За кого работеше Кевин Линч?

06.12.2011 12:21
За кого работеше Кевин Линч?

Кевин Линч (1918-1984) е американски урбанист и автор, кој дипломирал на универзитетите Јејл – каде што бил студент на Френк Ллојд Рајт, и на МИТ. Линч животот го посвети на емпириски истражувања од полето на урбаното планирање и тоа попрецизно за тоа како индивидуите ја доживуваат и живеат урбаната околина. Неговите книги го истражуваат постоењето на време и историја во урбаната средина, како таа влијае врз обликувањето на децата и младината и, најважно од сè, како да се искористи урбаното планирање, односно неговата физичка форма, за создавање на убави, јасни, хумани урбани простори. Негово најпознато дело е книгата „Слика на еден град“.

Дали некој од творците на проектот Скопје 2014 направил било какво слично истражување за нивниот нов урбанистички план за центарот на градот Скопје? Истражување кое барем малку ќе тангира некоја друга дисциплина освен онаа на злоупотребата на урбанизмот во политичкото уредување? Друга варијанта е кога веќе не ги интересира да ја истражат длабочината на урбанизмот и многуте негови нивоа испреплетени со други социјални науки, можеле барем да превземат истражувања од некои искусни, светски реномирани и почитувани научници.

Во „Слика на еден град“, Линч (оваа книга се презентира на Архитектонскиот Факултет како еден од повеќето „учебници“ за основите на урбанизмот) ги објаснува значајните карактеристики на еден град и како да се анализира човековата околина. Анализата на човековата околина ја сведува на нејзино разложување на: 1. Идентитет (зошто таа се разликува од другите); 2.Структура (посебно значење на читливоста на сликата на градот); и 3.Значење (практично и емоционално). Накратко ќе се обидам да ја употребам оваа негова формула и да направам мал пресек на проектот Скопје 2014.

Идентитет

Со набљудување на објектот, дел од градот или градот како целина треба да се лоцира она што го карактеризира како единица, не тоа што е слично или наликува на нешто друго, туку токму оние единици на градот и градот кои го дефинираат како единствен, па дури и како уникат. Во случајот на Скопје, за парадоксот да биде поголем, сите нови објекти се налик на некои минати и непостоечки комбинации на минати стилови. Сите се изградени и индискретно со предумисла копираат изрази некарактеристични за минатото на Македонија и Скопје. Ајде да заборавам на минатото и да се обидам да размислувам од денес па натаму, што е, признавам, помалку апсурдно, но еве, да претпоставиме дека сме биле навистина естетски и содржински измачувани и угнетувани со векови. Ако се обидам да го пронајдам новиот идентитет на база на анализи на физичките претстави на новоизградените објекти, повторно нема да дојдам до задоволителен заклучок. На секој препознаен стил (ако хипотетички во моментот го именувам како носечки на проектот) има не еден туку неколку контрадикторни стилови, и тоа најверојатно стојат како објекти еден до друг. Од која и да е перспектива, точка на набљудување, од каде и да почнеме, идентитетот на градот е она што го прави различен, посебен, поинаков а не она што го копира од минати стилови на други европски градови. Во случајот со Скопје тоа беше соживотот, различноста и солидарноста (тука би требало да влезат анализи од полето на антропологијата и социологијата итн. – науки кои се цврсто поврзани со урбанизмот). Неговата богата историја и наследените објекти од модерната – кои светот наоѓа начини да ги заштити како историско наследство (како што биле заштитени пред векови ренесансата, барокот итн.), токму тие објекти ние денеска ги „облекуваме“ во бизарни фасади и скриваме како да се срамиме од вистинската вредност и историја. Мислам дека сите ќе се сложат дека идентитетот не се измислува, тој се носи преку времето во сегашноста. Општо признаено е дека не е весело дочекан оној човек кој се преправа дека е нешто што не е. Секој нормален човек ќе каже дека нема љубов кон измамникот, зошто тогаш со градот е поинаку? Новиот урбанистички проект му се наметнува на вистинскиот идентитет на Скопје, создава нов-стар (?!) идентитет кој треба да нè убеди дека вредиме, дека постоиме... и некои други нешта кои се елементарни единици на сечиј разум и постојат сами по себе – отсекогаш коегзистираат со животот и не бараат потврда.

Структура

Жаргонската употреба на зборот „изгубен“ не е случаен. Покрај тоа што да се каже за човек дека е изгубен е навреда, оригиналното значење на зборот, како што сите знаеме, е од географско значење. Чуството на сигурност и познавањето на структурата и препознавањето на својата околина е од животно значење на секое живо битие. Во спротивно, нормална реакција е чувството на несигурност и паника. Во минатото, знаци по кои се разбирала и поимала околината биле облиците, движењата и светлината, звуците, допирите, па дури и гравитацијата. Денес, во модерниот свет, посебно во градовите, некои од овие ориентациони инстинкти се задржани (како оние визуелните), додека некои се занемарени. Да не дојде до недоразбирање, овде не станува збор за воведување на апсолутен ред во градовите, некои американски градови кои се создадени под апсолутни урбанистички правила имаат недостиг на чувството на сигурност, препознавање-припаѓање. Заради тоа структурата на еден град мора да е читлива, видлива, содржајна и стимулативна. Само така граѓанинот може да партиципира во животот на својот град, да придонесе и да го ужива својот град. Уште еден круцијален сегмент е перцепцијата на граѓанинот-поединец. За да го дообјаснам концептот на јасна структура морам да напоменам дека секој набљудувач поинаку ја доживува својата околина, секој создава своја лична ментална слика. Тоа е затоа што (како што објаснува Линч) помеѓу набљудувачот и околината стои филтрираната перцепција на набљудувачот – таа е филтрирана од неговите убедувања, знаење, искуства, па дури и моментално расположение. Новиот урбанистички план за центарот на Скопје, за почеток, не е вистински урбанистички план бидејќи инсталирање на неколку нови објекти и десетина скулптури не може да се нарече урбанистички план. Тој, освен што понуди агресивен означувач на плоштадот како ориентационен маркер, не понуди ниту еден од другите структурални елементи на урбан простор. Дури напротив, спротивноста на позиционирањето (физичко) на новите и старите објекти, создаде џебови од неупотребливи простори на кои им се даваат измислени функции (апсолутно непотребни како градски плажи итн.) да се сокрие грешката. И никаде, ама никаде не се појавуваат веќе „бели“ простори – односно простори кои се со умисла оставени празни за жителите да ги анимираат и така да учествуваат во понатамошното моделирање на својот град по своите потреби.

Понатаму, густината на градење – има 92 скултури на 54 хектари – создава хектично чувство, возбуда, неспокој и блага хистерија. Чувства кои се означувачи и се јавуваат како резултат на изгубени луѓе. Небаре некој сака во таа хистерија и несигурност (покрај навидум презентираното билдање на индентитетот и духот на народот) како резултат на чувството на изгубеност да создаде комплекс на инфериорност, покорливост и зависност од препоставените. Скапата визуелизација на проектот им кажува на луѓето како треба да се чувствуваат во врска со проектот. Небаре творците се исплашиле дека неможноста да се поима новопроектираниот простор во целост, несигурноста на толкувањата на истиот, кај луѓето ќе создаде единствено збунетост, па за да не дојде до тоа морале да го објаснат проектот со мудро изработена визуелизација покриена со драматична музика, со многу интервјуа и говори – да ги убедат граѓаните дека сето тоа е вистинскиот одговор за ситуацијата во Скопје. Кога човекот не разбира состојби, бара одговори, и кога одговорот го добива од авторитети, истиот тој го прифаќа. Ете, тоа е формулата на заблудата на овој проект. Оваа „формула“ ја искористи црквата употребувајќи го стилот Готика во разубавување на божјите храмови, а всушност единствената цел беше да доминираат над верникот и да создадт исплашени следбеници. Вакво структуирање на човековата околина е збунувачко, не се стреми кон создавање на хумани простори во кои граѓанинот ќе ужива и ќе придонесе во нивното идно равивање и растење.

Значење

Во овој дел е од големо значење да се издиференцираат формата и содржината и, додека се разгледуваат оделно, да се забележат влијанијата кои ги поврзуваат. Прашањето кое треба да си го поставиме е: Која порака ја носи Скопје? Која е пораката која би сакале да ја носи во иднина? Најважно од сè е како да се постигне хармонија во градското проектирање помеѓу идентитетот на градот и неговите простори и новопроектираните простори кои одговараат на новите потреби на граѓаните, а притоа да се остави одврзан крај за понатамошно развивање на градот. Да ја одвоиме формата и разгледуваме чисто како физичка репрезентација и да се запрашаме каква порака носи таа? Сите објекти (покрај реката) се во различни стилови од минатото, и парадоксот да биде поголем некои стилови никогаш не ни постоеле (измислуваме светска архитектонска историја), а сите се наредени еден до друг и апсурдот на стиловите може да се воочи со еден единствен поглед од плоштадот. Симболиката (која тие ја промовираат) на ваквиот распоред на објектите е површна и не раскажува никаква вистина, и наспроти дефиницијата на симболизмот дека треба да е индиректен, овие наши објекти не можат да бидат подиректни во раскажувањето на „значајот“ на стиловите кои некогаш постоеле некаде далеку од Скопје. Содржината, пак, е во блага предност, повеќето од функциите кои се сместени во овие објекти му беа навистина потребни на градот. За крај, значењето на овие објекти за градот е голем, нивниот импакт уште поголем, меѓутоа нивното значење е контраверзно и бидејќи не сум антрополог, социолог ниту политичар, нема да го коментирам тој дел од нивното влијание. Во овој дел ги поставив прашањата, одговорите ќе ни ги раскаже времето, а искрено се надевам дека тоа нема да биде тогаш кога сè ќе биде јасно – дека е доцна за Скопје.

Ова е само краток и скромен обид да се направи пресек, анализа на урбанистичкиот проект за центарот на градот Скопје (проектот Скопје 2014) по моделот на реномираниот професор, архитект и урбанист, писателот Кевин Линч.

Авторката е дипломиран инжинер-архитект

Илустрации: Ана Геердис

Cestitam na koleskata za

Cestitam na koleskata za trudot!!
That's the way...
Pozdrav,
Iv.

Слични содржини

Општество / Јавни Простори
Јавни Простори / Историја
Општество / Јавни Простори
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото