Како живее мултитудата?

09.12.2011 12:14
Како живее мултитудата?

Multiplicity.lab е истражувачка лабораторија при Одделот за архитектура и урбанизам на Факултетот за архитектура и политехника во Милано. Таа спроведува истражувања, работилници, јавни расправи и настани, и развива проекти во соработка со интердисциплинарната мрежа истражувачи и набљудувачи од разни полиња на дејствување како архитектурата, урбанизмот, географијата, социологијата, антропологијата, уметноста, комуникации и сл.

Предавање на Исабела Инти

Милански хроники

Овде ќе расправаме за книгата наречена „Milano – cronache dell’abitare“ (Милано – хроники на живеењето). Во книгата станува збор за истражувањето на различните услови во кои луѓето во Милано живеат, спијат, работат и се среќаваат. Пред почетокот на истражувањето избравме 4000 вести од дневните хроники од локалните весници, од кои еден дел беа коментари, еден дел вести од културата и еден дел вести од црната хроника. Потоа опишавме 14 различни начини на живеење од кои поголемиот дел се неформални, додека само неколку од нив одговараа со плановите на јавната управа. Овие животни услови ги опишувавме со различни методи: низ мапи, податоци, интервјуа и фотографии, извештаи, раскази и интернет страницата milanocronachedellabitare.net. Најпосле групиравме три основни „типа“ на живеење – Тешко живеење (Abitare Dificile), Привремено живеење (Abitare Тemporaneo) и Заедничко живеење (Abitare Insieme). За да ги запознаеме овие типови, организиравме еднодневни прошетки низ градот, собирања и јавни дискусии со стручњаци, набљудувачи и со жителите.

Тешко живеење

Во Милано постојат околу 78 илегали населби, „сламови“ во предградието на градот, окупирани напуштени згради, шатори на ромските семејства и бараки во северниот дел од градот. Првиот ден посетивме некои од невидливите места во градот: картонските кревети на главниот булевар, бараките, илегалните населби во напуштените фабрики, јавните преноќишта.

Едно од првите места што ги посетивме беше легалниот камп организиран за ромските семејства каде што разговаравме со здруженијата кои соработуваат со нив. Во близина на кампот го посетивме и јавното преноќиште Casa della Carita. Ги посетивме и останатите места каде што бездомниците ги минуваат ноќите – главниот булевар и станицата Гарибалди, каде што разговаравме со разни здруженија кои им пружаат сместување на бездомниците, како што се S.O.S., Exodus, Centro aiuti Comune di Milano и City Angels. Преноќиштата се разместени низ градот, а содржат и санитарни јазли и имаат залихи од лекови. Некои од здруженијата пружаат и медицинска помош, не само на строго одредените места туку и, на пример, во ноќните автобуси.

Ги посетивме и работничките населби во јужниот дел на миланската периферија, изградени во 1960-те и 1970-те години. Со оглед на тоа дека состојбата на објектите е лоша, преку јавни програми и квартовски договори постојат напори да се санираат. Станува збор за договори на ниво на градска четврт со кои се прават напори да се најдат финансиски средства за вложувања во постоечките згради, но исходот најчесто е недостаток на разни содржини или услуги, па со тоа овие населби се претвораат во безживотни преноќишта. Поголемиот дел од населението кое овде се доселило во 1960-те и 1970-те сега се стари лица, значи, луѓе на кои им е посебно тешко да живеат таму без потребните услуги во близина.

Привремено живеење

Денес голем број граѓани на Милано се „привремени“. Таа привременост е поврзана со различните облици на живеење, како што студентскиот живот, животот на деловните луѓе, на постарите лица или на болните. Луѓето ретко се во потрага по трајно место на домување, а повеќе за привремено сместување. Причините за привремениот престој и живеење можеме да ги најдеме во несигурните услови во семејството, на работа, во потребата за подвижност и флексибилност. Низ прошетките, разговорите и тркалезните маси се обидовме да утврдиме кои се условите за живот во привремените живеалишта, старечките или студентските домови, или во т.н. „кауч сурфинг“.

Моментално во Милано постојат 10 универзитети со вкупно 22 факултета и 175 000 редовни студенти, од кои 40 000 не се од Милано, а во градот остануваат меѓу 3 и 5 години. Тоа е уште една причина за големата побарувачка за привремено сместување. Студентската соба чини околу 300 евра и најчесто се дели со уште еден студент. На тој начин пазарот со недвижности станува сè посилен и извлекува добивка од големиот број студенти.

Пример за привремен престој се и домовите за семејства или роднини на болнички згрижените лица кои доаѓаат во градот и на кои им треба преноќиште. Разни добротворни организации се обидуваат да ги згрижат овие луѓе, а една од нив е Casamica Onlus, во чија близина се наоѓа пензионерскиот дом Attico Azzuro. Вкупниот сместувачки капацитет за стари и немоќни лица во Милано изнесува околу 10 000 места, од кои само половина се јавните пензионерски домови под градска управа, а втората половина е под приватна сопственост. Месечната цена на сместување изнесува околу 1000 евра, што за многумина е превисока цена.

Низ прошетките ја посетивме и Casa di Via Padova која им пружа сместување на имигрантите на една недела или подолго, во зависност од ситуацијата. Исто така, ги посетивме и домовите во центарот на градот, во кои главно живеат семејства кои ги изгубиле своите домови или се во фаза на преселување. Се уверивме дека потребата за привремено сместување расте и паѓа во текот на годината, па така, секоја година за време на миланската Модна недела бројот на привремени жители во градот расте за околу 200 000 лица: дизајнери, помошници и посетители.

Заедничко живеење

Одредени начини на живот на заедница, во зависност од тоа дали се работи за семејни заедници или групи пријатели, се одразуваат на градот на различни начини. Во Милано наидуваме на различни енклави, од затворени и заштитени ексклузивни населби до мешани населби каде што во соживот живеат групи со различни животни навики.

Последниот ден од прошетките ги посетивме Case di Plastica (Пластични куќи) каде што моментално ги зазела латино-американската заедница. Тие во населбата сами организирале некои од потребните сервизи, како детска градинка и парк, и организираат состаноци и прослави кои се отворени за секој. На тој начин самоорганизираната заедница ги дели сите сервиси со целата градска населба.

Уште некои од примерите за живот во заедница се старите населби во Милано во кои поради квалитетот на живот често живеат заедници на уметници или млади мајки со деца. Тие, на некој начин, претставуваат мали центри на градот кои се безбедни и добро обезбедени со потребните услуги. Меѓутоа, често се случува агенциите за недвижнини да купат цели блокови поради нивна препродажба по повисока цена, па затоа цената на недвижнините за време на последниве десет години порасна за 3-4 пати. Во близина на тие населби ја посетивме и стара напуштена фабрика La srecca degli artigiani која ја користеа уметници. Последниве неколку години ова место стана инкубатор за општествениот живот. Фабриката беше сквотирана од страна на 13 здружанија на уметници. Јавната управа не водеше сметка за неа, бидејќи во тоа време не планираше да ја приватизира, и беше оставена како јавен простор за тој дел од градот. Сепак, подоцна градската управа најде приватен инвеститор кој ги презеде објектот и земјиштето, и ја урна фабриката.

Привремено користење

Споменатиот пример со фабриката La srecca degli artigiani ни зборува за окупирањето, сквотирањето и обидот за враќање на јавните содржини и заеднички простори на градот. Поттикнати од тие иницијативи, во 2009 г. започнавме со истражување на Факултетот за политехника во Милано, заедно со здружението Cantieri Isola и група активисти. Инициравме дискусија со луѓе со различни искуства од Берлин, Амстердам и Брисел, чија задача беше да ги опишат своите искуства при преминувањето од илегални организации до легализација на одредени случаи, со задржување на автономијата на просторот. Започнавме истражување и пилот-проект за анализа на различните напуштени простори во градот, обидувајќи се да одредиме можно време за нивно користење: една недела или десет дена за привремените корисници, една година за студентите или 3-5 години за НВО, уметниците или други. Се обидовме да ги дефинираме и привремените правила.

За да спроведеме законска постапка која ја поддржува јавната управа, се договоривме за јавна набавка во соработка со административните тела од северниот дел на Милано кој изобилува со стари фабрики и напуштени простори. Најдовме два простора кои градските тела се спремни да им ги препуштат на уметниците и другите здруженија на одредено време. Во тие простори би сакале да експериментираме со нови правила за автономните простори, неформален живот и неформалните културни продукции.

Значи, тргнавме од истражување на различните начини на живот во Милано, од оние формализираите и планирани до оние неформалните, а моментално се обидуваме да ги поврземе неформалните начини на живот со јавната градска управа, и на истата тема изработуваме „Манифест за привремено користење“.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.multiplicity.it

ОкоБоли главаВицФото