Панкот не е мртов

09.12.2011 14:40
Панкот не е мртов

Режија: Владимир Блажевски Улоги: Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Џевдет Јашари, Владимир Тулев, Дани Димитровска, Кирил Поп Христов и др. Фотографија: Димо Попов Музика: Алек Пејовски

Приватно знам дека Блажевски не признава колективитети, идеолошки, партиски или профитабилни. Но, бидејќи и филмот е колективна работа, а Блажевски е режисер, еве, во такво филмско опкружување, тој е човек од и со колективот.

Нискобуџетниот филм „Панкот не е мртов“ е доказ како едно здружување на добронамерни и страстни професионалци ја изволонтирале приказната за нив самите, речиси автореференцијално. Како да ја отсликале својата младост, своето најслободно и најромантично време, кога сè што леташе се јадеше. Маргиналните скопски панк ентузијасти, безделници, заебанти, мачо фолиранти на чело со гуруто на филмскиот панк, својот професор Владо, нè вратија во радосното, ебаното, издрканото и неповторливо убавото време кога до Дебар немаше асфалт, кога се пееше Брижит Бардо на к.. скака, кога жабите се викаа Фердинанд, а педерите-буљаши... Кога свирката беше „важнија“ од живот, а Албанците другари.

Блажевски сними игран филм во Македонија по 22 години. Последен му беше Хај Фај за кој доби и златна арена на фестивалот во Пула. И добро е што Блажевски му се врати на филмот. Добро е за македонската кинематографија, за поткревањето на самодовербата на креативните и смелите филмски автори и актери, добро е и за македонската публика конечно. Филмот е онолку добар колку што публиката ќе реагира на него.

„Панкот не е мртов“ е повеќе од добар филм. Филмот има жанровски и стилски цврста структура. Одамна не сме виделе толку мотивирани актери и толку добар кастинг. Непретенциозна, речиси минималистичка сценографија, или поточно, иконографија на не толку дамнешно културно милје на еден урбан диверзитет, во кој режисерот и актерите умешно го „возат“ моторот на филмското дејствие. Овде, токму конфликтот е двигател на драмата, а ликовите негови креатори. Режисерот Блажевски мудро (и нужно) се дистанцира како од технолошките така и од естетичките влијанија на западните стереотипи и авторитети. Комплетниот тим како во филмот да ги вградил сите свои инстинкти, речиси по сеќавање, според сопствената колективна меморија која гласно ја повикуваат во речиси секоја сцена од филмот. Тоа, и уште неколку „слатки“ нешта на „Панкот...“ му даваат голем интегритет.

„Панкот не е мртов“ е филм за кој можеме да зборуваме од различни перспективи и дискурси, но, секако ќе зборуваме. А повеќето од нас и ќе му се радуваме. Конечно, не е ниту нужно да укажуваме на слабостите на филмот, зашто според онаа – колку пари... сепак добивме многу „музика“.

„Панкот не е мртов“ го отвори годинашниов скопски филмски фестивал и ова беше практично негова премиера. Оттогаш, за половина година, „Панкот...“ помина дузина фестивали, на некои беше награден, но главно секаде добро примен. Деновиве е на редовен репертоар во белградските кина, а репризно и кај нас.

Your browser is not able to display this multimedia content.

When you think about it,

When you think about it, that's got to be the right asnwer.