На последниот претседател на владата

30.11.2011 14:01
На последниот претседател на владата

Анте Марковиќ беше дете на Стопанската реформа од 1965 година. Режимот на Тито се соочи со неодржливоста на дотогашниот економски модел и стопанските субјекти во голема мерка ги препушти на законите на пазарот и на реалното сметководство. Ефектите беа благотворни, можеби и спектакуларни. Земјата доживеа туристички бум, пораснаа животниот стандард и куповната моќ, а на улиците на југословенските градови се појавија, дотогаш незамисливи, сообраќајни метежи. Со Стопанската реформа, која официјално се толкуваше и како „вклучување во светската поделба на работата“, довршен е процесот на враќањето на Југославија во западната културна хемисфера. Шеесеттите години беа златното време на југословенската пролет.

Марковиќ припаѓаше на генерацијата партизани и скоевци кои по војната ги завршија студиите и на бранот на Стопанската реформа ги заменија старите комунистички директори. Новата слободата која ја уживаа стопанските субјекти им отвораше простор за креативен менаџмент и можност на лице место да дознаат сè за недостатоците на социјалистичкиот економски модел и за железната логика на пазарот. Беа менаџери со западни манири, заминуваа на деловни ручеци, зборуваа странски јазици, знаеја да врзат кравата, користеа службени автомобили и, што е најважно, беа експерти за својата работа. Предизвикуваа завист, прво кај болшевичките медиокритети, а во 1968 година и кај студентите кои, од некоја мистична причина, особено се ужасуваа баш од службените автомобили. Емерик Блум, директорот на Енергоинвест користеше и хеликоптер за што партиските раководства расправаа како за случај.

Јасно, сите нови стопанственици беа членови на Партијата, но своите сталинистички другари ги гледаа како нужно зло, како зададена реалност која еволуцијата на системот постепено ќе ја истурка, а се чинеше дека системот е способен за еволуција. Партијата не ја гледаа како нешто свето, туку само како незаобиколна институција на системот зашто за нив бизнисот беше моторот на напредокот, а во напредокот веруваа сите. Дисциплинирано доаѓаа на состаноците на партиските ќелии, на комитетите и на централните комитети зашто го почитуваа ритуалот, но таму им беше здодевно и се дистанцираат од политички расправи. За нив политиката беше неизбежна, но и несериозна претстава која се разминува со суштината зашто за нив само производството и трговијата беа реални и животни. Беа сериозни луѓе кои работата 24/7 и, иако номинално припаѓаа на естаблишментот и номенклатурата, за политиката едноставно немаа време.

Интересна е моралната и психолошката еволуција со која тие луѓе се отуѓуваа од комунистичката идеологија. Деловните контакти со Западот и стопанското секојдневие дискретно ги упатуваа на либерализмот во кој го препознаа системот кој, во однос на за’рѓаниот социјализам беше упадливо поефикасен во производство на благосостојба и слобода. Истовремено, новата класа на југословенските менаџери заради својот рационализам и скоевската младост остана верна на антифашизмот, а како деловни космополити кои за пазарот научија сè, беа незаинтересирани за национализмот. Комбинацијата на нивните прозападни, либерални склоности и комунистичкиот бекграунд, ги направи социјално чувствителни. Во нивните фирми работниците имаа добри плати. На креативното и рационално соединување на најдобрите делови на социјализмот и либерализмот историјата не им даде можност, за што придонесе и откажувањето на Тито од Пролетта во почетокот на седумдесеттите години. Во тоа движење способните стопанственици се нарекувани технократи, технобирократи или техноменаџери. Тоа беше опасна квалификација која уништи кариери на многу успешни стопанственици, но и евтина демагогија која и’ годеше на масата самоуправувачи бесни на службените патувања на директорите и на нивното пиење виски. Многу подоцна ќе стане јасно дека слободата и ефикасното стопанство, воопшто земските вредности, подеднакво ги соблазнуваат и сталинистите и националистите, загледани во црвените утра и небесните царства.

Од денешна перспектива, таквите тврдење изгледаат бизарни, но политичкиот рационализам, либерализам и космополитизам во Југославија најсилно упориште имаа во Сојузот на комунисти. Оваа организација беше многу хетерогена, поделена на либерална, сталинистичка, националистичка и, можеби најмалата, изворно титоистичка фракција која всушност компромисно ги опфаќаше сите фракции. Опозицијата користеше демократска реторика од тактички причини, но претежно беше националистичка, ако не и фашистичка.

Либералите во Партијата веруваа дека системот можат многу полека и безболно да го променат однатре и така да не го доведат под прашање неговото, цивилизациски непроценливо, антифашистичко и интернационалистичко наследство. Со причина се плашеа дека наглата демонтажа на системот ќе создаде вакуум кој ќе го исполнат националистите. Анте Марковиќ беше парадигма на таквата политичка тактика.

Под неговото раководство „Раде Кончар“ стана бренд за локомотиви, трансформатори, генератори и бела техника. Многу југословенски компании кои во шеесеттите години ги поставија „технократите“ од ковот на Марковиќ имаа углед на европскиот и на светскиот пазар така што стереотипната претстава за слабиот квалитет на југословенските производи заслужува внимателно преиспитување. „Кончар“ беше доволно голем за да биде поштеден и од систематското уништување на хрватската индустрија во деведесеттите години. Дури ни непожелното име на компанијата не е променето.

Во осумдесеттите години Анте Марковиќ извршуваше највисоки државни должности во Хрватска, Беше претседател на владата и претседател на републиката. Карактеристично е тоа што никогаш немаше висока партиска функција, без да се смета ритуалното членство во централниот комитет. Во времето додека Србија се задушуваше во врутокот од фашизоидни митинзи и додека Словенија талкаше меѓу демократизацијата, национализмот и оксиморонот наречен демократски национализам, хрватската политика беше смирена и конструктивна. Тоа прагматично одбивање да се преземе дискурсот на судирот, националистите подоцна презриво ќе го нарекуваат „хрватски молк“. Самиот Марковиќ беше посветен на обидите хрватското стопанство да го спаси од економскиот хаос и вешто ги избегнуваше политичките теми со што испраќаше јасна порака која ретко кој ја сфати: Рационалната економија е реалноста и животот; политичката ирационалност е илузија и смрт.

Беше несомнено најдобар кандидат за претседател на сојузната влада. Милошевиќ го форсираше својот човек Борисав Јовиќ и се согласи на изборот на Марковиќ (изборот на претседател на владата беше невозможен без согласност на сите републики и покраини) дури кога за министер на внатрешни работи лукаво му го подметна народниот херој Петар Грачанин. Марковиќ подоцна ќе каже дека не можел да се спротивстави на влезот на титовиот генерал во владата во која Грачанин, заедно со Вељко Кадијевиќ, ќе ја одигра улогата на Тројански коњ на Милошевиќ.

Протуркувајќи го Законот за претпријатијата низ сојузното собрание, Анте Марковиќ во 1989 година тивко го укина социјализмот во Југославија. Со овој закон, која беше еден од најлибералните трговски законици во Европа, легализирана е неограничената приватна сопственост над таканаречените „средства за производство“. Илјадници граѓани ги запоседнуваа судските регистри, каде што го впишуваа основањето на своите мали фирми. Невозможно е доволно да се нагласи значењето на овој пресврт за кој многумина не беа свесни, а некои свесно го игнорираа зашто националистичката и антикомунистичката хистерија што надоаѓаше ја правеше излишна и депласирана.

Наспроти оваа хистерија Марковиќ се донесуваше исто како во златното време на „Кончар“, кога ги заобиколуваше пречките со кои партијата се обидуваше да ја прекине логиката на здравото стопанисување. Сметаше дека национализмот ќе испадне смешен во огледалото на слободната трговија и, воопшто, на слободното општество посветено на производство на живот. Се воздржуваше од политички пораки, но токму со тоа експлицитно порачуваше дека се занимава со Суштината и дека нема време за глупости додека националистичките медиокритети целуваа мошти и додека плачеа над лицитаторските срца. Многу подоцнежни анализи ова му го припишуваа како грешка, дури и како политички аматеризам, но Марковиќ знаеше дека дијалогот со националистите е невозможен, дека тие зборуваат на некој друг, нереален, шамански јазик и дека е најдобро да се остави да испаднат смешни. Немаше избор освен против националистите да игра va banque на тој начин што ќе зборува со јазикот на разумот и благосостојбата. Се обидуваше да добие време. Навистина, на граѓаните на Југославија требаше да им се даде време да се навикнат на приватната иницијатива, на слободното располагање со девизи, на португалските вина, на данските сирења и вистинскиот, оригинален Марлборо со конвертабилната плата во џебот да сфатат дека зад националистичкото слаткоречивост се крие подготовка за грабежно убиство. Не треба да се заборави дека Марковиќ не беше закоравен либерал, туку од девизните резерви, а тие беа меѓу најголемите во Европа, планираше да одвои милијарди долари за социјално згрижување на работниците кои заради ликвидацијата на нерентабилните социјалистички претпријатија би ја загубиле работата. Милошевиќ, Туѓман, Кучан и Кадијевиќ сфатија дека мораат да стапат во акција и дека исходот зависи од тајмингот. Знаеја дека ќе бидат затечени како анахрони и мошне одвишни страшила ако на демократската, либерална и граѓанска Југославија која се раѓаше и’ остават доволно време да се стабилизира. Мнозинството граѓани не сфатија, не сакаа да сфатат, или не им беше дозволено да сфатат, дека неполни десет месеци живееја во Третата Југославија: од декември 1989 година, кога Марковиќ во сојузното собрание ги покажа банкнотите на конвертибилниот динар, до септември 1990 година, кога со донесувањето на уставот на Милошевиќ, Југославија престана да постои.

Пропагандната сатанизација на сојузната влада беше соодветна, предвојничка подготовка за војна, а само војната можеше националистите да ги спаси од Анте Марковиќ и од европската цивилизација и демократија, со други зборови: од губењето на власта. Војната беше нивниот window of opportunity кој не смееја да го пропуштат и затоа дејствуваа брзо и ефикасно. Знаеја дека со пропуштањето на оваа можност засекогаш ќе исчезнат од историската сцена и дека ќе останеа запаметени само како бизарна аномалија. Доколку не успеаја, и никогаш да не заборавиме дека постоеше шанса да не успеат, некои градови и многу луѓе никогаш не би знаеле дека им се закануваше разурнување, смрт и царското небесно.

Ви благодарам, господине Претседателе. Направивте сè што беше можно. Националистите и така победија уште кога го испукаа првиот куршум.

Извор: pescanik.net

prekrasen tekst. blagodaram

prekrasen tekst. blagodaram

Se pravat budali i ovoj sto

Se pravat budali i ovoj sto go pisuval tekstot i bivsiot ni pretsedatel na vlada. Najgolemata greska bese sto dozvolija da ima razlicni nacii po 1945. Da bev jas, od 29 Noemvri 1945 ke imase samo Jugoslavija so Jugosloveni kako nacija i TOCKA. Nacionalizmite se naogjaa vo samiot koren na FNRJ, SFRJ itn. Vakvi revizii ne se potrebni

Eeeee, Petar, posle bitka

Eeeee, Petar, posle bitka site generali se pametni

Pa i samiov tekst e "general

Pa i samiov tekst e "general posle bitka"...

ОкоБоли главаВицФото