1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
„Најдобриот расказ на светот“ претставува избор од најрепрезентативните раскази на Радјард Киплинг. Во книгата се забележува целата умешност на неговото раскажувачко мајсторство. Расказите изобилуваат со богатство од егзотични локации, живописни ликови од различни општествени слоеви, драматични човечки судбини. Јазикот е богат, полн со идиоми, технички и технолошки термини, како и нетипични јазични конструкции. Храбриот реализам, потресната носталгија, црната комедија, силното чувство на емпатија што при читањето се создава кон ликовите, дури и кога тие се отпадници од општество, предизвикуваат расказите да бидат привлечни за читање и еден век по нивното објавување.
Радјард Киплинг (1865-1936) е англиски поет, раскажувач и романсиер, главно запаметен по поезијата, расказите за животот на британските војници во Индија и книгите за деца. Во 1907 година ја добива Нобеловата награда за литература. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век Киплинг бил еден од најпопуларните писатели во Англија. Но, неговата книжевна репутација се менувала според политичката и општествена клима на времето, па тој од неофицијален поет Лауреат на Велика Британија се претвора во најосудуваниот писател во историјата на англиската литература, особено откако Џорџ Орвел ќе го нарече „пророк на британскиот империјализам“.