Почина севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ил

19.12.2011 12:10
Ким Џонг Ил

Ким, кој ја предводеше Комунистичката партија од смртта на татка си во 1994 г., починал во воз додека посетувал некое место во близина на Пјонгјанг, се вели во соопштението. Во 2008 г. тој доживеа срцев удар и со години беше отсутен од јавниот живот. Се верува дека ќе го наследи неговиот трет син Ким Џонг Ун, кој има 30 години.

Веста за неговата смрт беше соопштена во емотивното обраќање кое беше прочитано на националната телевизија. Презентерот, облечен во црно, соопшти дека Ким починал како последица од преголемиот „физички и умствен труд“. Веста за неговата смрт беше соопштена во мигот кога Ким го подготвуваше својот наследник. Ким Џонг Ил ја презеде власта откако неговиот татко, основачот на Северна Кореја, Ким Ил Сунг, почина во 1994 г. Во септември Ким Џонг Ил го именуваше својот трет син, Ким Џонг Ун, за свој наследник доделувајќи му висок воен чин.

Северна Кореја претставува една од најизолираните земји во светот, и за ситуацијата во неа се знае многу малку, но уште помалку информации има и за човекот кој е познат како „Големиот водач“. Севернокорејската легенда вели дека Ким е роден на планината Паекду во 1942 г. и дека неговото раѓање било најавено со појавата на две виножита и две нови блескави ѕвезди. Меѓутоа, советските податоци велат дека е роден во сибирското село Вјатское во 1941 г. Тоа е местото каде што неговиот татко бил командант на баталјонот на 88-та советска Бригада, која била составена од бегалци од Кина и Кореја. Се претпоставува дека годината на раѓање е променета во официјалните документи на Северна Кореја за да изгледа дека Ким Џонг Ил е роден кога неговиот татко имал 30 години.

Ким Ил Сунг, кој со години се борел за независност на Кореја од колонијалниот владетел Јапонија, од базата во Русија, стана комунистички водач со враќањето во Кореја во 1945, откако Јапонија беше поразена во Втората светска војна. Додека полуостровот беше поделен на советски север и американски југ, Ким дојде на власт како прв севернокорејски лидер во 1948, додека Сингман Ре стана првиот јужнокорејски претседател.

Во 1950 г. Северот започна инвазија на југот, оставајќи го полуостровот поделен со „демилитаризирана зона“ која и денес останува најутврдената област во светот. Војната меѓу двете Кореи, која траеше од 1950 до 1953 г., и во која настрадаа над четири милиони луѓе, беше завршена само со мировна спогодба, а нацијата остана поделена, милитаризирана и во затегнати односи над половина век.

Во Северна Кореја Ким Ил Сунг ја комбинираше сталинистичката идеологија со култот на личноста кон него и неговиот син. Нивните портрети висат во секој дом и на реверот на секој послушен жител.

Ким Џонг Ил дипломирал на универзитетот „Ким Ил Сунг“ во Пјонгјанг, а имаше 33 години кога татко му го прогласи за свој наследник. Но, долго време пред да го преземеме местото на водач, постоеја знаци дека според бруталноста и ексцентричноста Ким Џонг Ил ќе го надмине својот татко.

Јужна Кореја го обвинува дека е организатор на бомбашкиот напад од 1983 г. кога беа убиени 17 јужнокорејски државници за време на посетата на Бурма, денешен Мјанмар. Во 1987 се случи бомбашки напад на компанијата Korean Air во кој загинаа 115 лица. Севернокорејскиот агент кој го призна поставувањето на експлозивната направа изјави дека Ким лично го наредил уривањето на авионот.

Ким Џонг Ил ја презеде власта откако неговиот татко почина во 1994 г., преземајќи ги функциите претседател на Демократска Народна Република Кореја, Врховен командант на Корејската народна армија и Генерален секретар на работничката партија на Кореја, додека неговиот татко остана „вечен претседател“ на партијата. Тој верно ја спроведува политиката на „воена тупаница“ на татка си, посветувајќи ги скромните суровини на земјата во одржување на огромната војска, која е петта според големината во светот, дури и кога луѓето во земјата умираат од глад.

Исто така, тој сакаше да го создаде првиот нуклеарен арсенал во Северна Кореја, што кулминираше во октомври 2006 г. со првата пробна нуклеарна експлозија, додека вториот тест беше објавен три години подоцна.

По објавувањето на веста за смртта на Ким Џонг Ил, низ земјата се одржуваат собири за поддршка на неговиот наследник, Ким Џонг Ун. Животот на новиот севернокорејски диктатор е обвиен во загадочност, иако последниве години тој беше издигнат во првите редови на власта поради очигледната намера на татко му забрзано да го подготви за наследник. Во септември 2010 г., во своите доцни дваесетти години, беше унапреден во чинот генерал со четири ѕвезди и ги зазеде највисоките позиции во партиската и воена хиарархија, и покрај недоволното воено искуство.

Ким Џонг Ун е син од третиот брак на неговиот татко со корејска танчерка, за која се верува дека починала од рак во 2004 г. Според расположливите податоци, Ун завршил меѓународно средно училиште во Швајцарија, но под друго име. Весниците пишуваат дека тој ја сака кошарката и сака да црта карикатури, а училишниот персонал и соучениците на него се сеќаваат како на срамежливо момче кое ги сакало скијањето и холивудскиот опасни момци како Жан Клод Ван Дам. Јужнокорејските агенции објавија дека по враќањето во Пјонгјанг го посетувал воениот универзитет Ким Ил Сунг и дипломирал во 2007 г.

Од 2010 г. пропагандната машинерија на Северна Кореја започна да го гради околу него истиот култ на личноста кој ги следеше и неговиот татко и дедо.

Во своите мемоари, Кенџи Фуџимото, поранешниот јапонски готвач на Ким Џонг Ил, неговиот најмлад син и наследник го опиша како „плукната слика и прилика на својот татко во смисла на изгледот, обликот на телото и личноста“.

Извори: The Guardian, e-novine, Политика