Засади ја својата иднина

24.11.2011 13:01
Засади ја својата иднина

Сега работите стануваат појасни. Станува разбирлива и старата македонска поговорка: „Ако не знаеме да се попишеме, тогаш знаеме да се потпишеме“. Ете, значи, каде може да се види далекусежната политика на Владата, барем во делот на дрвата. Во таа смисла и слоганот „Засади ја својата иднина“ ја добива вистинската смисла. Колку повеќе дрвја ќе засадиме, толку повеќе целулоза ќе добиеме. Колку повеќе целулоза ќе имаме, толку повеќе хартија ќе произведеме. Колку повеќе хартија ќе произведеме, толку повеќе писма ќе пишуваме.

Овојпат сенародната петиција е за употреба на една придавка. Во случајот станува збор за придавката „македонски“. Следниот пат сеопштата петиција ќе биде против употребата на некоја придавка. Да речеме, некоја што означува географска одредница. Нека тврди кој што сака, ама Блаже Конески е дефинитивно во право кога вели дека придавките се мошне важни во македонската писменост. И во македонската политика, се разбира. Се разбира, идеи за потпишување има колку ти душа сака. Може, на пример, нашите земјоделци, работници и стечајци, нормално на чело со спортистите и чесната интелигенција, преку потпишување да се изјаснат за тоа дали земјата е тркалезна и дали сонцето се врти околу Македонија. Може да се направи петиција дали денот трае 24 часа и дали неделата има седум дена. Сето тоа се круцијални прашања за одбрана на нашиот идентитет, а особено за одбрана на идентитетот на нашата Влада.

Од друга страна, ако веќе не знаеме да изведеме една ординарна (ама скапа) статистичка операција, како што е пописот, тогаш и потписот игра улога. Можеби нема да знаеме колку жители има во државата, ама сигурно ќе знаеме кои се етнички Македонци по крв, а кои се по душа. И кои се предавници, а кои кодоши, што е, исто така, од круцијално значење за влез на странските инвестиции во земјата. Не дај боже, се залета така „Бенетон“ да отвори фабрика во оној мал простор што остана неослободен од слободните економски зони, кога таму градоначалникот да соработувал со тајните служби во 1961 година. И... што тогаш. Нема да не стават ни на оние нивни чудно-перверзни реклами.

Ете, на пример, охридскиот градоначалник Александар Петревски ја знае важноста на пописот во развојот на општината, па сега се во тек последните подготовки да се спроведе важната операција на евидентирање на вистинските охриѓани. Во овој охридски попис, освен стандардните прашање, граѓаните ќе треба да го искажат и своето мислење за туристите, со посебен акцент на викенд-посетителите, познати под името „скопјанишча“. Станува, значи, збор за неопходна генетска анализа на охридските мозоци, која е неминовен предуслов за да се изврши ингениозниот план на разграничување на Охрид од остатокот на безимената република. Според визијата на градоначалникот, секој што ќе сака да влезе во неговата нахија ќе мора да плати арач од едно евро. И така, замислете, ќе се зголеми општинскиот буџет. А, колку само ќе се збогати општинската каса кога ќе почнат да наплаќаат по десет евра за да замине човек од Охрид. Оваа идеја, ако уште не ја разработиле, на охриѓани им ја давам про боно. Ако и тоа не упали, дислокацијата на Охрид е секогаш актуелна. И тоа некаде каде што ќе бидат сосема сигурни дека туѓинци и натрапници нема никако да им го реметат нивниот внатрешен мир.

И, ете, додека Охрид се отцепува, останатите ја садат својата иднина. И додека обичните смртници одат по некои гадури и евентуално од некои причини сè уште не пошумени делови од нашата прекрасна земја, и тоа среде работна недела, Владата тоа го прави во сабота и во центарот на Скопје. Значи, сега е јасен одговорот на прашањето зошто Коце Трајановски мораше да ги исече липите од булеварот „Свети Климент Охридски“. Па, за да може Никола Груевски да засади нови. Оние липи беа од времето на социјализмот и како такви прилично неподобни за замислената античко-барокна вмро-вска иднина. Во очекување сме на сечење на оревот пред хотелот „Бристол“, кој е таму засаден уште од времето на најцрната комунистичка диктатура. А ако амбициите бидат доволно силни, се очекува сеча на пошумените делови на Водно, која за волја на вистината, започна уште кога некој генијалец се сети дека нема подобра рекреација на планина од возење во жичарница. Меѓутоа, работата остана некако недовршена, па се чини дека бујниот работноакцијашки активизам допрва ќе ги доживува своите стахановистички зенити.

Значи, како што е вообичаено, повторно се наоѓаме во историски времиња. Премиерот тоа, јасно, го насети и реши во клучниот момент за македонската историја да развие сеопшта дебата на едно од најважните прашања со кои се соочува македонското општество: дали треба на постарите малолетници (од 16 години нагоре) да им се дозволи да полагаат возачки испит? Во таа смисла, премиерот ги стави во погон сите свои капацитети, односно го постави ова прашање на својот фејсбук-профил. И го доби историското НЕ од македонскиот фејсбук народ.

Навистина, што ќе се случеше ако премиерот не беше таков визионер и без дебата, на пример, го донесеше овој закон. Веројатно родителите немаше да им дозволат на своите деца да полагаат возачки, ама тоа не е важно. Важно е дека за ова прашање „мислењето на јавноста е многу важно“, за разлика, на пример, од такви банални прашања како што е целосно реконпонирање на Скопје или амнестијата на хашките случаи.

Да, сега апсолутно сè е појасно. Уживајте во својата засадена иднина.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртеж: Алекс Парди

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото