1016 hPa
72 %
13 °C
Скопје - Вто, 19.05.2026 09:03

Штом се облече, Гвидо појде да се види во огледалото на орманот и, како и обично, му се јави чувство на незадоволство. Навистина: сè она што го облече беше ново и од најдобар квалитет – ново струкирано елече, нови сиви панталони, нова кравата со впечатливи риги, нови чорапи од црвена волна и нови кожени чевли; а сепак, не беше елегантен, личеше на кукла од излогот на некој голем магацин.
Нередот во спалната соба го нервираше, па така Гвидо излезе од таму и појде во дневната. Тука сè беше чисто, наместено, сјајно; Гвидо одново се почувствува смирен, иако, уште откако се разбуди, утрото, го мачеше сомнеж дека заборавил нешто: да не имаше состанок? телефонски повик? нешто да се плати? некој празник? Најпосле само кимна со главата и се приближи до грамофонот, во ќошот до каминот. Грамофонот, од американско производство, беше автоматски, така што штом се притиснеше на едно копче од надвор, игличката сама се подигнуваше, се поместуваше, се спушташе, легнуваше на работ од дискот. Гвидо одбра еден случаен диск со лесна музика, го стави и притисна а отскокна назад на дискот, одново се подигна и со едно звучно „клик“ се врати во позиција на копчето. Тогаш се случи нешто непредвидено: игличката се подигна, се помести, но не се спушти, туку продолжи да се поместува, како да ги смислуваше движењата, и најпосле, наместо на работ, појде и се спушти на средината од дискот. Се слушна остро чкрипење, игличка на неактивност.
Гвидо го извади дискот и го прегледа на светлината на прозорецот: дискот беше уништен, на неколку места можеа да се забележат длабоки гребаници. Ова беше прв пат автоматизмот да не функционира. Гвидо, длабоко вознемирен, стави нов диск но овој пат игличката се подигна и се спушти како што треба, без грешка. Додека ја слушаше музиката, се праша која беше причината за чудното однесување на грамофонот, но почувствува дека можното техничко објаснување нема да го задоволи. Во тој миг влезе жена му.
За рака ги водеше нивните две деца, Пиеро и Лучиа, обете помали од пет години, со нежни и чувствителни лиценца, пред сè Пиеро, кој многу личеше на една фотографија на Гвидо, кога и тој беше на негова возраст. Жена му им рече на двете деца: „Ајде, одете да го бакнете тато“ и остана на сред дневна соба, додека двете деца, милно и послушно се затрчаа кон татко им и почнаа да му се чеперат по колената. Гвидо ги гушна, а додека ги гушкаше, преку нивните бушави глави погледна кон жена си и забележа, небаре прв пат ја гледа, дека беше висока, слаба и рамна, исушена, испразнета по двете мајчинства, и лишена од секаква женственост и шарм. Исто така забележа дека носеше очила а носот ѝ беше вцрвен, дека имаше облечено широко, светлосино здолниште и темно тиркизна блуза. Во еден момент му се стори дека сите овие детали мора да имаат некое нивно значење, нешто како деталите на цртаните ребуси кои обично се решаваат со само еден збор; само што жена му сега не му даде време за да го најде. „Ајде, да одиме“ рече „веќе е доцна, ако почекаме уште малку можно е да заглавиме во метежот од коли по улиците“. Гвидо рече: „Да одиме“, и тргна по жена си, која одново ги фати за рака децата.
Станот беше на приземјето од една нова куќа во Париоли; влезната врата беше свртена кон една малечка градина со цементирани патеки, алеи со лалиња и дрвца кастрени во форма на топка и конус. Семејството мина низ градината и излезе на една тмурна улица, со нови згради од страните и редици коли крај тротоарите. Гвидо сега пак се запраша што заборави утрото, и без да се оддалечи од оваа мисла ги качи жена му и децата в кола, стави во брзина и тргна. Колата брзо се спушти по Виа Фламиниа, го мина мостот, продолжи крај Тибар. Целта на излетот беше езерото Албано. Беше недела и беше убав ден, како што впрочем забележа и жената, седната назад заедно со девојчето, штета, навистина штета што не може да се отиде на пикник, но скоро имаше врнато и земјата беше сè уште влажна. Гвидо на ова ништо не одговори. Жена му продолжи кротко и мудро да зборува, вртејќи се те кон сопругот, те кон децата. Гвидо, од своја страна, го сосредоточи сето внимание на улицата која, пренатрупана со коли и луѓе тргнати на викенд, си бараше повеќе внимателност и вештина од вообичаено.
Колата, откако мина голем дел од Апиа Антика, тргна по Апиа Пињатели а од неа премина на Апиа Нуова. Дури и кога улицата пред него беше слободна, Гвидо одржуваше една константна, не многу висока брзина. Едновремено, очите му се задржуваа на низа детали кои се чинеа интересни, иако не можеше да продре до нивното значење: блесокот на пониклуваните браници на големата црна кола пред нив, заслепувачката белина на едно напола сокриено буре со гориво во пролетните дрва крај патот, беспрекорноста на варот на фасадата од некои куќи, сребреникавата боја на авионот кој дијагонално се спушташе низ небото за да слета на аеродромот Чампино, ненадејниот отсјај од еден прозорец врз кој паѓаше зрак сонце, бојата од лентите за сигнализација крај патот. Сите овие бели, блескави, сјајни нешта беа во остар контраст со еден голем црн облак кој го беше запоседнал небото и се закануваше да го расипе убавиот ден; дури и полето, со своето светло и пријатно зеленило, лошо ѝ стоеше на мрачната позадина која ја носеше невремето. Гвидо уште еднаш се праша кое можеше да биде значењето на овој контраст, но не откри ништо: а сепак, сигурен беше дека постои. Жена му, зад него, зборуваше со девојчето; момчето, кое седеше до него, беше застанало на коленици на седиштето, со рацете околу заглавјето, и се мешаше во разговорот меѓу мајката и сестрата. Свежите, остри гласови на децата кои испрашуваа, и смирениот глас на мајката која одговараше, и тие криеја, сигурно, некоја смисла; но Гвидо, како и со сите други нешта кои едни по други ги забележуваше, така и тука не можеше да ја најде, иако беше убеден дека постои.
Потоа децата се смирија, и во тишината која настана, жената како да го забележа молчењето на Гвидо, и го праша: „Што ти е? Лошо си расположен?“
„Не, не сум лошо расположен.“
„Да, ама не си ни добро расположен.“
„Просечно сум расположен, како и обично.“
„Токму тоа е она што најмногу го ценам кај тебе, твоето просечно расположение, како што велиш; само, ми се причини дека сега си лошо расположен.“
„Зошто ти се допаѓа моето просечно расположение?“
„Така, ми дава чувство на сигурност. Чувство дека се наоѓам крај човек во кого може да се има целосна доверба.“
„А тој човек би бил јас?“
„Да, ти“; жена му зборуваше смирено, објективно, небаре во трето лице - „имам доверба во тебе затоа што си добар сопруг и добар татко. Знам дека со тебе не може да има изненадувања, и секогаш го правиш она што е исправно. Таквата доверба ме прави среќна.“
„Среќна си со мене?“
„Па... да“ – жена му како да подразмисли за миг, „да, среќна сум, навистина можам да кажам дека сум среќна. Ти ми го даде она што отсекогаш сум го сакала: семејство, деца, исполнет и сигурен живот. Мило ли ти е затоа што сум среќна со тебе?“ Жена му се подаде нанапред и нежно, топло го погали по вратот. Гвидо одговори: „Да, мило ми е.“
Автомобилот сега од Апиа Нуова влезе во Виа деи Лаги и минуваше низ зелените полиња, низ кои се гледаше треперењето на белите и розовскасти облачиња од дрвата на овошките во цут. Потоа, крај една небесно сина куќа забележа жолта мимоза; а потоа и неколку јудини дрва со гранките натежнато од цветови црвени како вино. Гвидо рече: „Не бев лошо расположен, само размислував на нешто што се случи неодамна.“
„Што?“
Гвидо ѝ раскажа за дискот и за киксот на роботиката на грамофонот, по што заклучи: „Во ред, дискот е упропастен. Но најмногу ми е до тоа што не можам да сфатам зошто грамофонот не работеше како што треба.“
Жена му се пошегува: „Се гледа дека на машините понекогаш им се смачува од тоа да бидат машини и сакаат да покажат дека не се.“
„Баш, токму така.“
Детето кое сè уште стоеше на коленици на седиштето крај Гвидо, одеднаш ја праша мајка си дали дента ќе јадат јагоди. Мајка му му објасни дека јагоди нема во тоа годишно доба, дека јагодите се овошје, а пролетта е време на цветовите, како што можеше и самиот да се убеди ако погледне кон полето. Гвидо почна да ги слуша размислувањата на жена си, а потоа направи уште еден, последен, и прилично послаб обид да се сети на она што го заборавил утрото, но ништо не му доаѓаше на памет. Можеби некој деловен состанок за следниот ден, понеделник: како и да е, сè беше запишано на бележникот в канцеларија, и нема да му биде тешко да се потсети.
Стигнаа до патот кој минува крај езерото Албано, но тоа сепак сè уште не се гледаше затоа што беше затскриено од градините на бројните вили. Потоа, откако свртеа, езерото почна постепено да се открива: најпрво стрмните падини, прекриени со густо, темно крзно, а под него, подолу, небаре на дното од инка, неподвижното и мрачно езеро во кое високите брегови и разоблаченото небо се отсликуваа со нееднакви сенки. Гвидо отсечно фрли еден поглед кон езерото и одново му се јави чувството на некое значење скриено зад бројните и раштркани детали. Патот сега беше на нагорнина, и Гвидо смени брзина, од четврта во трета. На врвот од нагорнината се насетуваше убава глетка, во висина на небото, а под него можеше да се претпостави постоењето на смртоносен амбис од неколку стотици метри.
Одеднаш Гвидо се почувствува како некој кој излегол од некое подземно место на виделина, небаре се истиснал од некаков тап, застоен воздух за да навлезе во друг, чист и лесен. Заедно со ваквото чувство му дојде и една конкретна мисла: да ја залета колата со сета брзина во празнината која се насетуваше зад врвот на нагорнината и да се фрли во езерото заедно со жената и децата. Колата ќе паѓа во празно едно двесте или триста метри, по што ќе падне право во езерото, а смртта ќе настапи истиот миг. Гвидо се праша дали оваа мисла беше поттикната од некоја негова омраза кон семејството, и веднаш сфати дека не е до тоа. Напротив, му се причини дека никогаш не ги сакал толку многу како во овој момент, кога посакуваше да ги уништи. Ова беше мисла, или искушение? Да, беше искушение, речиси неодоливо, имаше во себе некоја злокобна, одлучна и немирна нежност, слична на онаа што предизвикува сомилост која не сака да остане бессилна.
Колата се измота на десно, сè додека не го допре работ на патот, искачувајќи се сè позабрзано кон пространството. Но штом ја мина највисоката точка, Гвидо се најде пред една мала ливада која не ја предвиде.
Пропаста остана зад нив и мигот помина: летот во празно ќе беше нешто природно, а да се врати за да падне би било најпрост злочин. Гвидо застана, ја крена рачната кочница и остана неподвижен. Не чувствуваше ништо посебно; само му се чинеше дека од лесниот воздух повторно се врати во оној тапиот и задушлив. Жена му тргна да слегува од колата, велејќи: „Браво, добро што застана: ајде да одиме да го видиме езерото.“
Кога четворицата застанаа на работ од пространството и, фатени за раце, се подадоа нанапред за да го гледаат езерото, Гвидо одеднаш се сети на она што го беше заборавил: оваа недела се паѓаше годишнината од нивниот брак, за тоа зборуваа претходната вечер, откако ги легнаа децата, а излетот беше договорен токму за тоа, да се прослави денот.
Превод од италијански: Живко Грозданоски
Илустрација: Франк Шило