Базата на Нетанјаху

12.12.2011 13:26
Базата на Нетанјаху

Клучниот поим на опкружувањето на Нетанјаху е – базата. Овој термин, преземен од американската политика, се однесува на дел од десничарската популација, со чија помош е формирана неговата влада, која го диктира составот на таа влада и ѝ осигурува опстанок. Стратегијата од која се раководеше Нетанјаху во последните три години се сведува на стравот да не ја загуби својата база, да не повлече потези кои би довеле до губење на поддршката на националистите кои го доведоа на местото премиер.

Стратегијата на базата се покажа како делотворна. Кога противничкиот проблем ѝ прави проблеми на владата, базата е тука за да ја осигури власта на Нетанјаху. Ниеден политички пораз или општествен потрес не успеаја да ја нарушат монолитноста на секуларните, религиозните и ултраортодоксните (харедски) десничари.

И државата Израел има своја база. Нејзината база е демократскиот запад. Историски гледано, западот го создаде Израел. Политички гледано, западот го поддржуваше Израел. Од безбедносна гледна точка, западот воено го опреми Израел. Економски гледано, поврзувањето со западот го овозможи настанувањето на модерниот израелски пазар и просперитетот. Демократскиот запад е тој кој го диктира уредувањето на Израел и го овозможува неговиот опстанок. Кога ќе нè опколат непријателите, стабилната база на западот застанува во наша одбрана. Сојузот на САД и Европа гарантира дека никаков политички и воен неуспех или потрес во регионот не можат да ја поткопаат еврејската демократска држава.

Оваа недела во Вашингтон стана појасно од кога било порано дека Израел ја губи својата база. Поддршката на демократскиот запад за еврејската демократска држава се намалува. Веќе не станува збор само за Барак Обама, за нашата радикална левица или почнатиот еврејски самопрезир. Дури и нашите најдобри пријатели дигаат раце од нас. Тие веќе не ја разбираат нашата тврдоглавост кога станува збор за изградбата на населби на окупираните територии. Тие не ја разбираат себичноста на државата која умееше да биде дарежлива кон умерените Палестинци. Тие не ја разбираат непопустливоста на државата која некогаш беше софистицирана и деликатна во односите со Турција. Тие не го разбираат реакционерниот дух на злото кој доаѓа од парламентот на државата која некогаш беше напредна и просветена.

Демократскиот запад го гледа Израел со недоверба и со гадење. Нетанјаху и неговата коалиција создадоа националистичка, верски затапена државата со која никој од западот не може да се идентификува. Заради зачувувањето на базата на премиерот, исчезнува стратешката база на државата Израел.

Вистина е дека западната демократија ги покажува своите слабости. Западот скршна од својот пат, политички и економски. Исчезнува неговата империјална сила и мудрост од дваесеттиот век. Покажа голема неинвентивност во врска со арапската пролет, колебливост во врска со иранската нуклеарна програма и крутост во врска со решението на палестинскиот проблем. Но, тоа е сè што имаме. Тоа е нашиот стратешки фронт. Ако го загубиме, нема да се подигнеме.

Пред нас се клучни години. Иран ќе го соочи Израел со предизвик без преседан. Исламската револуција во арапскиот свет ќе нè стави пред големи искушенија. И глобалната економска криза е предизвик кој нема да биде лесно решлив. За да се избори со овие три предизвици, на Израел ќе му биде потребна поддршката од западот.

Меѓутоа, оваа поддршка нема да биде пружена сè додека вредностите на Израел бидат мрачните вредности на националистичко-верската база на премиерот Нетанјаху. Пред него се наоѓа јасен избор: стратешката или политичката база. Вашингтон и Њујорк, или Кирјат Арбо (населба кај Хеброн). Ако Нетанјаху згреши, ќе носи голема историска одговорност. Кога ќе дојде моментот на вистината, изолираниот и омразен Израел ќе биде сам.

Илустрација: Мајк Харисон

Извор: Haaretz