Кошмарот на рецесијата

28.11.2011 13:21
Кошмарот на рецесијата

Гласините за тоа дека Барак Обама ќе биде избркан започнаа во Берлин и Париз, каде што се шушкаше дека на САД би требало да им се наметне технократска влада за оваа земја да се спаси од должничката криза, а светот од депресија. Германија, Кина и ММФ почнаа зад кулисите да работат на бркањето на Обама од Белата куќа. По намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, Обама ја изгуби довербата на светската влада во сенка и поднесе оставка. Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, кој се збогати на берзата и испрати полицијаци на демонстрантите од „Окупирај го Волстрит“, беше повикан да положи заклетва.

Под притисокот на доверителите од Пекинг, американскиот конгрес ја предаде финансиската власт на „шестчлената банда“ која го прифати надгледувањето од страна на Кина и Германија...

Ваква „параноидна фантазија“ употреби еден коментатор на Њујоркт тајмс (Ross Douthat: „Conspiracies, Coups and Currencies“), за да поентира дека во Грција и Италија се подгреваат сомнежите дека таква би можела да биде реалноста на политиката во 21-от век.

И другите се саркастични. Антиамерикански расположениот претседател на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, во Лондон изјаву дека индустриските земји не се способни да донесат исправни одлуки кои би ја исправиле штетата што ѝ ја нанесуваат на светската економија. Прашан за какви мерки мисли, Дантос одговара: „На истите оние кои тие земји ни рекоа дека ние во Латинска Америка мораме да ги преземеме...“

На притисокот од Американците дека Кинезите мораат да го сменат курсот на јуанот, поради ризик од нестабилност, кинескиот потпретседател на владата лаконски изјави: „Подобро нестабилен раст одошто стабилна рецесија!“

Американците се возбудија и поради трговскиот дефицит со Кина кој во август годинава достигна 29 милијарди долари месечно, што значи дека годинешниов дефицит ќе биде поголем од минатогодишните рекордни 273 милијарди долари.

Весникот Christian Science Monitor утврди дека тврдењето оти Американците сега работат за Кина е претерување – најголем дел, 53% од државниот долг на САД го држат американски фондови, а странците 47%; најголемиот доверител на американската влада, Кина, држи само 9,8% од долгот, следи Јапонија со 9,6%, Британија со 5,1%, извозниците на нафта (Саудиска Арабија, Оман, Обединетите Арапски Емирати и др.) со 2,6%, Бразил со 1,8%...

И покрај загриженоста, немаше договор во американскиот конгрес за измените на пакетот за намалување на данокот усвоен за време на администрацијата на Буш, кој истекува 2012 г. Бидејќи нема договор, се најавува намалување на издатоците за воените трошоци, образованието и здравствената заштита, а се најавува и намалување на американскиот кредитен рејтинг. Германскиот весник Шпигел потсетува дека според податоците на Светската банка, САД трошат 4,7% од БДП на своите вооружени сили, а дека Пентагон голта дури 40% од вкупната светска воена потрошувачка..

Американците ја критикуваа Европа „што не е Америка“, додека Европејците главно негодуваа.

Се кршат копјата меѓу „еврофедералистите“ и „евроконфедералистите“, меѓу должниците и доверителите, меѓу монетаристите и кејнзијанците, додека во еврозоната во домино-ефект паѓаа влади: во Португалија, Грција, Италија, Ирска и Шпанија.

А долгот? Долгот е толку голем што самиот се грижи за себе, како што еднаш се изрази американскиот претседател Роналд Реган.

Германската премиерка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон на 18 ноември преговараа во Берлин, по германско-британската „таблоидна војна“ по повод изјавата на блискиот соработник на Меркел, Фолкер Каудер: Jetzt wird in Europa Deutsch gesprochen! (Сега во Европа се зборува германски!)

Британците се противеа на промените на Лисабонскиот договор насочени кон зајакнување на централните европски институции, што ги предлагаа Германците и Французите, а посебно се возбудија поради предлогот за воведување данок на финансиските трансакции, со оглед на тоа дека најголем број такви трансакции се одвиваат во Лондон. Некои британски весници овој предлог го нарекоа „стрелање во срцето на Лондон“, а некои му порачуваа на Саркози „да го одданочува кашкавалот“.

Британците без успех се обидуваа да зборуваат во името на десетте земји од „не-еврозоната“, но шест од тие десет земји (Бугарија, Романија, Полска, Летонија, Литванија, па и Данска, која на референдум го отфрли еврото) во очекување на помош се решија за „германската медицина“: да бидат дел од Евро-плус пактот, да ги спроведат реформите кои опфаќаат кревање на старосната граница за пензионирање и условување на зголемувањето на платите со зголемување на продуктивноста.

Европската комисија и нејзиниот претседател Жозе Мануел Баросо и понатаму го туркаат предлогот сите државни обврзници во еврозоната да се претворат во евро-обврзници за кои би гарантирале сите 17 членки.

Покрај клучните зборови како „банкарска независност“, „култура на стабилноста“ и „кредибилност“, Јенс Вајдман, новиот претседател на Бундесбанката, енергично ѝ се против на таа идеја додека го притискаат од Брисел, Париз и Вашингтон.

Во текот на спорењето за откупот на владините обврзници за време на економската криза пред шест месеци оставка поднесе и претходникот на Вајдман, Аксел Вебер. Тој се почувствува осамен во Европската централна банка во Франкфурт, каде што Малта има еднаков глас како и Германија. Тој отпор во Германија има историски корени. Самостојноста на Бундесбанката, додека Германија беше само „три-зони“, но и во времето на Конрад Аденауер, ја нацртаа сојузниците за да спречат сите гранки на власта да паднат во исти раце, како што беше во времето на Хитлер. Исто така, во Германија живее и сеќавањето на монетарниот крах на Вајмарската република.

Кој кому должи?

Германија им должи: на Франција 208 милијарди евра, на САД 174, на Италија 202, на В. Британија 141, на Јапонија 108 милијарди евра.

Германскиот БДП изнесува 2,4 трилиони евра.

Надворешниот долг на Германија изнесува 4,2 трилиони, што претставува 176% од БДП, или 50 659 евра по жител. Јавниот долг изнесува 83% од БДП.

Нивото на ризик е мало.

Грција им должи на: Франција 41,4 милијарди евра, Германија 15,9, Британија 9,4, Португалија 7,5, Италија 2,8 милијарди евра.

БДП: 200 милијарди евра.

Странски долг: 400 милијарди ерва, 252% од БДП, 38 073 евра по жител. Владиниот долг изнесува 166% од БДП.

Нивото на ризик е високо.

Италија им должи на: Франција 309 милијарди евра, Германија 120, САД 34,8, Јапонија 32,8, Шпанија 29,5 милијарди евра.

БДП: 1,2 трилиони евра.

Странски долг: 2 трилиони евра, 163% од БДП, или 32 875 евра по жител. Јавниот долг изнесува 121% од БДП.

Нивото на ризик е високо.

Португалија им должи на: Шпанија 65, Германија 26,6, Британија 18,9, САД 3,9, Италија 2,9 милијарди евра.

БДП: 200 милијарди евра.

Странски долг: 400 милијарди евра, 251% од БДП, или 38 081 евро по жител. Јавниот долг изнесува 106% од БДП.

Нивото на ризик е високо.

 

Извор: vreme.com