Ждановистичка стварност

06.12.2011 14:47
Ждановистичка стварност

Неделните избори во Словенија и во Хрватска како на тацна уште еднаш ни покажаа колку е далеку Македонија од Европа, и во временска и во просторна смисла. Изборите во земјите со кои до вчера делевме иста држава и слична култура, ни укажаа дека нашата земја, кога станува збор за демократските процеси, повеќе наликува на ориентална сатрапија отколку на цивилизирано општество. Изборите во Хрватска и во Словенија уште еднаш нè соочија со фактот дека изборите што ние ги имавме во 2008 и 2011 година во многу важни детали не беа демократски и фер. (На пример, во Република Македонија сите државни ресурси, сите режимски медиуми - и. т.н. „јавни“ и т.н. „приватни“, под контрола на олигаргијата - беа во функција на владејачката партија. Такво нешто е веќе незамисливо во некогашните северни југословенски републики. Во Хрватска, на пример, премиерката Косор се жалеше дека институциите на системот ја криминализираат нејзината партија на власт и дека медиумите не биле фер кон ХДЗ. Таа ситуација е невозможна во мрачна Македонија.)

Уште една за нас важна земја во неделата имаше избори: Русија. Таму веќе ги препознаваме овдешните доминантни културни и политички матрици: власта постои во замрзната форма (цврсто го контролира не само просторот, туку и времето, историјата) и се одржува со покажување мускули, со ширење демагогија и страв. Државата постои не заради граѓаните, туку заради режимот. А оној што го напаѓа режимот всушност го напаѓа народот, т.е. нацијата. Така режимот, ловејќи народни непријатели и сеејќи страв, се репродуцира до бескрај, надвор од границите на времето, во сопствениот аисторичен, артифициелен космос создаден од кулиси, од лага и пропаганда.

Некогаш, пред филмот „Труман шоу“, за фасадната слика на поредокот се зборуваше како за „ждановистичка стварност“. Што е тоа? „Тоа е егземпларна лага“, велеше големиот дисидент Василиј Гросман, „тоа е свет-одливок“. Стварност настаната во леарница за споменици. (Анатол Франс раскажува убава анегдота со некој сликар кој, поставувајќи го штафелајот во природа, мисли дека за себе го резервирал целиот пејзаж на Солоња. Мари Дарјесек коментира: да се меша полето на културата со оградениот посед, традицијата со подвижниот имот, уметноста и поседничката стабилност - тоа значи да се биде кич. Тоа значи да се биде во „ждановистичката стварност“ на груевизмот.)

Велам, оние што Македонија ја гледаат кон Русија, деновиве си се на свое. Груевизмот, како и путинизмот, е своевидна идеологија на дувлото. Оти, како што вели Славој Жижек, демократијата претпоставува одреден степен на отуѓеност. Кај сатрапиите, пак, не постои дистанца меѓу водачот и народот. Оваа дистанца е укината бидејќи се претпоставува дека водачот директно ја претставува народната волја, а резултатот се состои, според Жижек, во тоа што луѓето многу порадикално се отуѓени во својот водач. Тој директно е тоа што „тие навистина се“, тој е нивниот вистински идентитет, тој ги олицетворува нивните вистински желби и интереси, како спротивни на нивните збркани „емпириски“ желби и интереси. Спротивно на авторитарната власт отуѓена од своите поданици, народот овде е отуѓен од самиот себе. Тоа и’ се случи на Македонија под груевизмот, народот да се отуѓи од самиот себе, од сопствените интереси.

Така што, во груевизмот на свое си дојдоа оние што ја гледаат Република Македонија како поле на кое со својот штафелај стои „бранителот на името“, неприкосновениот пастир, и ја исцртува нашата житна и залелеана (т.е. залеана, т.е. влеана) стварност. Изминативе шест години си дојдоа на свое оние што Македонија ја гледаат „горда и храбра“ надвор од западниот културно-политички круг.

Оваа земја никогаш во изминативе шеесетина години (од педесеттите години на дваесеттиот век, кога зад нас ја оставивме кусата сталинистичка фаза) не била толку длабоко во ориентална Азија и толку далеку од Европа. Никогаш во овие шеесетина години не сме имале олку многу примитивизам и бруталност на јавната и политичката сцена. Груевизмот воспостави сосема нови стандарди за дното на јавниот говор, поставувајќи ги како еталони грубите писма и настапи на Груевски, Ставрески, Протоѓер, давајќи ги како пример за јавна комуникација настапите на Бичиклиски, Јанкуловска, Котевски, Димовски, Николовски, Ѓорчев итн., и поставувајќи ги за идеолози на груевизмот ликовите на Латас, Миленко, Јадибурек и ним слични.

И ете, како што вели Виктор Иванчиќ, ни се случи тренд. Ни се случи колективна ретардација. Ни се случи топлата општествена клима да профункционира како инкубатор за дебили. Ексцесна е државата, вели Иванчиќ, која ги негува и храни, технички и идеолошки, тие дебили, воспоставувајќи се како топла материца за инкубација на политичкото ѓубре. Ни се случи идеологија на дувлото, ни се случи државата и општеството да се претворат во политичка крчма, во подрумски простор познат по тоа што во него пијаниците повикуваат на отрезнување.

Слики: Свирачиња

Bravo Gelevski!!!

Bravo Gelevski!!!

Respekt. Odlicna kolumna!

Respekt. Odlicna kolumna!

Zoran vo Slovenija, Zoran vo

Zoran vo Slovenija, Zoran vo Hrvatska (Srbite si go ubija nivniot Zoran)! Koj e nashiot Zoran da ni' donese napredok???

Felt so hopeless looking for

Felt so hopeless looking for ansrwes to my questions...until now.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото