1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Сон
Јас сакам да те знам
проѕирна, далечна, мила:
од коприна те ткам,
од јасна ѕвездена свила.
И ти во искреста игра
со виор и сињак, сен и светлина
минеш низ приказен крај,
ти бледо чедо месечинско
минеш низ приказен крај,
и како далечен, и како трепетен,
како радосен ѕвон
ѕуниш во мојот сон.
Јас сакам да те знам
проѕирна, далечна, мила
од коприна те ткам,
од јасна ѕвездена свила.
Пролет
Ноќеска слушав песна
далечен топол глас,
утрово сонце ме бакна,
затоа весел сум јас.
Очиве ми се смеат,
како да не бидам луд?!
Од поле децата првпат
донесле врбов цут.
Како да не сетам мака
за твојот поглед и рака!
Спомни ме и ти мене
в срмена пролет и драга -
навечер кога со пупки
се реди твојата снага.
Вљубени девојки
Тие имаат лице нежно осенчено,
Како да паѓа на него сенка од проѕирни лисје,
И лицето неусетно се издолжува.
Тие имаат очи зголемени, замислени и влажни,
Како да се плашат од секоја странична изненада.
Тие го наклонуваат така леко челото
Да го допрат до усните на саканиот
Што им се чинат тогаш како крилца од пеперуга
Застаната на тревка — за миг пред да одлета —
А тревката се наклонува.
Тие ги стрелкаат тогаш в преграб рацете
Очајнички смело, слепо и неминовно
Како весла во разнишано море
Пред кое неволно замижуваме.
Боже, дали вистина некогаш сум го доживеал тоа?
Убавите жени
Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
Лик
Достапни ми се ликовите машки
од кои тврдост и суровост бие,
достапни ми се и муцките врашки
со сета гроза што ја носат тие,
достапни ми се – ги гледам со смешка,
но твојот лик е неизвесност тешка.
Обврска
сфати ја со сета сериозност
оваа обврска,
уште посилна дека заемна:
и без да го знаеш досега тоа
ние сме се задолжиле да го чуваме
споменот еден за друг.
Ќе минат сите површни оддалечувања,
ќе дојде час на враќање
кон загубеното,
за да се згрее душата макар малце
на него,
како што исѕемнатиот ги грее рацете
На жив жар, под распретаната пепел.
Виј
Во свеста, како во полноќна црква,
Те заклучив. И свеќи ко што бледат
На гасење, ти сега бледиш така,
А сите светци похотно те следат.
Ти тука си заточница за која
Јас толку мошни заклинања правам,
И еве веќе настапува часот
И сешто гласи дека ќе се јавам.
Јас идам како оној грозен Виј,
Со сиви очи, сиот земја жедна,
Да, страшен сум, и дека нежност носам
Во тврди грутки — затоа си бледна.
Се ближам како нежен Виј, но веќе
Таинствена си повлекла ти црта,
И штом ќе стапам до пределот, остро
Се руши понор и со карпи чкрта.
И сиот жеден, песок, јас се ронам
Во таа пропаст, и сè веќе гасам.
Јас, Виј, во свеста те домавив мошно,
Но, жеден, немам сила да те стасам.
Волк
Пците неспокојно застригоа со ушите
И заквичеа.
’Ртките задраскаа со нокти
По мразот осветлен од месечината.
Негде наблизу подмолно гази
Сенката на волкот на љубовта.
Некој свика:
Ујда-да-да, по него, дрште го бре!
Зазбиван од гонењето, тој запре,
Да земе здив.
Оддалеку се слуша неговото завивање:
Ау, ауу, аууу!
Тоа значи: пак ќе наминам.
Тоа е еден опис на обична ноќ
Во смрзнатата шума на моето срце.
Вепар
Дивасвиња го душкала твоето месо,
вепар!
Затоа нема никогаш да посакам
да те допрам.
И затоа сè стана ветар!
Ти го прелага само мојот сон,
само на сон сум те гушкал -
згрозен, најаве, дека
свиња те душкала.
Кошмар
Што тажно да заспиваш сам
По ноќ на желби и трескот.
Јас таа тага ја знам.
И зошто тогаш сиот баран блескот
И сета веселба барана?
И зошто, повеќе од тоа, благост
Во погледот и зборот наш
За час макар дочарана?
Ах, зошто, зошто?
кога се враќаме ти пак си студна.
Разочарана
Се леди од тебе душава блудна.
Јас сум груб,
Јас сум луд
Од тој студ!
Не, нејќам јас да биде така.
Ме дави сува рака.
Јас страдам дека сум сам,
Во кошмар дека се губам —
А сакам да љубам,
Сакам да љубам!
Починка
Есенва е мирна, просветлена сета.
Човек сака негде далеку да шета.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.
Сè ќе минам кое со возбуда мами.
Има такви места каде што сме сами.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.
Смирноста е мудра, страсноста е глупа.
Ќе седнам во паркот на некоја клупа.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.
И долго ќе седам, со цигара во рака.
Вечерта што иде ќе ја чекам така.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.
Блаже Конески е поет, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист, преведувач. Роден е во с. Небрегово на 19 декември 1921 година. Почина во Скопје на 7 декември 1993 година. Студирал филозофија на универзитетите во Белград и Софија. По дипломирањето работел како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Учествувал во составувањето на правописот на македонскиот литературен јазик (1945). Втемелувач на македонистиката на Скопскиот универзитет. Редактор на Речникот на македонскиот јазик. Бил ректор на Универзитетот во Скопје (1958-1960). Член на МАНУ и нејзин прв претседател (1967-1975). Бил уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Член на ДПМ од 1946 година. Прв претседател на ДПМ.
Ги објавил следниве книги:
Земјата и љубовта (поезија, 1948)
Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950)
Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952)
За македонскиот литературен јазик (1952)
Песни (1953)
Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954)
Везилка (поезија, 1955)
Лозје (кратки раскази, 1955)
Речник на македонскиот јазик (1961)
Песни (1963),
Историја на македонскиот јазик (1965)
Речник на македонскиот јазик (книга втора, 1965)
Речник на македонскиот јазик (книга трета, 1966)
Стерна (поезија, 1966)
Ракување (поема, 1969)
Јазикот на македонската народна поезија (1971)
Беседи и огледи (1972)
Записи (поезија, 1974)
Стари и нови песни (1979)
Места и мигови (поезија, 1981)
Чешмите (поезија, 1984)
Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986)
Ликови и теми (есеи, 1987)
Послание (поезија, 1987)
Тиквешки зборник (студија, 1987)
Средба во рајот (поезија, 1988)
Црква (поезија, 1988)
Дневник по многу години (проза, 1988)
Златоврв (поезија, 1989)
Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески (1989)
Сеизмограф (поезија, 1989)
Македонски места и теми (есеи, 1991),
Небесна река (песни и препеви, 1991),
Светот на легендатата и песната (есеи и прилози, 1993),
Црн овен (поезија, 1993)
Другите текстови од Конески на Окно можете да ги најдете на следниот линк.
Извадоците од разговорите меѓу Цане Андреевски и Конески можете да ги најдете на следниот линк.