1019 hPa
68 %
16 °C
Скопје - Нед, 06.09.2026 03:59
Кристофер Хиченс, новинар, есеист, писател и еден од најконтроверзните светски критичари на општеството умре во 62 година од животот во Хјустон.
Тој е автор на неколку книги, меѓу другото на „Бог не е голем: како религијата труе сè“, која во 2007 година беше светски бестселер. Пишуваше за многу светски весници и списанија.
Исто така, Хиченс е автор на книги од широк спектар прашања, почнувајќи од поделбата на Кипар, преку Томас Џеферсон до англоамериканските односи. Познат е по острото критикување на Хенри Кисинџер, Бил и Хилари Клинтон и Мајка Тереза.
Хиченс во младоста беше остар левичар, но се дистанцираше од левичарските идеи кон крајот на осумдесеттите заради благата реакција на неговите дотогашни западни истомисленици на појавата на милитантниот ислам.
До крајот на животот остана огнен заговорник на американската инвазија на Ирак во 2003 година и политиката на Џорџ Буш во „борбата против теророт“ заради што учествуваше во бројни јавни полемики со многу поранешни пријатели и колеги.
Пренесуваме дел од интервјуто на Џејмс Кирчик со Хиченс за Радио слободна Европа.
- Што ве привлече кон револуционерната политика?
Јас сум роден 1949 година. Тоа значи дека 1968 година беше идеална година да се најдам на универзитет и да станам навреден и бесен заради многу нешта: пред сè заради војната во Виетнам, но не само заради тоа. Бев незадоволен, како и многу други, од досадната повоена – делумно социјалдемократска политика, делумно конзервативен консензус. Затоа, во одредена смисла, самата разнородност па и конфузност во значењето на зборот револуција, за мене беше привлечна. Но, повеќе од што било друго, чувството за историја понекогаш поттикнува на акција. Чувствував дека влеговме во револуционерен период.
Накусо: отфрлањето на црнечкото население во САД, често со насилство, на вековното ропство. Потоа, симнувањето на демократските власти во Грција од страна на воената хунта која НАТО ја штитеше. Бранувањата во Латинска Америка, која долго време е некој вид двор на американската империја.
А потоа, како што поминуваше годината, сè посилниот општествен бунт речиси ја уништи Петтата република на Де Гол – која инаку одамна требаше да заврши. Во Полска и Чехословачка се случија многу интересни нешта. Беше јасно што се случува и на оние кои нè сметаа дека сме троцкисти, а кои ја поддржувавме традицијата на левичарската опозиција на сталинизмот. Некои сметаат дека тоа беа револуционерни години како 1848 или 1917-18. Тоа не звучи претерано. Подоцна сфатив дека тоа беше крајот на долгото влијание на европската левица.
- Кога денес се зборува за револуција, што подразбирате под тоа?
За мене револуционерите се луѓе кои се обидуваат да го уништат теократскиот режим на Исламската република во Иран, изложувајќи ги своите животи во борбата против многу суровиот режим. Тие револуционери се обидуваат да пронајдат посоодветна форма на управување во толку стара цивилизација како што е персиската – а која ја извалка овој клерикален фашистички режим.
Револуционери се и оние кои со сè поголем успех тежнеат да создадат автономна област или дури независен Курдистан на северот од Ирак, што веќе предизвика бранувања во Сирија, Турција, Иран и на други места каде што најстарото малцинство на Блискиот исток е изложено на репресија. Станува збор за најголемиот народ во светот кој нема сопствена држава. Тоа е прашање кое е многу постаро и во некоја рака поубедливо од палестинското...
Текстовите од Хиченс објавени на Окно можете да ги најдете на следниов линк.
Извор: slobodnaevropa.org