1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
За жал, г-нот Самарас не учи од своите грешки. За да ја промовира својата политичка кариера, претседателот на десничарската Нова демократија на почетокот на 1990-те ја усвои максималистичката политика за македонското прашање, која им годеше на грчките уши. Притоа г-нот Самарас не ја земаше предвид реалноста на меѓународните односи: како исход од тоа, тој беше протеран во политичка пустина во која го мина наредното десетлетие, ПЈРМ речиси од сите држави е признаена како Македонија, а Грција доживеа, откако потроши огромна национална сила, еден од најголемите дипломатски порази во блиската историја.
Дваесет години подоцна, истиот човек усвои слична политика која исто така им се допадна на гласачите, но притоа повторно ги превиде ставовите на европската десница и меѓународната ситуација. На тој начин се најде во ситуација, обраќајќи ѝ се на Европа, да напише понижувачка изјава за лојалност, во која нема, за разлика од неговите претходни писма до Европејците, ни збор за изборите предвидени за 19 февруари. И тоа зашто Брисел и г-ѓата Меркел најверојатно ќе бараат продолжување на мандатот на сегашната влада. Како што впрочем се докажа и за време на последниве недели, изборите воопшто не влијаат на драмата во земјите од еврозоната. Нивната судбина е во рацете на Франкфуртската група.
Случајот со Шпанија
По Грција и Италија, дојде ред и Шпанија да ја менува владата. Кај нив до промени се дојде преку избори. Народната партија ги изненади социјалистите и победи со разлика која не е забележана уште од времето на воспоставувањето република. Победниците добија апсолутно мнозинство во шпанскиот парламент и мирно можат да владејат со земјата, обидувајќи се да ја извадат од кризата.
Меѓутоа, во реалноста ништо нема да се промени.
Да почнеме отпочеток. Исто како во Рим и Атина, и во Мадрид до промена на владата дојде пред да истече мандатот на старата. Изборите требаше да бидат во март 2012 г., но премиерот Запатеро реши да ги забрза поради социјалното незадоволство и должничката криза во која западна земјата: три дена пред изборите каматата под која требаше да позајмува шпанската влада изнесуваше 7%, а не постои земја која може да зема позајмици со толкава камата.
Она што папагалите на меѓународните медиуми ретко го споменуваат е тоа дека Шпанија нема проблем со долгот, кој достигнува 61% од БДП. Овој процент е многу помал од грчкиот (145%) или италијанскиот (118%), и е значително понизок од германскиот (83%). Меѓутоа, „пазарите“ се плашат дека Шпанија ќе банкротира и ѝ даваат позајмици под многу понеповолни околности отколку на Германија, чиј долг е поголем. Што, по ѓаволите, се случува овде?
Да видиме какво објаснување дава Spiegel за понатамошниот развој на ситуацијата во Шпанија и како објаснува зошто шпанските гласачи на овие избори ги казнија социјалистите: „Социјалистичката партија долго време го негираше постоењето на економската криза. Само големиот притисок од Брисел го натера Запатеро да ги одземе поволностите кои во подобрите времиња им ги даде на државните службеници, пензионерите, студентите и младите родители“.
Навистина, под притисок на групата која ја насочува европската судбина, шпанскиот премиер направи достоиствено салто мортале и го усвои неолиберализмот. Собранието изгласа најстроги мерки на штедење, го релативизираше законот за работни односи и изгласа измени во уставот по пример на германскиот устав, кој предвидува урамнотежен буџет.
Во склад со она што го објавува Spiegel, основната причина за лошата среќа на социјалистите и цела Шпанија е во тоа што Запатеро задоцнил да му се потчини на Брисел. Очигледно дека се случи токму спротивното: социјалистите се оттуѓија од своето гласачко тело, ставајќи ги настрана своите предизборни ветувања и следејќи ја програмата која многу подобро ја применуваат нивните политички соперници. Можеби проблемот немаше да стане толку голем ако малку порано им се потчинија на барањата на Брисел?
Нивните грчки колеги можат да одговорат на ова прашање, и тоа негативно: сè до објавувањето на референдумот кој за малку не доведе до уривање на светскиот капитализам, премиерот на Грција беше добар ученик на Брисел: неговата влада не преговараше за ниеден збор во разните пакети со мерки кои земјата за две години ја вратија неколку децении назад.
Парадоксот со Португалија
Ако недисциплинираните Балканци со својот неподнослив долг не се најдобар пример, да го земеме примерот со мирната Португалија. (Поранешната) социјалистичка влада на премиерот Сократес ги изгласа строгите мерки на штедење, а неолибералната влада на Коелјо, која дојде на власт по изборите на почетокот на летото 2011 г., вети дека ќе применува доследно уште построги мерки: исход од ова е предвидување рекордна рецесија во португалската економија од 5%. Додека безобзирната нова влада ги скратува годишните одмори и го укинува божиќниот бонус, португалската економија се тркала надолу.
Слични резултати ќе покаже и новата шпанска влада, која суштински не ветува ништо друго освен некои измени во даночниот систем и полабаво сфатениот закон за работни односи. Неколку часа по прогласувањето победа, новата влада беше приморана да се задолжи со двојно поголема камата од онаа со која се задолжување старата влада. Значи, не е важно дали изборите се одржуваат или не, кој победува и со каква предизборна програма. Од Грција и Италија со премиери-технократи до Шпанија, Ирска и Португалија со новоизбрани влади треба да се применуваат истите мерки кои ја продлабочуваат кризата и – што е посебно интересно - ѝ одговараат на Германија.
Франкфуртската група
Да видиме што пишува за иднината на еврозоната New York Times: „Малкумина плачеа по Папандреу и Берлускони, чиј пад беше наметнат од страна на оската Брисел-Берлин-Париз. Иако нивното заминување од власта беше добредојдено, тоа создава загрижувачка слика на заедничка европска држава каде што стабилноста се присилува на сметка на демократијата. Ритуалите парламент и демократија можат да продолжат да постојат, но вистинската моќ на носење одлуки ја има т.н. Франкфуртска група, мал круг составен од Ангела Меркел, Никола Саркози и група банкари и функционери кои управуваат со европската криза од октомври“.
Станува збор за група која симнува и поставува влади во земјите кои бревтаат под политиката која им наметна самата ЕУ. Во епицентарот уште од почетокот на кризата се наоѓа Грција, со влада и политички систем на умирање. Грција е на коленици. Кога ќе го земеме предвид сето она гренаведеното, добро направи претседателот на Нова демократија, Самарас, кога не ги спомена изборите и нивниот датум. Бидејќи, што ако г-ѓата Меркел и Франкфуртската група решат да го променат датумот?
Извор: TVXS
Карикатури: Маријан Каменски