1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Како премиер, во текот на изминативе четири години, Владимир Путин всушност никогаш не исчезна од сцената. Но неговата реинкарнација во вид на семоќен извршен претседател на Русија – односно, кажано со кинеска терминологија „врховен водач“ – претставува голем предизвик за кој САД, Британија и другите загрозени западни сили изгледа дека не се сосем подготвени. Како претседател, потенцијално сè до 2024 г., Путин има една главна цел: создавање трета, постцаристичка и постсоветска, руска империја.
Познато е дека Путин пропаѓањето на Советскиот сојуз, кој Роналд Реган го нарекуваше „империја на злото“, го опиша како „најголемата геополитичка катастрофа на векот“. По парламентарните избори викендов и претседателските избори во март, негова цел ќе биде да ја поправи таа катастрофа. Кога ќе се најде повторно на позицијата претседател, Путин ќе има неприкосновена контрола над руската надворешна политика.
Главниот политички трик на Путин, кој никогаш не бил претерано заинтересиран за домашната политика, отсекогаш бил рововскиот отпор на гордата но загрозена Русија кон светската завера која ја предводат САД. Меѓутоа, тоа е трик кој пали. И покрај растењето на критиките во текот на предизборната кампања за изборите за Думата, и приврзаниците и противниците му оддаваа признание за негово ангажирање во обновувањето на светскиот углед и положба на Русија по хаотичниот период под Елцин во 1990-те години.
Прифаќајќи ја претседателската номинација на својата партија Обединета Русија (Единственная Россия), минатиот месец Путин, во инаку здодевниот говор, изјави: „кога ќе слушнам како луѓето извикуваат ’Русија’, помислувам дека сите во публиката би требало да го прават тоа“, на што публиката му одговори со заглушувачко скандирање „Ру-си-ја! Ру-си-ја!“, додека Путин со крената тупаница стоеше на подиумот.
Елементите на стратегијата на Путин за обновување на величината на Русија постепено избиваат во преден план, а голем дел од тој план се состои од руско спротивставување на САД, традиционалниот соперник. Затоа Кремљ минатата недела објави дека ќе го отфрли Договорот за намалување на стратегиското вооружување (познат како Нов Старт), кој пред две години беше склучен со САД, доколку САД не се откажат од своите планови за ракетна одбрана на Европа.
Ова соопштение, проследено со откривањето на новата руска ракетна база во Калининград, на прагот на НАТО сојузот, има значајни последици. Нов Старт претставуваше главен елемент на „ресетирањето“ на билатералните односи од 2009 г. на Обама, кое Белата куќа го смета за свое главно надворешнополитичко достигнување (и адут за реизбор во 2012 г.) на сегашниот претседател кој, патем, на тој план и нема многу со што да се пофали.
За друго значајно достигнување се смета ракетната одбрана, официјално наменета за одвраќање на Иран. Додека САД се преокупирани со Блискиот исток и јужна Азија и се фиксирани на арапската пролет, мирот на рускиот „фронт“ во вашинготн се оценува како нешто од суштинско значење. Меѓутоа, се чини дека Путин се подготвува да го промени сето тоа.
Имено, се чини дека на источната страна од својата земја Путин е обземен со замислата за преобликувана унија која би ги опфатиле поранешните советски републики во централна Азија, што би било договор кој би го засилил политичкото и военото влијание на Русија. Оваа унија (Евроазиска унија) би била воспоставена преку низа договори за придружување кон Русија, како што се царинската унија и договорот за колективна безбедност. Во таквата унија, Москва би влијаела на одбраната и надвоирешната политика, додека нема претерано да се меша во внатрешните работи на земјите кои ќе се придружат.
Покрај тоа, еден од клучните елементи на Путиновиот проект за третата империја би бил и зајакнувањето на политичката контрола на Москва над стратегиски важното снабдување на Европа со енергија. По минатомесечниот договор на Газпром со Белорусија, индустриските аналитичари сугерираат дека до 2030 г. Русија ќе контролира до 50% од европското снабдување со природен гас. Исклучително е значајно и тоа дека новата империја на Путин може да се финансира само со трајните приходи од извозот на енергија по високи цени. Практично, тоа значи дека Европа можеби ја финансирала идната превласт под која ќе потпадне.
Ова сценарио на „империјата го возвраќа ударот“ има и бројни други аспекти. Неодамнешните забелешки на Медведев за недостаток на мудрост, кои се однесуваат на судирот со Грузија во 2008 г. и на неконтролираното ширење на НАТО сојузот, го илустрираат отпорот на Русија кон секое мешање во она што обично го нарекува „блиско странство“, како и Путиновата желба да го поништи напредувањето на Западот кое на тој терен беше остварено во изминативе 20 години.
Решеноста на Русија да ги брани пошироките сфери на своето надворешно влијание се гледа во упорното одбивање да ја казни Сирија, без оглед на општиот гнев поради тамошното насилно задушување на демонстрациите, како и во de facto одбраната на иранската нуклеарна програма. Во меѓувреме, еден од трајните приоритети на Путин претставува воената модернизација на Русија.
Додека Путин – поранешен припадник на тајната полиција, фанатик на физичката кондиција и хиперинтернационалист – се подготвува повторно да стане претседател на Русија, неговите амбиции за создавање трета империја се сè поочигледни. Изборите во март нема да претставуваат вистинско натпреварување. Вистинската борба ќе почне дури по нив.
На западните земји кои се склони да му замеруваат поради ова надворешно градење на империја, или поради жалосната состојба со демократијата и човековите права во самата Русија, Путин им порачува да не се замараат: „Сите наши странски партнери мораат да го сфатат следново: Русија е демократска земја. Таа е доверлив и предвидлив партнер со кој може и мора да се постигне договор, но на кој не можат ништо да му наметнат однадвор“, изјави тој на конвенцијата на Обединета Русија.
Извор: The Guardian