Богот на масакрот под граѓанската маска

06.12.2011 14:18
Богот на масакрот под граѓанската маска

Новиот филм на Роман Полански „Богот на масакрот“ е снимен според познатата театарска драма на француската писателка Јасмин Резе. Во филмот играат Џоди Фостер, Кејт Винслет, Џон Си Рајли и одличниот германски глумец Кристоф Валц.

Двајца 11-годишници се степуваат на игралиште. Родителите на жртвата ги покануваат родителите на тепачот на гости за, „како нормални луѓе“, да го решат новонастанатиот проблем. Се разбира, она што било планирано да се одвива како цивилизиран и одговорен разговор многу брзо прераснува во судир преполн со гротескни предрасуди и обвинувања. Маските на граѓанската култивираност паѓаат многу брзо. Родителите го губат присуството на духот. Брутално и немилосрдно ги преминуваат сите граници. Сè се претвора во солзи и бес. Провокациите не се насочени смао кон „непријателскиот табор“, туку страда и сопствената страна. Зад секојдневно и внимателно изградената фасада, главните ликови го кријат „Богот на масакрот“.

Оваа филмска трагикомедија е снимена според театарската драма на француската писателка и глумица Јасмин Резе, која е и авторка на сценариото за филмот. Драмата беше за првпат изведена во Цирих 2006 г. и набрзо стана една од најизведуваните во светот.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Критичарите на филмот напоменуваат дека за да го гледате филмот доволен е само списокот на глумците и глумиците кои се појавуваат во него. Покрај Кејт Винслет и Џоди Фостер, во филмот се појавуваат и Џон Си Рајли и германскиот глумец кој доби Оскар за „Проклетници“ на Квентин Тарантино – Кристоф Валц. Критичарите како да не можат да најдат доволно пофални зборови за четирите глумци кои во филмот навистина ја покажуваат својата актерска умешност.

Низ различните карактери на главните ликови, кои во склад на својот лик и личност реагираат на моменталната ситуација, филмот „Богот на масакрот“ во ниеден миг не е здодевен и не губи на интензитет. Напротив, со сè побрзото темпо Полански успева од гледачот да бара сè поголема сосредоточеност и внимание. Роман Полански, со рафинираниот камерен филм „Богот на масакрот“, на големиот екран ја воведе сатирата која, преку алузиите на современиот живот и одличните дијалози, ги принудува гледачите напнато да го следат дејствието сè до крајот

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото