На крајот сите ќе бидеме непресметливи

13.12.2011 13:13
На крајот сите ќе бидеме непресметливи

Депресијата во која запаѓа Европа не е првенствено клиничка состојба, иако веројатно ќе има малку работа и за психијатрите. Но психијатриската експертиза би можела да помогне на неочекувани начини. Барем таков впечаток ми остава стручното мислење на норвешките психијатри кои норвешкиот евротерорист Андерс Брејвик го прогласија за непресметлив во мигот на извршување на казнивото дело.

Како можат 36 часа разговори со злосторникот набрзо по самиот настан, на крајот и на подлогата на тоа како самиот злосторник сега ги толкува причините за своето дело, да доведат до констатацијата за тоа во каква психичка состојба тогаш се наоѓал злосторникот – за мене претставува загатка. Бидејќи не се разбирам во психијатрија ниту имам некоја посебна желба да се разбирам во неа, не би смеел да се соблазнувам на стручното мислење на психијатрите кои беа повикани на соработка од страна на обвинителите во случајов. Но бидејќи тоа стручно мислење, ако остане на важност, ќе има политички импликации и последици, би сакал да кажам нешто во врска со тоа.

Дали тој човек е навистина психотичен и дали за време на својот чин бил непресметлив, на крајот на краиштата, е сеедно додека со таквото стручно мислење не се затвори расправата за евротероризмот. Ако Брејвик важи за лудак, сепак ќе му судат, но ние, јавноста, не треба да го сфаќаме сериозно она што тој ќе го каже или стори. Некои гледаат предност во прогласдувањето ан Брејвик за лудак во тоа дека до крајот на животот ќе биде затворен во душевна болница, додека најдолгата затворска казна во Норвешка изнесува 21 година. (Проблемот е во тоа што ќе мораат, ако на некој од контролните прегледи што треба да ги извршува на секои три години повеќе не покаже психотични симптоми, да го отпуштат од болница.) Се плашам дека вистинската предност на прогласувањето на Брејвик за лудак се наоѓа на друго место.

Пред неколку дена њујоршкиот судија Џед Ракоф го поништи судското порамнување меѓу банкарскиот великан Ситигруп и владината надзорна институција Securities and Exchange Commission. Имено, пресудата го заобиколи признаниете дека банката сторила кривично дело, додека судијата мислеше дека јавноста – посебно во ситуацијата во која моментално се наоѓаме – има право да ја дознае вистината. Сличното, сметам, важи и за случајот со Брејвик. Прогласувањето на евротерористот за непресметлив и неговото испраќање во некоја психијатриска установа може да ја заобиколи и потисне вистината за евротероризмот. Таа вистина нè погодува сите нас, и тоа во нашата најсублимна инкарнација, како Европејци, и иако е непријатна, сепак не би било во ред во целост да ја префрлиме на Брејвик и да го испратиме во затворениот оддел на некоја психијатриска установа.

Брејвик убиваше за Европа и интелектуално го засноваше својот чин. Неговата идеја за Европа не е идеја која би ја имале сите Европејци, ама воопшто не е идеја која би имале само малкумина. Тоа е популарна идеја, чии заговорници можеме да ги најдеме во европските политички, културни и образовни институции, а да не зборувам за светата црква. Всушност, тоа е идеја за која се чини дека има сè повеќе приврзаници и дека јавно сè помалку ѝ се спротивставуваме.

Интелектуалната основа на терористичкиот чин на Брејвик е нераздвоен дел од самиот тој чин. Можеме да ѝ се чудиме на ревноста со која ги исполнил стотиците страници на својот манифест. Таа ревност ја нема секој. Но сите имаме барем некоја од идеите кои Брејвик ги зеде за свои. Но, треба да се каже дека тие идеи Брејвик, на начинот на кој ги сплете заедно, не ги силувал. Повеќето идеи што тој ги прокнижи на своја сметка ги искажаа и запишаа луѓе кои имаа или сè уште имаат статус и углед во општеството. Тоа се идеи што ги искажуваа во училниците и предавалните, на собирите и политичките состаноци, во театрите и кино-салите. Тоа се идеите кои ги печатеа во списанијата и книгите, а денес кружат и низ електронските медиуми. Накратко: тоа е нашата култура.

Да ја земеме изјавата на Брејвик која прихијатрите ја толкуваа како еден од доказите за непресметливост, дека е „најсовршениот витез“ од сите витези кои живееле по Втората светска војна. Навистина, има тука одредено претерување, но Брејвик е витез, витез темплар, а се разбира дека витезите постојат да бидат совршени. Темпларите се стар христијански војнички ред кој постои и денес. Францускиот крал Филип IV ги обвинил темпларите за хомоскесуалност, содомија и црна магија (нешто полошо тогаш не можело да се измисли) и запалил неколкумина од нив на клада, но мислењето на пресветлиот крал, вистински прогресивец и модернизатор, не преовладало. Преовладувачката претстава за темпларите е секаква само не негативна. Или, да ги земеме малтежаните, вториот витешки ред, чии корени лежат во крстоносните војни. Еден од нив беше министер и во Словенија. Да ги погледнеме крстоносните војни, изворот на нашата систематска и активна исламофобија. Во просветителството веќе се нашол некој кој се згрозил над фанатизмот на крстоносците, а во времето на подемот на нацизмот и некое време по Втората светска војна, кога сè уште било прерано за ревизионизам, постоеле неколку историчари кои под впечатокот на современата катастрофа развиле остра критика кон крстоносните војни, но гледано во целина, Европа никогаш не се откажа од крстоносните војни. Тоа беше и духовниот свет на Брејвик.

Се разбира дека Брејвик би можел да убива и без интелектуалната основа објавена во манифестот. Клучниот проблем е на друго место: идеите што ги присвоил убиваа и без него. Од тие идеи, од тоа убивање, од идеите кои не само што го оправдуваа убивањето, туку и прогонуваа во убивање, е исткаен голем дел од нашата – европска – историја. Тоа е непријатната вистина на нашата историја. Тоа е вистината која проговори во злосторството на Брејвик и која повторно ќе прозбори сè додека не ги отплеткаме идеите од оние кои е исткаена нашата историја. Прогласувањето на норвешкиот евротерорист за непресметлив ќе биде најверојатно изговор за одложувањето на нашето соочување со самите себе. На крајот сите ќе бидеме непресметливи.

За крај ќе споменам два стручни описа на Брејвиковата непресметливост: имал заблуди дека е повикан да одлучува за животот на другите и изгубил допир со реалноста до таа мера што повеќе немал контрола над своите дела. Не е ли тоа фин опис на нашите европски водачи во времето на ширење на евангелието за „штедењето“?

Извор: Dnevnik.si

Илустрации: Хозе Луис Каранца

ОкоБоли главаВицФото