Победа

07.12.2011 12:19
Победа

И јас го делам она грозно чувство: да ја тепаш Грција, а да не можеш да излезеш ни на – тераса! А камо ли до кај чичко Стоилко и неговата Триумфална капија! А толку труд е вложено да се реновираат оние тераси што гледаат токму кон Триумфалната капија. Вака, како бадијала да сме победиле.

И покрај маглата, од оваа перспектива јасно се гледа грчката политичка стратегија кон Македонија по неуспешните ембарга во 90-те години од минатиот век. Уште тогаш нивните политички аналитичари знаеле дека Македонија ќе ги добие на суд на 5 декември некоја деценија подоцна. И за да ја намалат политичката штета од оправданата сеопшта народна веселба, решиле да превенираат така што ќе ги купат ОКТА, Цементарница „Усје“, Пивара... и во клучниот момент ќе го загадат воздухот до таа мерка, со што ќе го спречат најсилното оружје на Македонецот – излегување на и по тераса! Не знам само кој ни ја загади менталната атмосфера, па дури и при силен сончев ден да не може да се излезе на централниот плоштад поради бројните споменици, антички столбови и старогрчки храмови.

Од друга страна, како што рече и американскиот амбасадор Пол Волерс, Македонија победи, ама не се квалификуваше за натаму. Во финалето на НАТО и Европска Унија нема место за македонските спортисти. Додуша за нив се непознати и прилично бизарни спортовите што ние тука ги практикуваме.

Некогаш би рекле дека главниот спорт ни е дување во ветер, ама, со оглед на околностите, денес тоа е дување во магла. Во таа смисла треба да се разберат и посветените напори на Владата да изгради што повеќе спортски терени за оваа несомнено вредна активност на Македонците. Во здрава магла, здрави бели дробови! Па, затоа се исече половина Водно за да се направи жичарница за да можат скопските пензионери несметано и бесплатно да се качуваат до најголемиот крст во поблиската и подалечната околина. Се исекоа липите за да може среде Скопје да се направи соц-реалистички авто-пат во должина од цели 800 метри и, јасно, за да се избегнат пролетните алергии, кои ефикасно нè спречуваа да дуваме било во ветер, било во магла. Скопје се претвори во невидено градилиште на чудни објекти, кои го блокираа кејот на Вардар, а богами, како што се гледа, успешно го спречуваат струењето на воздухот.

Сепак, во Скопје нема загадување! Така тврди скопскиот градоначалник. Тој вели дека станува збор само за „партикуларни честички“. Претпоставувам дека загадување ќе биде тогаш кога честичките ќе добијат форма на арктички глечери. Конечно, не е предвидено за крајот на 2011 да има загадување во Скопје. Тоа е долгорочен проект – затоа и се вика „Скопје 2014“. Значи, допрва нè очекуваат големи успеси на ова поле.

Оние што го помнат времето на ЈНА, знаат дека секогаш кога војската нема работа – а војската, барем во мое време, никогаш немаше работа – сади или сече тополи! Па така, една генерација војници мака мачеше да ги искорне тополите во кругот на касарната, а веќе следната се занимаваше со нивното засадување. Во тоа време беше позната мислата дека жицата што ја двои касарната од останатиот свет, не служи за да не избегаат војниците во цивилство, туку за да не влезе логиката во касарната. Нешто се слично се случува и во касарната наречена Македонија – се споменуваат милионски садници засадени за време на бројните денови на дрвото, а се споменуваат и големи градежни успеси направени врз база на милиони исечени дрвја за да се направат тие градби.

Со други зборови, азилантите од Македонија не ѝ пречат на Европската Унија. На крајот на краиштата, колку азиланти може да има од Македонија? На Европската Унија ѝ пречи можноста овдешните навики, кои се надвор од границите на било која логика, особено на западната логика, да се прошират на нејзините територии.

А и како ќе стасаме до Европа? Особено кога се знае дека сите патишта на „Македонија пат“, помалку или повеќе, завршуваат во Шутка. Просто фасцинира опседнатоста на овдешниот безбедносен систем со – патарините. Којзне што ќе правеше Александар Македонски, ако во негово време „Македонија пат“ ги одржуваше патарините. Веројатно немаше да стаса ни до Халкидики! Зошто тогаш Владата не ги автоматизира патарините и не ги наплаќа по систем на вињети? Затоа што потоа ќе нема кого да апси.

Сепак, добро е што во Хаг се донесе ваква пресуда. Којзне колкави апсења ќе имаше, ако пресудата беше поинаква. Вака, сакала или не, Владата ќе мора да му одаде признание на Бранко Црвенковски и на неговата екипа, која успеала да издејствува привремена спогодба која е во полза на Македонија.

И повторно за спортот во Македонија. Читам дека се одржала трибина против насилство на трибините. Колку што ми е познато, на трибината не присуствувале колегите што беа на онаа трибина во Брисел, па сè се претворило во ветер и магла, што би рекол Коце Трајановски. Покрај толку трибини, речиси е нормално да имаме и насилни трибини. Уште од времето на сеопштиот национален јунак Александар Македонски се знае дека Гордиевиот јазол најлесно се распетлува со меч!

Извор: globusmagazin.com.mk

Слика. Бритни Загорија

ОкоБоли главаВицФото