1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Убиството на водачот на терористичката мрежа Ал Каеда, Осама бин Ладен, е најзначајната новинарска приказна за 2011 г., според изборот на американската агенција Associated Press (АР), за која традиционално гласаат уредниците на американските медиумски куќи.
Убиството на Бин Ладен, во акцијата на американските специјалци во Пакистан, се најде на првото место од десетте најзначајни приказни за 2011, додека катастрофалниот земјотрес, проследен и од цунами, кој во март го доживеа Јапонија, се најде на второто место.
Третото место ѝ припадна на „Арапската пролет“, бранот народни бунтови на Блискиот исток и северна Африка, додека на четвртото се најде финансиската криза во Европа. На петото место е економската ситуација во САД.
На вториот дел од списокот се најдоа скандалот во врска со сексуалното злоставување во американскиот колеџ Penn State, потоа, сметнувањето на либискиот диктатор Моамер Гадафи, спорењата во американскиот Конгрес во врска со фискалната политика, протестите на движењето „Окупирај го Волстрит“ и застрелувањето и ранувањето на конгресменката од Аризона, Габриел Гифордс, кое се случи пред една самопослуга во Тусон, во јануари.
Меѓу настаните кои беа блиску до тоа да се најдат на листата се и смртта на Стив Џобс, ураганот Ирена, како и укинувањето на забраната хомосексуалците отворено да служат во американската војска.
Извор: Associated Press