Промоција на книга од Влада Урошевиќ

20.12.2011 13:52
Промоција на книга од Влада Урошевиќ

Во четврток (22 декември) со почеток во 20 часот во клубот ГЕМ ќе се одржи промоција на книгата Детство, лето, град од Влада Урошевиќ.

Промоцијата е замислена на необичен начин. Имено, промотивниот текст ќе биде составен од заеднички текст на: Марија Георгиевска, Катарина Блажевска, Стефан Марковски, Теона Митевска, Иван Шопов, Виолета Цветкова, Стефан Алиевиќ, Ива Димовска, Ема Конеска, Андреј Јованчевски, Верица Ситниковска, Андреа Коцев, Стефан Џајковски и Петар Костоски.

Во книгата Детство, лето, град се собрани песни, раскази, сеќавања, интервју кои се обединети околу темата детство. Може слободно да се каже дека детство, всушност, е една од најголемите опсесии на Влада Урошевиќ. Во овој избор од речиси сите поетски и прозни книги авторот го опишува својот „златен век“, времето на „изгубениот рај на земјата“ кога сите надворешни сензации го носат вкусот на чудото. Без разлика дали станува збор за расказ, песна или запис, во текстовите низ соновните полупроѕирни превези на сеќавањето се создава конструирана реалност составена од необични, противречни и непредвидливи ефекти. Нежноста измешана со суровост, грубите слики полни со поетичност и постојната верба во насетуваните тајни на секојдневието се основите на поетика која нуди билет за едно сонолико патување низ времето и просторот.

Влада Урошевиќ (Скопје, 1934) е еден од најзначајните современи македонски писатели. Работел како уредник во списанието Разгледи, Телевизија Скопје и професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет. Тој е од оние писатели кај кои поезијата, прозата, есеите и преводите се слеваат во еден вид хомогена и нераздвојна целина. Најзначајни книги: Еден друг град, Вкусот на праските, Ноќниот пајтон, Мојата роднина Емилија, Ѕвездена терезија, Сонувачот и празнината, Хипнополис, Демони и галаксии, Париски приказни, Мане, Текел, Фарес.

Текстот „Скопско детство“, извадок од книгата, можете да го прочитате на следниот линк.

ОкоБоли главаВицФото