Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

16.12.2011 14:13
Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

STEALTH.ultd е ротердамско-белградска група основана 2000 г. со цел промислување и дискутирање за блиската иднина на градовите. Оваа група соработувала и учествувала во бројни меѓународно објавени и изложени проекти на тема комплексноста и непостојаноста на современиот град.

Предавање на Ана Џокиќ и Марк Нелен

Приказна за меѓувремето

Би сакале во оваа расправа да го воведеме изразот со кој се занимаваме последниве години, а тоа е меѓувремето, односно периодот помеѓу две функции кои се извршуваат на истиот простор. Меѓутоа, првин би сакале да се осврнеме на посткапиталистичката идеја за одвојување на урбанизмот од државата. Во Холандија, земјата за која ќе зборуваме, до пред петнаесет години урбанизмот беше под управа на државата. Оттогаш чекор по чекор пазарните сили почнаа да преовладуваат со урбанистичкото производство, за денес да дојдеме до ситуација во која пазарот има многу поголемо влијание на просторното планирање одошто државата. Значи, она со кое се соочуваме денес, кога државата се повлече од урбанизмот, е доминацијата на пазарот, а не на посткапитализмот. Од тоа искуство би можеле да кажеме дека е време да почнеме да размислуваме за урбанизмот кој не би бил условуван ни од пазарот ни од државата, туку би бил воден од заедничките можности.

Излез од гентрифицираниот град

Во Амстердам во 1985 г. се затвори огромно бродоградилиште на северниот брег на реката Иј, кога бродоградителските компании се преселија во Азија. Тој простор беше толку голем што градот не знаеше што да прави со него. Градската управа не сакаше да ги урива зградите. Имаа потешкотии со нивно изнајмување, а се плашеа и од населување на сквотери во случај да ги остават празни. Во меѓувреме и сквотерите фрлија око на зградите. Обете страни, и институции и сквотерите, беа заинтересирани за неограничените можности на тоа место, но се наметна прашањето дали можат овие две страни да преговараат за тоа од своите различни позиции.

Градските власти во 1993 г. решија да распишат конкурс за уметници кои би претставувале еден вид креативни претприемачи за просторот од околу 20 000 квадратни метри. Една година претходно, мала група сквотери победи на конкурсот и на употреба ја доби зградата на NDSM Wharf на рок од пет години, кој подоцна беше продолжен на десет. Нивната замисла беше со помош на 250 уметници сами да го обноват просторот.

Освен сквотерите, и многу други групи од Амстердам беа заинтересирани за неискористениот простор кој чекаше реновирање. Гентрификацијата и високите цени во градскиот центар натераа многумина да разгледаат други животни опции. Па така, се создаде желбата за преминување на реката Иј за да се дојде до празниот индустриски простор на северот од Амстердам – дел од градот кој порано беше познат како „Амстердамски Сибир“, област која многу граѓани на Амстердам ја беа заборавиле.

Автономија во просторот и времето

Во 2003 г. учествувавме во изработката на урбанистичкиот план за северниот дел на Амстердам за идните 25 години. Областа околу реката Иј е долга 5 км и е поделена на помали делови, и за секој од нив е осмислен план за развој во текот на овој период. Со оглед на тоа дека е прилично неизвесно што ќе се случи во идните неколку години, долготрајноито планирање беше подвиг кој сериозно нè заинтересира.

Изработивме нацрт на состојбата која ја затекнавме во 2003 г., кога земјиштето беше празно и неискористено, и од друга страна планираната визија на состојбата во 2028 г., кога целата област треба да биде пренаменета од индустриска намена кон градски содржини. Ако за тој процес размислувате како за временски период од 2003 до 2028 г., и земете предвид колку работи треба да бидат реализирани на крајот од целиот процес, ќе видите дека некои од тие работи почнуваат некаде во текот на тие 25 години бидејќи, се разбира, ништо не може да се изгради одеднаш. Од друга страна, на постоечките проекти кога-тогаш ќе им дојде крајот, како и на привременото користење на зградите.

Она што преостанува кога ќе се одземе времето во кое одумира сегашната намена и времето кога настапува идната е просторот кој не се користи во одреден временски период. Ние тоа го нарекуваме меѓувреме. Меѓувреме е времето во кое можат да се случат други нешта и други функции, проекти и намени кои можат да влијаат на крајниот изглед на земјиштето кое може да стане нешто друго, а не она што почетно било планирано. Поради тоа решивме да изградиме заменски план, „план во сенка“ за официјалниот урбанистички план, при што за секоја област покриена со урбанистичкиот план осмисливме заменска функција која би можела да ја има во меѓувреме. Нè интересираше како би можел да се спроведува тој процес.

Заедно со организацијата за урбана обнова Panorama North ја развивме замислата за Платформа за привремено користење, со која би можел да се изработи план за потенцијалните локации и да ги поврземе со иницијативите и побарувачката. За жал, со текот на годините се случија низа политички промени поради кои таа организација ја изгуби поддршката за активација на таа област, па намерата за привремено користење и изработка на заменски урбанистички план беше откажана.

Привремено користење – трајна неизвесност

И покрај тоа, градската управа веќе во 2005 г. почна да користи некои од привремените програми; на пример, подигнаа привремени студентски домови. Во меѓувреме уметниците вложија пари во просторијата од 20 000 квадратни метри на NDSM Wharf која наместо првобитните десет сега ќе може да се користи дваесет и пет години.

Во 2007 г. на тој простор беше започнат Kunststad (Градот на уметноста). Но во 2008 г. корисниците на тој простор дознаа дека градските власти сакаат да ја продадат зградата. Тогаш се собраа и побараа колективен заем, но на конкурсот победи градежна компанија иако понуди помал износ. Пролетта 2009 г. договорот кој беше потпишан со таа компанија беше раскинат поради економската криза.

Таа неповолна ситуација на NDSM Wharf, заедно со други бирократски пречки за привременото користење, како што се правилата и законските регулативи кои се неприменливи за привремените објекти, нè поттикна на правно дефинирање на концептот меѓувреме, односно постоење во меѓувремето.

Потребен ни е Устав!

Главната намера ни беше да видиме дали можеме на меѓувремето да му дадеме автономен статус, како на ентитет во времето и просторот кој може да дејствува независно. За тоа да биде независно морате да го воспоставите, да му дадете Устав.

Тој Устав би се занимавал со сивата зона, зоната меѓу давањето можност на привремената ситуација и нејзиното занемарување, меѓу вложувањето и искористувањето, привременоста и желбата за трајност, меѓу законот и безаконието. Тој Устав би морал прецизно да ги одреди економските сили присутни кај привременото користење преку поставување на прашањето: Зошто се случуваат тие нешта, кој влегува во такво користење и со кого, и кој заработува од тоа? Тој Устав игра двојна улога: од една страна ослободува одредени потенцијали кои се ограничени со прекубројните прописи и бирократија, а од друга упатува на тоа колку овие проекти се вклопуваат во замислата на инвеститорот и станува дел од пазарот на недвижнини.

Уставот за меѓувремето го пишувавме размислувајќи за сите тие прашања. Како модел ни послужи Уставот на Европската унија, кој сè уште не е усвоен. Нашиот Устав опишува различни работи – она што го може меѓувремето и она во што се состои неговиот потенцијал – да овозможи пристап кон користење на просторот. Меѓувремето секогаш има двојно лице: ако некој остварува добивка, тогаш може да добие време и простор вон доминантните пазарни влијанија. На пример, инвеститорите остваруваат добивка бидејќи секојпат кога некоја област е ставена во прв план со привременото користење, вредноста во ист миг му расте. Значи, привременото користење е многу евтина можност за кревање на вредноста на сопствеништвото.

На темата основни права на меѓувремето напишавме: „Почитувајте го како ентитет кој постои во времето и просторот. Меѓувремето има право на слобода од низата бирократски и правни пречки. Треба да се смета за различно од другите елементи за развој на градот и тоа е негово неотуѓиво право“.

Конечно, Уставот нема врска со користењето. Има врска со времето и просторот. Станува збор за правото на постоење и користење кое одреден простор ги има во времето. Тоа е јавното време во просторот. Уставот одзема дел од романтичната аура на самоиницијативните и привремени интервенции. Поврзан е со бирократијата и го анализира она што, всушност, значи дејствувањето во меѓувремето. Го поттикнува прашањето колку привременост би сакале да има? Исто така, дали тоа е единственото место во времето кое може да се оствари, за нас, кои не сакаме во целост да бидеме во рамки на преовладувачкиот економски систем? Дали тоа е единствениот простор кој ни преостана? Тоа би бил жалосен заклучок.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.stealth.ultd.net

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

ОкоБоли главаВицФото