Што ако еврозоната доживее крах

07.12.2011 10:18
Што ако еврозоната доживее крах

Во основата на европската криза лежи стравот дека, доколку не се преземат итни мерки, еврозоната би можела да доживее крах. Но што ќе се случи ако дојде до такво нешто?

Реченицата која кружи низ еврозоната гласи: Укинувањето на единствената европска валута е можно, ама сè уште не е веројатно.

Зошто крахот е можен?

Затоа што за владите од сиромашните земји од еврозоната како Грција и Италија станува исклучително скапо да позјамуваат пари кои им се потребни за исплата на долговите и оперативните трошоци.

А зошто крахот сè уште не е веројатен?

Зашто, дури и во случај овие трошоци да се неодржливи за финансирање на долговите на овие земји, ЕУ и меѓународните финансиски институции тврдат дека нивна цел е одржување на еврозоната.

Меѓутоа, никој не знае дали побогатите земји, кои досега ги спасуваа само релативно малите економии како Португалија, Грција и Ирска, можат да си дозволат спас на многу поголеми држави како Италија. Тоа го прави крахот на еврозоната многу поверојатен.

Многу стручњаци сметаат дека до распад на еврозоната ќе дојде од причина што богатите земји ќе одбијат да ги спасат оние посиромашните. Се зборува дека некои од богатите земји, т.н. „клучни земји“ или „северни земји од еврозоната“ веќе ја разгледуваат таа опција.

„Се разгледуваше можноста за потпишување договор меѓу помал број земји кои би имале многу поголема фискална координација и заедничка каса. Мислам дека тоа е насоката во која ќе се движат тие. Тоа најверојатно ќе ги вклучува Германија, Франција, Холандија, можеби Финска и уште неколку држави. Но периферијата нема да биде вклучена“, изјави Питер Буне, виш гостин-соработик на London School of Economics.

Зборот „периферија“ се користи за посиромашните земји од еврозоната, главно оние јужните. Меѓутоа, ако дојде до распад на еврозоната, ниедна земја-членка нема да може да ги избегне економските немири кои ќе бидат исход од тоа. Тоа ќе ги погоди сите светски земји кои имаат трговски и банкарски односи со еврозоната. Најмногу ќе страдаат сиромашните земји од еврозоната, истите оние чии долгови ја започнаа оваа, сега веќе долгогодишна криза.

Познатата комерцијална банка UBS неодамна процени дека трошоците за напуштање на еврозоната за некои од најсиромашните земји би изнесувале 9500-11 500 евра во глава на жител во првата година. Тоа е отприлика 40-50% од државниот БДП. Овие високи трошоци ќе бидат резултат на напуштањето на еврозоната и преминот кон национална валута со која ќе мораат да ги исплаќаат долговите и платите во јавниот сектор. Новата валута ќе девалвира во својата куповна моќ во однос на еврото бидејќи луѓето нема да имаат доверба во неа, по што сигурно ќе следи инфлација.

Панос Цаклоглу, политички економист од Економскиот факултет во Атина, вели дека животниот стандард на земјите како Грција на почетокот драматично ќе се влоши. Единствена надеж е дека девалвираната валута ќе ги направи грчките производи поевтини за купување, што би ја зајакнало трговијата и на крајот би довело до заздравување.

Ако судиме од позиција на земјите кои ја напуштиле монетарната унија, на почетокот, во првите две-три години економската ситуација драматично ќе се влоши. На пример, тоа се случи во Аргентина кога во 2002 г. ја прекинаа врската со американскиот долар. Потоа, иако се работеше за огромен пад на животниот стандард, дојде до многу побрзо заздравување одошто во првото сценарио (кога Грција би останала во еврозоната и ги применила мерките на штедење). Меѓутоа, појдовната точка е значително пониска“, предупреди Цаклоглу.

Тој се надева дека Грција ќе се избори со кризата така што ќе остане во еврозоната, во што го поддржуваат и повеќето негови сонародници.

И северните земји во случај на распад на еврозоната би можеле да очекуваат тежок период на приспособување, дури и кога некои од нив би се поврзале за да создадат сопствена валута. Таа нова валута, со оглед на судбината на еврото, сигурно би имала ново име кое сè уште никој не го предложил. Но распадот на еврозоната би ги оставил северните земји во огоромен долг бидејќи тие би морале да најдат начини да ги спасат своите банки кои би се нашле во банкрот поради кредитите кои им ги даваа на сиромашните земји од еврозоната. Банката UBS проценува дека напуштањето на еврото за земји како Германија би чинело 6000-8000 евра по глава на жител во првата година, што изнесува околу 20-25% од државниот БДП.

Подеднакво тешко ќе биде воспоставувањето на „новото евро“, кое би било ослободено од отпорот на послабите економии. Тоа би значело дека производите од „клучните земји на ЕУ“ би биле поскапи од производите на конкурентните земји како САД и Јапонија, што би го забавило нивниот раст.

Каков и да е распад на еврозоната речиси сигурно би довел до светска рецесија, како во Европа така и во целиот свет.

Банките и берзите се веќе погодени од кризата со еврото и би доживеале огромни загуби доколку владите, кои им должат пари, би банкротирале или би го отплаќале долгот со девалвирани валути. Погодени би биле дури и банките кои никогаш директно не им позајмиле пари на овие влади бидејќи трошоците за купување осигурување за кредитите драматично би пораснале. Сите банки би имале помалку пари за кредитирање, што веројатно би довело до уште една светска кредитна криза и забавување на светската економија.

„Тоа сигурно би им се случило на САД бидејќи американските банки се прилично зависни од банките во Фрација и Германија. Тие не се зависни од периферијата. Меѓутоа, прашањето е дали тие би биле во состојба да се избават од тоа. Во спротивно, би дошло до проблеми на берзата и со обврзниците на растечките економии, и сметам дека би нè зафатила уште една глобална рецесија, од чие избавување би ни требале уште две-три години“, изјави економистот Питер Буне.

Ваквото сценарио не би развеселило никого и засекогаш би го изменило лицето на Европа.

Од крајот на Втората светска војна Европејците се навикнаа на идејата на обединета Европа, при што земјите кои порано често војуваа сега се економски поврзани, така што конфликтот меѓу нив е речиси незамислив. Но прашање е дали таа идеја може да опстане и со крахот на еврото. Многу стручњаци тврдат дека крајот на еврото би можел да значи и крај на Европската унија.

Цаклоглу верува дека со падот на еврото толку би се надувале протекционистичките чувства што е тешко да се замисли можноста за некакво делење на приходите кои моментално ја поткрепуваат ЕУ.

„Ние можеме да имаме некој вид крах на еврозоната и истовремено продолжување на Европската унија. Меѓутоа, јас имам чувство дека политичкиот притисок би бил преголем. Да речеме дека некои големи земји, многу поголеми од Грција, ѝ подлегнат на кризата и како резултат на тоа да дојде до колапс на банкарскиот систем во „клучните“ земји од Унијата, и дека вие сте гласачот кој треба да излезе на избори во тие земји. Дали би биле подготвени да обезбедите уште пари за тие земји преку некој нов Маршалов план или Закон за заедничка земјоделска политика итн.? Имам чувство дека ќе дојде до силни политички побуни со кои би се барал прекин на секакви односи со овие земји“, вели Цаклоглу.

Затоа е разбирливо дека Европската унија се определи за зачувување на еврозоната. Но разбирливо е и дека со зголемувањето на количината вложени пари се зголемува и загриженоста во врска со тоа што би се случило ако овие напори на ЕУ не успеат.

Извор: slobodnaevropa.org