Поуката од периферијата на моќта

23.12.2011 15:08
Поуката од периферијата на моќта

UrbanXchange е група која се занимава со истражување на урбаните промени во европските градови. Целта на групата е да изгради мрежа од истражувачи, уметници и активисти со цел да објаснат на кој начин современите појави се последица на историските околности и на кој начин урбаните преобразби се условени од неолибералните стремежи. Оваа група доаѓа од Рим, град кој стана нивна појдовна точка во истражувањето, и тоа, од перспектива на саморганизираниот урбанизам.

Предавање на Антонела и Сузана Перин

Поуките на Боргесијана

Темата за неформалните населби во Европа почнавме да ја истражуваме во февруари 2009 г. на работилницата Self Made City (SMC), која во јули 2009 г. ја организиравме на локациите кои ги истражуваме – римските населби Borghesiana и Finocchio.

Битно е да се спомене дека Рим е појдовна точка во нашата работа бидејќи претставува град-точка во која се среќаваат урбаните феномени на Северот и Југот, како и зашто е град со долга традиција на самоорганизација на општеството и јавниот простор. Во рамки на работилницата SMC и Поуката на Боргесијана сакавме да се запознаеме со сè уште ненапишаната историја на Рим.

На истражувањето му пристапивме од гледиштето на самите жители. Организиравме неколку собири во соработка со нив и со претседателот на самоорганизираната група за урбана обнова Conzorci di Autorecupero и месните одбори. Освен историјата на населбата, ги проучувавме и начините на користење на земјиштето и јавниот простор, начините на доселување на новото население, како и начините на настанување на новите големи населби и урбани промени во околината.

Историјата на Боргесијана и Финокио

Обете населби се изградени долж булеварот Касилина, на рабовите од градската област. Слични населби можат да се најдат на целото градско подрачје на Рим.

Најстариот дел на Финокио го изградиле доселениците од јужно Лацио и Кампања, најчесто земјоделци, т.е. сезонски работници кои подоцна трајно се населуваат во Рим. Добрата железничка поврзаност со Рим го овозможила развојот на Финокио. Во тој период големите земјопоседници незаконски го парцелизираат и продаваат раситнетиот имот за земјоделските, заштитените површини или површините наменети за изградба на инфраструктура ги претворат во градежно земјиште.

Истиот процес на раситнување на земјиштето се случи и во населбата Боргесијана, во периодот 1969-1974 г., каде што земјопоседниците по парцелизацијата изведоа несоодветна инфраструктура, а потоа го продадоа како градежно земјиште. Последиците од ваквото парцелизирање се видливи и денес, бидејќи, со оглед на тоа дека се донесени строги закони, моментално во Боргесија 30% од земјиштето не им припаѓа на оние кои го откупиле и изградиле куќи на него.

Кога доселениците ги купиле парцелите, најчесто морале самите да ги изградат своите домови, бидејќи градежните компании се плашеле дека на тие незаконски градилишта државата може да им ги заплени машините. Неретко за време на градењето биле уценувани. Често морале да ја поткупуваат полицијата и разните градски служби за да можат да продолжат со градењето. Несоодветната инфраструктура која ја поставиле земјопоседниците сè уште е во употреба, а градските власти до денес не нудат решение за овој проблем стар половина век.

За време на нашата посета на Боргесијана, еден постар жител го праша локалниот управник: „Мауро, зошто не го решиме овој проблем како што тоа порано го правевме? Ќе собереме пари и сами ќе ги изградиме улиците!“ Ова прашање ја повикува носталгијата за „илегалниот“ период на самоорганизација на населбите, кога проблемите се решаваа брзо и ефикасно. За жал, откако сè беше озаконето, таквите решенија повеќе не се можни.

Општествени движења и законодавни процедури

Италија во 1960-те и 1970-те беше упориште на многу политички и социјални немири. Еден од основните проблеми беше недостатокот на станбен простор. Во многу римски населби луѓето живееја во дрвени колиби и бараки, а слична ситуација може да се сретне и денес. Во тој период движењето „Право на дом“ организираше сквотирање на оние градби кои не беа изнајмени. Општо кажано, освен споменатото движење, цели населби беа незакоски изградени, па подоцна требаше да се легализираат.

Првиот државен зкаон за регулација на бесправната градба беше изгласан во 1985 г., по што во населбите беше доведена основната инфраструктура. Проектот за санација и изградба на инфраструктурата го спроведуваше и финансираше месното население кое беше организирано во споменатата Conzorci di Autorecupero, а сите планови потоа ги прегледуваа и одобруваа градските власти. Иако секогаш остануваат одредени сомнежи и прашања, ваквата пракса се покажа како многу делотворна, па многу европски држави создадоа тимови за истражување со слични инструменти за спроведување на градските проекти, за поточно да го воспостават нивото на учество на месното население во процесите на планирање и обнова. Овој закон овозможи самоорганизираните групи, како Conzorci di Autorecupero, самостојно да ја планираат и изведуваат основната инфраструктура – струја, вода и канализација, како и секундарната инфраструктура – училиштата и парковите.

Меѓутоа, за време на работилницата ги увидовме целосното изостанување на управувањето и неефективноста на урбаното планирање на римските градски власти. Истите проблеми се насекаде присутни, а не само во поранешните „нелегални“ населби, туку и во оние „легалните“. На пример, насекаде недостасуваат јавни простори и квалитетен јавен превоз. На собирите во месните одбори сфативме дека квартовскиот комитет на Финокио ги покрива сите општествени потреби на населбата: училиштата, слободните активности, летната културна програма и јавните простори како паркот Collina della Pace. Станува збор за 50 активни членови кои преку волонтерска работа ги решаваат потребите на населбата со 8000 жители, и на населбата ѝ го пружаат сето она што ѝ недостасува. Но, прашањето со самоорганизацијата станува многу проблематично кога недостасува извршна моќ и овластување за дејствување.

Преобразба на териториите

Новите населби кои настануваат во предградието, најчесто околу трговските центри, претставуваат наследство од левоориентирана управа на Рим. Всушност, тие се вистински подарок за големите градежни компании кои поради нив добиваат работа преку изградба на инфраструктурата.

Т.н. Centralità требаше да обезбедат инфраструктура и да ги озаконат неформално развиените населби како Боргесијана. Меѓутоа, планираната општествена и јавна инфраструктура, универзитетски згради, јавна администрација и гаражи никогаш не се изведени, поврзувањето со автопатот Riccardo Anulare е лошо решено, системот на јавен превоз исто така е лош, а подземната железница не е довршена. Проблемите во сообраќајот се сè поголеми и луѓето трошат по 2-3 часа дневно на автопат. Последица од тоа е што сè повеќе луѓе ги продаваат своите станови и се отселуваат.

Преселби

Пред една година италијанското Министерство за внатрешни работи во Боргесијана смести 100 доселеници кои очекуваат политички азил, што може за многу брзо време да ја претвори оваа населба во затворена област, гето, како последица од новите безбедносни закони за имигрантите. И покрај фактот што во Боргесијана и Финокио живеат многу доселеници од источна Европа и Африка, требаше да се вложи голем труд за да се дознае нешто повеќе за тие доселувања од самите имигранти. Овие населби во моментов се често одредиште за доселениците од други држави, бидејќи цените за домување се многу пониски од оние во централните делови на градот. Истовремено, дел од второто поколение доселеници ги напушта истите населби.

Во Финокио постои голема и „невидлива“ заедница од кинески доселеници. Најчесто живеат и работат во истата зграда. На прашањето на кое јавно место можеме да ги сретнеме, еден локален активист ни одговори дека во недела наутро со преносни компјутери заминуваат во паркот, кој се наоѓа на врвот на брегот, зашто таму ја користат бесплатната и безжична интернет мрежа. Интересно е да се набљудува животот на таквите цврсто структуирани заедници кои ги поврзува 30 години политичка борба и, напоредно со тоа, преобразбите во рамки на самата заедница, како и секојдневите пракси на доселениците во тој неформален микрокосмос.

Перспективи

Низ призмата на самоорганизацијата во неформални услови решивме да го набљудуваме градскиот простор од периферијата кон центарот. Поимите „периферија“ и „центар“ не се однесуваат на сместување во рамки на градскиот простор, туку на различниот степен или однос кон разните релации на моќ. Од таа гледна точка, секојдневието, перцепцијата и знаењето на населението ќе ни пружат свест и разбирање на современиот европски урбан простор. Да се надеваме дека ќе ги сфатиме неговите преобразби во ситуација на висок степен на приватизација од една и неформалните самоорганизирани урбани простори од друга страна.

Ќе продолжиме да се занимаваме со тие прашања, произведувајќи знаење во соработка со месното население. Постепено ќе ги вклучуваме истражувачите, уметниците и активистите во оваа мултидисциплинарна размена на знаењата.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.smu-research.net

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

ОкоБоли главаВицФото