Што после Ким Џонг Ил

22.12.2011 13:53
Што после Ким Џонг Ил

Во одредена смисла смртта на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ил менува сè. На пример, воопшто не е јасно дали неговиот разгален најмлад син Ким Џонг Ун – сега славен како „Големиот наследник“, но во суштина неподготвен да владее – ќе го наследи татка си во што и да е, освен во името.

На Ким Џонг Ун во прилог му оди очигледната сличност со дедо му, Ким Ил Сунг, кого граѓаните на Северна Кореја го сметаа за харизамтичен, што предизвикува чудење. Ако го тргнеме настрана изгледот, на Ким Трети ќе му биде потребна голема помош. Во меѓувреме, можеме да очекуваме дека Народната армија на Северна Кореја дополнително ќе ја засили својата власт. Исто така, многу повеќе одошто беше случај во минатото, треба да го очекуваме неочекуваното во Северна Кореја. А над сè, Западот мора блиску да соработува со Кина. Во таа смисла, ништо не е променето.

Секој разговор со кинеските државници води кон истиот заклучок: Кина сака да ги обнови преговорите, во кои би учествувале шест страни, за да се убеди С. Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма. Проблемот лежи во фактот дека досегашните резултати се недоволни за да се продолжи процесот, и покрај посветеноста на сите учесници во разговорите – Кина, САД, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, па дури и С. Кореја – во текот на изминативе неколку месеци. За да биде остварен напредокот, потребно е повторно да се сосредоточиме на преземање значајни чекори. За жал, се чини дека Кина, страната која има најголемо влијание на С. Кореја, е најмалку подготвена да го направи она што е потребно.

Бидејќи С. Кореја е сосед на Кина, политичката или општествената нестабилност во таа држава се сфаќа сериозно. Сепак, тоа е само почеток. Ставот на Кина кон својот воинствен и осиромашен сосед е многу сложен. Многу современи и деловно ориентирани Кинези сакаат да ја градат иднината на својата држава, но има и многумина кои сметаат дека малата и одважна соседна земја заслужува необичен восхит. Спротивставувањето на странскиот „притисок“ е тема која е долго присутна во кинеската историја, а кој го прави тоа подобро од граѓаните на Северна Кореја, за кои се стекнува впечаток дека се подготвени на борба до последното дете кое умира од глад?

Кинеските државници кои, пред сè, се посветени на зачувувањето на внатрешниот поредок, би требало внимателно да разгледаат што би значел колапсот на комунистичка С. Кореја. Значи, тоа е прашање кое повеќе се однесува на внатрешната одошто надворешната политика на Кина. Колку една држава е поблиску до Кина толку Кина ја гледа низ призмата на домашните прашања, посебно земајќи го предвид зачувувањето на внатрешната безбедност. Дали крахот на комунистичкиот поредок во С. Кореја влијаеше на дебатата која се води во Кина околу типот на комунизам кој денес е на сила во оваа земја? Многу Кинези не сакаат да го дознаат одговорот. Но, можеби најголемата грижа на Кинезите потикнува од потценетата но могу добро позната тема во меѓународните односи – „старомодното размислување“ – неспособноста да се сфати, а уште помалку да се прилагоди кон новата реалност.

Кина сфаќа дека С. Кореја не може да опстане во постоечките облик, и настојува да ги охрабри нејзините водачи да спроведат економски реформи без промена во политиката. Но, имајќи ја предвид близината на Јужна Кореја, која е економски развиена, отворањето на границите би значело дека во С. Кореја не би останал никој кој би ја обновил државата. Затоа, С. Кореја не може да го следи патот на Кина кога станува збор за реформите. Сепак, се поставува прашањето зошто Кина и понатаму го гаи погрешното верување дека постои можност за спроведување на реформи во С. Кореја? Се чини дека одговорот се крие во загриженоста дека крахот на С. Кореја би подразбирал победа на САД, а пораз на Кина, бидејќи тоа би ги засилило позициите на Јужна Кореја, американскиот сојузник.

САД треба јасно да ѝ укажат на Кина дека промената на политичката ситуација на Корејскиот полуостров нема да значи стратешки пораз за Пекинг. Бидејќи САД и Јужна Кореја имаат различни планови за надмиување на хуманитарните последици од евентуалниот колапс на С. Кореја, би требало своите идеи да ги споделат со Кина. Потребно е подлабокиот дијалог да започне, порано или подоцна. Имајќи ја предвид неизвесната иднина на С. Кореја, заминувањето на Ким Џонг Ил можеби претставува совршен момент за тоа.

Авторот беше помошник државен секретар на САД, амбасадор на Америка во Јужна Кореја, американски преговарач со Пјонгјанг во периодот 2005-2009 г. и амбасадор на САД во Македонија

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото