Дигиталната меморија на Европа

02.12.2011 15:39
Дигиталната меморија на Европа

Heuritage е проект организиран во Европа со цел создавање дигитална меморија на заедницата и претставува интернет платформа која се занимава со дигитализацијата на историјата и меморијата на локалните заедници, здруженија, културни центри и поединци. Таа меѓусебно ги поврзува и им дава можност за закачување фотографии, списанија и филмови со цел создавање база на нивните дигитални мемории.

Самото име Heuritage во себе ги содржи основните одредници на платформата: наследство (анг. heritage), просторот на Европа – ЕУ, и време (анг: age). Платформата, освен пребарувањето на целокупната база на податоци по локалитети, периоди и голем број категории, како фотографии од школи, слободно време, работа итн. овозможува и креирање локални страници кои ја создаваат дигиталната историја на одреден крај. Досега градовите и регионите како Гансхорен, Лакен и Андерлехт во Белгија, Храдец Кралове во Чешка, Париз во Франција, Палермо во Италија, Њупорт во Велс, Лимасол на Кипар, регионот Досмод во Унгарија, Краков во Полска и Куелуз во Португалија имаат свои локални страници на кои се собираат фотографиите и другите документи со цел препознавање на историјата низ дигитализираниот визуелен материјал.

Програмата настана од иницијативата Grundtvig, програма за едукација на постарите на Европската комисија. Почетната идеја беше дека постарите граѓани се живи носители на меморијата, како и дека во семејните албуми имаат куп фотографии кои верно можат да ја илустрираат богата историја на нивниот крај. Компјутерот и интернетот се средства со кои овие материјали на сите им стануваат достапни, а целта на Heuritage беше да ги оспособи постарите граѓани за учество во проектот. Сепак, на Heuritage секој кој сака да го подели својот дел од историјата може да го направи тоа со регистрација на нивниот сајт.


Извор: pogledaj.to