Да се биде Македонија

13.12.2011 11:15
Да се биде Македонија

Грците сега имаат уште една причина да бидат лути – Меѓународниот суд на правдата минатата недела донесе пресуда против Грција, во спорот кој го започна републиката која би сакала да ја нарекуваат Македонија. Оваа расправија трае веќе дваесет години. Грција смета дека името „Македонија“ се однесува на северниот грчки регион Македонија, и дека нивните соседи треба да си најдат друго име. Меѓутоа, овие тврдат дека никако поинаку не можат да се нарекуваат и дека, меѓу другото, не гледаат зошто не би можеле да користат кое сакаат име.

Да се пишува за овој „судир околу името“ е напорна работа. Кога и да објави Economist статија на оваа тема, таа брзо ќе се најде на врвот на листата на текстови со најмногу коментари. Најголемиот дел од земјите-членки на Обединетите нации денес ја нарекуваат оваа мала земја „Македонија“. Па сепак, новинарите во Грција добиваа откази поради тоа што своите соседи на северот ги нарекуваа со ова име. Новинарите кои повикуваа на компромис добиваа закани со смрт.

Во 1991 г. Социјалистичка Република Македонија прогласи независност од Југославија и побара меѓународно признавање како Република Македонија. Речиси еден милион Грци протестираа во Атина против користењето на ова име. Грција ја затвори границата кон нив.

Грците тврдеа дека републиката во 1944 г. ја измислил Тито и ја нарекол „Македонија“ бидејќи имал претензии кон северна Грција и солунското пристаниште. Исто така, ги навредуваше и повикувањето на античка Македонија: сепак, модерните Македонци се Словени кои во регионот се појавиле пред некои 1500 години. Исто така ги загрижуваше и недвосмислената поддршка која оваа република им ја пружаше на етничките Македонци вон границите на земјата: многу Македонци во Грција беа на страната на комунистите за време на граѓанската војна, и поради тоа настрадаа; најтврдокорните македонски националисти се потомци на овие бегалци или протерани од Грција за време на војната.

Соочена со војната која беснееше на северот и затворената граница на југ, Македонија се обрати кај Меѓународната заедница за помош. На сцена стапија посредниците од ОН. По две години преговори, Грција дозволи Македонија да влезе во ОН под привременото име „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Веднаш настанаа проблеми околу тоа каде ќе седи претставникот на земјата (по азбучен ред). Грција бараше тоа да не биде меѓу Луксембург и Мадагаскар, туку меѓу Финска и Франција – Македонците тоа го одбија, тврдејќи дека „поранешна“ (former) е придавка, а не сопствена именка. Конечно, на претставникот на Македонија му беше доделено местото меѓу Тајланд и Тимор.

Следеа уште две години тешки преговори. Во 1995 г. билатералните односи меѓу Грција и Македонија беа формализирани со „привремената спогодба“ – која во сушптина беше мерка на одолговлекување – меѓу „едната страна“ и „другата страна“. Никаде во договорот не се споменуваа имињата на обете држави. Македонија се откажа од секакви претензии на грчката територија, вети дека нема да ги поддржува етничките Македонци во Грција и од своето знаме го отстрани сонцето од Вергина, симбол на античка Македонија, ветувајќи дека „ќе престане да го користи овој симбол на секој начин и секој облик“ (за да не ризикува, Грција го заштити ова сонце со меѓународен патент). Што се однесува до Грците, тие ветија дека нема да ја спречуваат Македонија да пристапува во меѓународните институции сè додека Македонија го користи името ПЈРМ. Беше одреден и посредник од ОН, но ни по 17 години преговори овие две земји не успеаја да се договорат околу името.

Во меѓународната зедница сè повеќе поддршка добиваше ставот во корист на Македонија (за време на посетата на Скопје пред неколку години, Дејвид Камерон се понуди да почне да ја нарекува Грција „Поранешна Отоманска Територија Грција“). Членството во НАТО и ЕУ би можеле да помогнат за стабилизација на Македонија – со тоа што би ја натерале да ги прифати меѓународните стандарди кога станува збор за теми како слобода на печатот – на овој план таа засега нема со што многу да се пофали – или постапување кон етничките малцинства. Се чинеше дека постојат добри изгледи (Поранешната Југословенска Република) Македонија да биде примена во НАТО за време на самитот во Букурешт 2008 г. Меѓутоа, Грција лобираше против, тврдејќи дека поради тврдоглавоста и упорноста на Македонија околу судирот со името не постои можност да се воспостави доверба и добра волја меѓу двете земји. Членството на Македонија беше одбиено. Македонија го изнесе својот случај пред Меѓународниот суд.

Минатата недела Судот донесе одлука дека Грција ги прекршила своите обврски кои ги презела со привремената спогодба од 1995, кога ја спречи ПЈРМ да стане членка на НАТО. Ова е морална победа на Македонија, меѓутоа, таа краткорочно не менува ништо – судирот околу името продолжува, а Македонија сè уште не е членка на НАТО. Пресудата претставува непријатност за Грција, иако, ако погледнеме што се случуваше во текот на изминатите неколку месеци, не и најголемата. Но оваа пресуда сепак има своја тежина и ги отежнуива обидите на Грција да ги блокира напорите на Македонија да пристапи кон ЕУ – иако ЕУ сега може да покаже помалку ентузијазам одошто минатиот март, кога овој случај беше започнат пред судот.

Додека обете земји се соочени со сериозни економски предизвици – 31% од Македонците живеат во сиромаштија, а официјалната стапка на невработеност изнесува 33,5%, а грчките проблеми се добро познати – може да се чини дека постојат поголеми проблеми од името: од друга страна, во вака нестабилна ситуација, секогаш постои опасноста овој проблем да прерасне во нешто многу поголемо и посериозно.

Извор: London Review of Books Blog

Дејвид Камерон се понуди да

Дејвид Камерон се понуди да почне да ја нарекува Грција „Поранешна Отоманска Територија Грција“).

Za ovoj covek David Kameron treba spomenik vo centart na Skopje kako i edna ulica vo cest na negovoto ime i pocit prema RM.