Границите меѓу уметноста и пропагандата

24.11.2011 16:18
Границите меѓу уметноста и пропагандата

Зборувам за книжевната критика, а во светот во кој моментално живееме, тоа е обесхрабрувачки речиси колку и да зборувам за мирот. Ова не е време на мирот, а не е време и за критиката. Во Европа од последните десет години, книжевната критика од стариот вид, критика која навистина суди, која е скрупулозна, со отворен дух, која го третира делото како нешто што самото по себе вреди – стана речиси невозможна.

Ако се свртиме кон англиската литература во последните десет години, не толку кон литературата, колку кон доминантниот литерарен став, она што се забележува е дека таа речиси престана да биде естетска. Литературата е преплавена со пропаганда. Не велам дека сите книги напишани во овој период се лоши. Но, типичните писатели на времето, луѓето како Оден, Спенсер и Мекнис, беа дидактични, политички писатели, естетски свесни, се разбира, но повеќе заинтересирани за темата отколку за техниката. А речиси најживата книжевна критика беше онаа на марксистичките писатели, луѓето како Кристифер Кодвел, Филип Хендерсон и Едвард Апвард, кои на секоја книга гледаат како на политички памфлет и кои многу повеќе се заинтересирани за ископување на нејзините политички и општествени импликации отколку за нејзиниот литерарен квалитет во потесната смисла.

Ова е уште повидливо бидејќи создава остар и неочекуван контраст со периодот што претходеше. Типичните писатели од 1920-тите години – на пример, Т. С. Елиот, Езра Паунд, Вирџинија Вулф – беа писатели кои главниот акцент го поставуваа врз техниката. Секако, и тие имаа свои верувања и предрасуди, но беа многу повеќе заинтересирани за технички иновации отколку за моралната или политичката импликација што нивното дело би ја содржело. Најдобриот од нив, Џејмс Џојс, беше техничар и многу малку нешто друго; тој многу блиску се доближуваше од тоа да биде „чист“ уметник колку што еден писател може да биде. Дури и Д. Х. Лоренс, иако повеќе од другите негови современици беше „писател со цел“, немаше многу од она што денес би можеле да го наречеме социјална свест. И иако ова временски го ограничив на 1920-тите години, всушност тоа важи за периодот по 1890 година. Низ целиот овој период, забелешката дека формата е поважна од темата, забелешката за „уметноста заради уметност“ беше земана здраво за готово. Секако, имаше писатели кои не се согласуваа со тоа – Бернард Шо беше еден од нив – но тоа беше доминантниот став. Најважниот критичар во тоа време, Џорџ Саинтсбери, во 1820-тите беше многу стар, но имаше огромно влијание до 1930 година, а Саинтсбери секогаш цврсто го поддржуваше ставот за важноста на техниката во уметноста. Тој тврдеше дека може и ја проценува книгата исклучиво според нејзината реализација, нејзиниот стил, и беше речиси рамнодушен кон ставовите на авторот.

Сега, како да се согледува оваа ненадејна промена на ставот? Кон крајот на 1920-тите добивате книга како онаа на Едит Ситвел за Поуп, со целосно лекомислени акценти на техниката, која литературата ја третира како некој вид вез, како зборовите да немаат никакво значење: а само неколку години подоцна добивате марксистички критичар како Едвард Апвард кој тврди дека книгата може да биде „добра“ само ако има марксистичка тенденција. На некој начин и Едит Ситвел и Едвард Апвард беа претставници на своето време. Прашањето е: зошто нивниот став е толку различен?

Мислам дека причините треба да се побараат во надворешните околности. И естетскиот и политичкиот став кон литературата беа создадени, или на некој начин условени од општествената атмосфера во одреден период. А сега кога еден друг период заврши – бидејќи со нападот што Хитлер го изврши врз Полска во 1939 година заврши една епоха како што со големата криза во 1931 година заврши друга – може да се направи поврзување со минатото и многу појасно да се види дека пред неколку години беше можно ставовите за литературата да бидат под влијание на надворешните настани. Она што го забележува секој кој ги набљудува последните сто години е дека книжевната критика за која вреди да се размислува, и критичките ставови кон литературата, речиси и да не постоеја во Англија меѓу 1830 и 1890. Не дека во тој период не беа издавани добри книги. Неколку од писателите од тоа време, Дикенс, Такери, Тролоп и други, веројатно ќе бидат запаметени подолго од некој друг што дојде по нив. Но, во викторијанската Англија нема книжевни фигури од типот на Флобер, Бодлер, Готје... Она што сега се појавува како естетичка скрупулозност едвај и да постоеше. За англискиот писател од средниот викторијански период, книгата делумно беше нешто што му носи пари, а делумно средство за држење проповеди. Англија брзо се менуваше, новата збогатена клас изникна од урнатините на старата аристократија, врската со Европа беше пресечна, а долгата уметничка традиција беше нарушена. Англиските писатели од средината на 19-тиот век беа варвари, дури и кога се случуваше да бидат талентирани уметници, како Дикенс.

Но подоцна во векот, врската со Европа повторно беше воспоставена преку Метју Арнолд, Патер, Оскар Вајлд и многу други, а почитта за формата и техниката во литературата се вратија. Од овој период потекнува идејата за „уметноста заради уметноста“ – фраза која денес во голем степен е старомодна, но сепак, според мене, најдобра од оние кои се достапни. А причината зошто можеше да живее толку долго, и толку многу да биде земана здраво за готово, лежи во тоа што целиот период меѓу 1890 и 1930 година беше период на исклучителна удобност и безбедност. Тоа беше она што би можеле да го наречеме златното попладне на капитализмот. Дури и Првата светска војна не го наруши тоа. Првата светска војна уби десет милиони луѓе, но не го затресе светот како што оваа војна ќе го затресе и веќе го тресе. Речиси секој Европеец меѓу 1890 и 1930 година живееше во премолченото верување дека цивилизацијата вечно ќе трае. Можевте индивидуално да бидете среќен или несреќен, но внатре во вас имавте чувство дека ништо значајно никогаш нема да се промени. И во таквата атмосфера интелектуална исклученост, а исто така дилетантизмот, беа можни. Тоа чувство на траење, на безбедност, беше можно да предизвика еден критичар како Саинтсбери, вистински стар закоравен ториевец и верник, кој може да биде скрупулозно чесен кон книгите напишани од луѓе чии политички и морални погледи ги презирал.

Но, од 1930 година тоа чувство на сигурност веќе не постои. Хитлер и рецесијата го разнишаа и дури и руската Револуција успеа да го разниша. Писателите кои се појавија по 1930 година живееја во свет во кој не само индивидуалниот живот, туку и целата шема на вредности постојано е доведена под прашање. Во такви околности исклученоста не е можна. Не можете од чисто естетска гледна точка да се интересирате за болеста од која умирате; не можете да бидете непристрасен кон човекот кој се обидува да ви го пресече гркланот. Во светот во кој Фашизмот и Социјализмот се борат еден против друг, секој оној што размислува мора да заземе страна, и неговите чувства мора да се пробијат не само во неговото пишување, туку и во неговите оценки за литературата. Литературата мора да стане политична, бидејќи сето останато ќе бара интелектуална нечесност. Прикачувањата и омразите се премногу блиску од површината на свеста за да можат да бидат игнорирани. Она за што зборуваат книгите изгледа толку итно важно што начинот на кој се напишани изгледа речиси неважно.

А овој период од десеттина години во кој литературата, дури и поезијата, беше измешана со памфлетството, и’ направи голема услуга на книжевната критика, бидејќи ја уништи илузијата за чистиот естетизам. Нè потсети дека пропагандата во една или друга форма демне во секоја книга, дека секое уметничко дело има значење и цел – политичка, општествена, религиска цел – дека нашите естетски судови секогаш се обоени од нашите предрасуди и верувања. Ја разниша идејата за уметноста заради уметност. Но, истовремено водеше и во слепа уличка, бидејќи предизвика голем број млади писатели да ги поврзат своите умови со политичката дисциплина која, ако се држат цврсто до неа, интелектуалната чесност ќе ја направи невозможна. Во тоа време единствената мисла која им беше отворена беше марксизмот, кој бараше националистичка верност кон Русија и писателот кој себеси се нарекуваше марксистичко го присилуваше да се меша во валканоста на моќта и политиката. И дури ако тоа беше пожелно, идеите врз кои овие автори градеа одеднаш беа разнишани со руско-германскиот пакт. Онолку автори кои околу 1930 година открија дека не можеш навистина да биде исклучен од современите настани, толку автори околу 1939 година откриваа дека не можеш навистина да го жртвуваш својот интелектуален интегритет за доброто на политичкото кредо – или барем не можеш да го направиш тоа и да останеш писател. Естетичката скрупулозност не е доволна, но исто така не е доволна и политичката чесност. Настаните во последните десет години нè оставија да висиме во воздух, предизвикаа Англија одредено време да биде без никаков јасен литературен тренд, но ни помогнаа да ги дефинираме, подобро отколку што тоа беше можно порано, границите меѓу уметноста и пропагандата.

1941.

Извор: orwell.ru

ОкоБоли главаВицФото