Аутонама, фудбалски тим составен од книжевници

05.12.2011 14:33
Аутонама, фудбалски тим составен од книжевници

Дали сте слушнале за „Аутонама“? Тоа е скратеница за германскиот национален тим книжевници. Тимови со фудбалери-поети постојат и во други земји: Турција, Италија, Шведска, Финска, Израел, Саудиска Арабија, Аргентина и др.

Во германската репрезентација има над 30 писатели. „Аутонама“ се наоѓа под покровителство на Фудбалскиот сојуз на Германија кој на тој начин, на едно сосем поинакво ниво, ги поврзува германските автори со нивните колеги од странство. Па така, на фудбалските терени се раѓаат и идеи за нови книги.

Фудбалски терен во центарот на Берлин. Вештачка трева. Рефлектори. Екипата тренира. На прв поглед ништо необично. Но оние што играат не се обични фудбалери. Натписот на нивните дресови ни открива: овде тренира Аутонама, репрезентацијата составена од германски книжевници.

„Тренираме еднаш неделно и се обидуваме секоја втора недела да организираме пријателски натпревари со екипи на наша возраст. Понекогаш пред големите турнири имаме и камп за тренирање. Јас сум овде уште од почетокот, кога трениравме на детски игралишта“, вели Франк Вилман, кој е автор на неколку книги за фудбалот, меѓу кои и една за фудбалските хулигани во поранешната Германска Демократска Република.

Но, се разбира, на тревата можат да се најдат и поети, романописци и драматурзи. Романописецот Норберт Крон вели дека е посебно среќен што со колегите книжевници повеќе не се среќаваат само на книжевните дискусии.

„Кога ќе се сретнеме со Израелците, Швеѓаните или Италијанците во ситуации како што се фудбалските натпревари, тогаш овие средби стануваат многу понепосредни, а со тоа и пристапот кон литературата станува сосем поинаков. И како што познатите фудбалери се борат против расизмот и дрогата, ние сме културните мисионери на Фудбалскиот сојуз на Германија. На тој начин писателите низ фудбалот градат мостови со другите земји“, вели Крон.

Дека тоа добро им оди покажуваат бројните турнири кои досега ги организираа со колегите од Италија, Шведска или Саудиска Арабија. Една од тие средби за драматургот Мориц Ринке останала во добро сеќавање.

„Кога еднаш ги доведовме Израелците овде во Берлин, на Олимпискиот стадион, тогаш ја изведовме израелската химна. Тоа беше од голема важност за некои од израелските автори. Многумина од нив ги беа изгубиле своите дедовци во концентрационите логори, и за првпат се наоѓаа во Gерманија, каде што читаа извадоци од своите книги. На тој начин меѓу новите поколенија беа изградени нови мостови.“

А тоа токму она што германските книжевници го сакаат: да изградат мостови со другите земји, и истовремено луѓето низ нивната книжевност подобро да ја запознаат Германија.

Извор: deutsche welle