем број несакани бремености.

Извор: Текстот е адаптација на следниот текст.