Против крдото

10.07.2009 14:16
banksy-(16)___.jpg

Некои медиуми веќе објавија дека Груевски има намера да го испади фамозниот Фуере од државава. На слична позиција се и некои јавни ликови од конзервативна провиниенција и блиски до власта, од нив најдиректен Алекс Букарски („време е Македонија да му се заблагодари на Фуере”).

За ликот и делото, и функцијата на Фуере не би сакал многу да коментирам. Ниту пак би се впуштил во дебата околу евроинтеграциите. Сепак, она што во случајов е дискутабилно е проблемот на македонската влада да ја прифати реалноста дека работите овде не чинат, поради неа самата. Уште попроблематично е што одговорноста за лошите впечатоци на странците (во случајов Брисел) за нејзината работа, ја префрла на нивниот претставник.

Критиката спрема Фуере е неаргументирана и ирационална и е водена исклучиво од претпоставката дека тој е виновен што европската мисија на Македонија е неизвесна. Во ниеден момент не се доведува во прашање политиката на власта. Одговорноста за македонските неуспеси е на внатрешните предавници, Грците, Фуере, еден ден можеби и некој друг, но никако тоа не е одговорност на владата.

Тоа е така зашто неразумниот ВМРОвизам никогаш нема да си дозволи да прифати критика, несогласување или да признае сопствена грешка. Моралната исправност на одлуките на Партијата, нивната преродбеничка мисија, терањето историски правдини и борбата за „вистинските” традиционални вредности се апсолутна вистина која не може да биде преиспитана и предизвикана. Кој мисли поинаку или кој делува поинаку е непријател и отпадник и за тоа има да плати.

Тука не станува збор само за Фуере. На пример, Уставниот суд, кој поништи многу од актите донесени од страна на парламентарното мнозинство на ВМРО, веќе подолг период е мета на напади од Партијата. Не би се осмелил да бранам државна институција (нити пак поддржувам изнудено молчење по одлуките на Судот), само би сакал да го посочам примерот на однесување на власта – гарнитура која има толкава концентрација на моќ се жали како да е во опозиција. Ако тие навистина не се спремни да ги исполнат нормите пропишани со Устав, или пак ако навистина Уставниот суд и „сублиминалниот субјект на моќ” кој стои зад него се толку силни за оваа гарнитура со толкаво мнозинство во парламентот и во сите нивоа на власта да не може да ги спроведе своите политики, тогаш тоа кажува за нивната неспособност. Типувам на првото, и поради тоа што директно и индиректно сум запознаен со тоа како политики се преточуваат во правни акти и воопшто не ме изненадува што таквите практики не можат да поминат пред повисоки инстанци.

Дека власта се однесува стихијно и нерационално во во ловот на луѓе кои не се согласуваат, особено во јавната дебата, може да се види од нивните прес-конференции кои најчесто како тема ја земаат опозицијата и нејзините наводни опструкции и заговори. Од друга страна, од нивната говорница или од нивните гласила, често стигаат фалби за тоа како власта има висок и растечки рејтинг, а опозицијата тоне се' повеќе. Тие две работи се повеќе или помалку контрадикторни – или пак на крајот на краиштата, се враќаме на претходното – власта која се плаши од слабата опозиција има сериозен проблем со прифаќањето на постоењето на противници. Впрочем, таквиот однос не е својствен само во односот власт – опозиција, туку се рефлектира и на сегменти од цивилното општество. Не беше така одамна кога распиштолената конзервативна демохристијанска православна МСУ се обиде да им го одземе правото на збор на „неверниците” Ерол, Велија и Керим. Претходно, правото на збор им беше одземено на „соросоидите” од ГЕМ. „Богохуљите” кои протестираа на плоштад во знак на несогласување со одлуки на власта (за градење црква), беа нападнати и загрозени, а сега се и тужени за „карање и викање” (веројатно ќе бидат и казнети). За случајот е доволно кажано и нема што да се додаде освен да и' се запали свеќа на слободата. Случајот е класичен акт на опресија, кој излегува од рамките на обично злосторство против човековите права; тоа е акт кој кажува многу за политичкиот профил на владејачката гарнитура. Па дури и еден Васко Глигоријевиќ беше затворен во лудница. Сликата која се презентираше во јавноста за него беше дека човекот е само еден лудак кој се противи на официјалната национална историографија и политика, и набргу потона во невидливост (последна слика остана докторката со крст на врат која ги набрка новинарите), за малку не предизвика меѓународен инцидент (се потераа автобус грчки активисти да го бранат Глигоријевиќ), а на истакнатите борци за македонска национална гордост им се остави можноста да пируваат и да тргаат сеир на кутриот Васко.

Дека нивната реторика тежнее да ги испади неистомислениците и различните, може да се види и во она за што се залагаат во поглед на решавање на најгорливите прашања (името и сл.) - постигнување општонародна согласност (или, во превод, сите социјални сегменти да ја прифатат нивната одлука). Така настапуваат и на избори – се обидуваат да формираат една (илузија на) широка маса која ќе клима позитивно со главите на секој збор на лидерството на Партијата – затоа се таквите популистички тенденции и ставениот примат на обезбедувањето национална кохезија.

Меѓутоа, таквиот приод е сосема погрешен. Формирањето една голема широка маса на „исто-мисленици” и тенденциите за постигнување било какво социјално единство (ДПМНЕ во самото име си има „единство”) многу лесно создаваат заблуди на моќ. Со тоа што власта си создава маса од истомисленици и следбеници, а во исто време оние кои размислуваат поинаку (опозицијата, Уставен, Фуере, „соросоидите”, Васко Глигоријевиќ итн.) се остракираат, власта си создава еден микрокосмос во кој таа витешки ја тера правдината, а сиот останат олош ја плаќа цената на судбината. Делумно тоа е така, зашто денес не може да се приговори на владејачката политика без последици (најмалку следи етикета, а најмногу – тужби, отпуштања, затварање во лудница?). Меѓутоа, од страна гледано, тоа е една типична тиранија на мнозинството, тоа е едно крдо (не стадо со овчар, туку крдо, стампедо), толпа од луѓе кои полека се откажуваат од својот индивидуализам на сметка на кохезијата на крдото, кои од тоа свое заедништво црпат доволно моќ да прегазат секаква различност.

Во социјалната психологија тој феномен се нарекува „групно мислење” и е поврзан со феноменот на конформизам. „Добредојдени се и омразените комунисти, стари и млади, секакви, кои ќе ги прифатат конзервативните начела, кои ќе се откажат од лажната социјална сигурност наспроти иницијативноста и земањето на работите во свои раце, или ако се откажат од сталинистичката униформираност во однос на индивидуализмот, секој има право на втора шанса, секој може да се преобрати.” - ќе каже Букарски. Она што тој го имплицира е недвосмислено – посакуваната ситуација е сите да се откажеме од различните определби и да го прифатиме ВМРОвскиот конзервативизам како свој и да ја тераме преродбата. Посликовит пример од повик за конформирање и терање на групно мислење (мислење како споделување на ист светоглед – конзервативен или каков и да е), не би можел ни да се измисли.

* * *

Наместо заклучок, би завршил со малку социјална психологија. Овде мора да се спомене “учебничкиот” пример за групно мислење и последиците од него. Имено, Ирвинг Џенис, во класичната студија “Жртви на групното мислење”, презентира повеќе случаи од сферата на меѓународната политика во кои одлуки биле носени со групно мислење, т.е. со консензус или изнасилен консензус и без приговори или без земање предвид на приговори на различномисленици. Резултатите кои тој ги добива е дека главно одлуките донесени со групно мислење се катастрофални. Како основен пример од неговата студија, со кој почнува секое предавање по социјална психологија на групно мислење, се зема фијаското на Американците на Куба, при инвазијата во Заливот на свињите во 1961. Никогаш американските генерали и воопшто политичкото лидерство не биле покохерентни во ставовите дали и како треба да се нападне Куба. Но, наспроти нивната самодоверба дека походот ќе биде лесна работа, за само 2 дена успеале да изгубат 4 до 5 илјади војници. После поразот многу од генералите и политичарите кои го ковале планот се произјасниле дека всушност и знаеле за некои од слабостите и недостатоците на нападот. Кога биле запрашани зошто не кажале порано, главно се правдале дека не сакале да го расипат единството кое преовладувало во нивните редови. (Дали нашиот Залив на Свињите беше Букурешт 2008?). Надоврзувајќи се на Џенис, но и на многу други класични социјални психолози (Милграм, Зимбардо, Еш) Кас Санстејн во 2003 ќе ја напише книгата “Зошто на општествата им треба несогласување”, во која теориски и емпириски ќе ја докаже народната: “кога сите мислат исто, никој не мисли”; но во исто време и ќе покаже како земањето предвид на различните мислења и особено на критиките и дисидентството, е клучен фактор во носењето одлуки кои ќе му помогнат на општеството на патот кон прогресот.

Слики: Банкси

Малку само-негирачки?

"Добредојдени се и омразените комунисти, стари и млади, секакви, кои ќе ги прифатат конзервативните начела, кои ќе се откажат од лажната социјална сигурност наспроти иницијативноста и земањето на работите во свои раце, или ако се откажат од сталинистичката униформираност во однос на индивидуализмот, секој има право на втора шанса, секој може да се преобрати.”
Реченицава ми е малку само-негирачка сама по себе. Прво налага прифаќање на начела, а после тоа бара откажување од униформираност, и земање на работите во свои раце.
Да бидам целосно искрен, општото расположение кај нас ми е некако како расположението во USA пред нападите на Ирак - Или го поддржуваш нападот и си патриот, или си против нападот и си предавник, ѓубре едно предавничко, комунистичко и француско!

нормално дека ти е

нормално дека ти е „само-неиграчка“ реченицата, не ја напишал Вуна. :)

ОкоБоли главаВицФото