Есејот, спрега помеѓу слободијата и научната детерминативност

19.12.2011 11:03
Есејот, спрега помеѓу слободијата и научната детерминативност

(Беседа изговорена на Меѓународниот научен симпозиум Блаже Конески и македонскиот јазик, литература и култура одржан на 15 и 16 декември 2011 во Скопје)

Почитувани,

Јас нема да ги искористам целосно своите десет минути, бидејќи, не знам зошто, но уште од времето кога пишувавме писмени работи по македонски јазик во оние тетратки во кои со строга црвена линија беше означена границата помеѓу детскиот невешт ракопис по правило пишуван со сино пенкало и оној извежбаниот, учителскиот, испишан со црвено, јас сум склон кон концизност. Тогаш им се чудев на оние свои соученички што успеваа за четириесет и пет минути да извезат пет-шеснаесет страници текст за „Пролетта во нашиот град“, додека јас никогаш не успевав да ја започнам третата. Денес ми е веќе јасно дека тоа проклетство или благослов, сеедно, ми се дадени од раѓање.

Овој текст е, всушност, една интимна исповед. За многумина можеби ќе биде чудна или во најмала рака неочекувана од човек што се родил само неколку години пред смртта на Конески, а дискурсот е далеку од оној што се од очекува од еден текст што е пишуван за да биде прочитан на Меѓународен научен симпозиум, но јас токму поради оваа исповед и се појавувам овде, оти сум се воодушевувал подеднакво и од неговата поезија, и од неговите есеи, и од неговата Граматика. Оти, ми бил инспирација за многушто досега во животот. Оти, од него учеле оние што сум имал среќа да ги сретнам и кои можам со поголема слобода и пред останатите, а не само пред себеси, да ги наречам свои учители. Јадранка Владова, на пример.

Зошто, всушност, ја одбрав токму оваа тема? Зошто токму есеите на Конески? Затоа што во неговите есеи отсекогаш сум гледал потпора и сигурност за она што самиот сум го пишувал. Во Конески сум гледал заштитник, сум му приоѓал во мислите како на родител што му се приоѓа, во него сум ја гледал својата одбрана од нападите што би можеле да дојдат поради тоа што ми е речта понекогаш расчаталена премногу или џивкам прегласно, како оние голиштарците во неговата Ars poetica. Сум се повикувал на него, сум го цитирал, оти ние за сенешто – и за што треба и за што не треба – на Конески се повикуваме, а тој успева и осумнаесет години по својата смрт да крепи како што му доликува на носечкиот столб, кој му е потпора на домот.

Зошто токму за есејот? Затоа што есејот е за мене – сега-засега, а можеби и засекогаш – единствената форма во која можам да ја изразам својата сопствена научна мисла. Есејот за мене претставува нуклеус, почеток. Со тоа не сакам да кажам дека на почетокот бил Есејот, а дури потоа Зборот – тоа би било бесмислено – ами сакам да кажам дека во есејот се содржи сè, како што во почетокот се содржи сè, како што во семето се содржи столетниот даб, а во зачнувањето – смртта. Оти, есејот одбива да одбере помеѓу слободијата на живата реч и строгата научна детерминативност, за него не важи или-или, ами и-и. Тој дури и не одбива, бидејќи и одбивањето е некаков избор, тој едноставно постои таков каков што е. Постои во мигот на своето создавање, оти како што вели Конески во еден свој есеј: „човекот само во мигот може да досегне некакво величие“. [1]

Есејот е за мене прво лице еднина. А, првото лице еднина е одговорност. Првото лице еднина е стоење простум зад она што се кажува. Тоа може да биде будалеста младешка храброст, како кај мене (голиштарецот), но може да биде и старечка мудрост, едноставна самодоверба, изминат пат, како кај Конески (стариот џивџан). Конески не само што редовно го користи првото лице еднина, туку и редовно ја користи личната заменка јас, иако тоа многупати делува редундантно во неговиот исказ, бидејќи во македонскиот јазик лицето е содржано во самата форма на глаголот, па прекумерната употреба на заменката може да го наведе читателот да си помисли дека суетата го обзела авторот. Но, како што нè учеа Барт, Крстева, Тодоров, Еко и останатите, текстот не го создава само авторот, туку и читателот, па така, таа грешна мисла за суетата би можеле и себеси да си ја припишеме доколку ја пронајдеме во текстот. Оти, кај Конески не станува збор за суета, ами за одлика на живата реч. Оти, истата таа лична заменка ќе ја најдете и во неговите кажувања во разговорите со Цане Андреевски.

Есејот, затоа што есејот е личен став, интимна приказна, мака што натежнала или убост – оти сите овие сакаат надвор. Оти сите овие тежат. Затоа што зборот е порив, и за смисла не прашува. Конески во својот Еден опит вели: „Сега, кога за тоа се јавува потреба, чувствувам колку би ми било тешко, своите размислувања за поезијата да ги прикажам во еден строен систем. Затоа и овој текст нема да се одликува со карактер на чисто теоретско излагање, ами до голема мера тој ќе пренесува само импресии од мојот индивидуален опит и ќе претставува повеќе коментар кон една поезија и кон една авторска биографија.“ [2]

По овој цитат доаѓа уште еден, овојпат од Мишел де Монтењ, кој вели: „Да се стремев кон здобивање на наклонетоста на светот, подобро ќе се украсев себеси и ќе се прикажев во поучен став. Сакам да ме видат овде во моето едноставно, природно и секојдневно руво, без нагизденост и изнасиленост, зашто јас овде се сликам себеси. Моите мани ќе се прикажат живо исто како и мојот природен лик, колку што ми допушта должната почит кон светот. Да им припаѓав на оние народи за кои раскажуваат дека сè уште живеат среде слатката слобода на првобитните закони на природата, те уверувам, [читателе] [3], дека на мошне драго срце ќе се насликав себеси во цела фигура и потполно разголен.“ [4]

И за крај, нека биде ова некаков си post scriptum. Сношти гледав едно интервју со учителот Конески, кое неодамна се појави на интернет – а кога велам учителот, мислам на духовен учител, духовен отец, гуру или како сакате наречете го, оти како таков, без да знам да објаснам зошто, го чувствувам. Тоа беше првпат да видам како говори, да му ја чујам живата реч, но и да го видам она невербалното кај него, оти пред тоа само преку неговите текстови, приказните за него и текстовите за него напишани сум го запознавал. А во тоа интервју беше токму онаков каков што го замислував. А, своите учители секогаш како совршени ги замислуваме. Беше онаков каков што го опишува и Горан Стефановски во својата пристапна беседа кон МАНУ, со само две придавки – љубезен и спокоен.

Белешки

[1] Конески, Блаже. „Мигот“ Во: Ликови и теми. Скопје: Култура, 1990: 405.
[2] Конески, Блаже. „Еден опит“ Во: Ликови и теми. Скопје: Култура, 1990: 253.
[3] Забелешка моја.
[4] Montenj, Mišel de. Ogledi. Beograd: Rad, 1977. Цитатот е преземен од Ефтимоска, Татјана Б. Есејот (Македонско искуство). Скопје: Македонска реч, 2011: 12

ОкоБоли главаВицФото