Перформанс „Марионети“

22.12.2011 13:16
Перформанс „Марионети“

Со перформансот „Марионети“ на македонската уметница Ели Чочова, публиката се сретнува со несекојдневна визуелна и аудитивна инсталација на „живи предмети“ во просторот – неколку девојки, кои се облечени во несекојдневни модели и се однесуваат според принципите кои тие парчиња текстил им ги налагаат. Во самиот перформанс, време-просторот е условен од замислени трендови каде реалноста се заменува со иреалност, рационалноста со ирацоналност, а возможното и општествено подобното со невозможно, што говори за неупотребливоста на уметничкото дело, но и за безидејноста на новите генерации, подложни да имитираат и прифаќаат секакви трендови (дури и баналните и неудобните!) само за да бидат дел истите.

Самите модели тежнеат да воспостават сопствени трендови и тоа не само за носење, туку и онакви кои го условуваат движењето на телото, а оттаму и движењето на мислата, креацијата и идејата на личноста. Тие движења се лесни за имитација од страна на секој, што визуелно е прикажано преку видео-проекција на уметницата, која пред публиката ги прикажува таквите имитирања и занесеноста во нив. Ели Чочова со прикажаниот видео-туторијал, преку моделите и нивната шминка, ја разоткрива сопствената футуристичка замисла за она што би можело да се види на улиците во еден толку сличен на сегашноста, универзум. Авторката не само што ги демонстрира своите размислувања за сосем возможната иднина на следењето на ирационалните трендови, туку ги илустрира и ограниченостите кои истите слепи следења во иднината би ги проектирале врз свеста на секој што ќе тргне по нив. Со едноставниот метод на „претерување“ во перформативната уметност, уметницата истовремено приложува и визуелно уживање, но и предупредување за тоа каде би можело да води едно „слепо“ и пасивно следење на секој општествено наложен тренд.