Владата прави статистичка алхемија

26.12.2011 12:11
Владата прави статистичка алхемија

Иако не е осамена, Македонија е лидер во Западен Балкан за манипулација со статистички податоци. Единствената цел на оваа „алхемија“ е сивата реалност да се представи во розова светлина. Односно, на граѓаните да им се претстави „вистината“ во онаква форма како ја замислува владеачката гарнитура.

Примерите се безбројни, а Македонија е виртуоз во претставување на грешките како предности, додека статистиката претставува едноставна алатка, најчесто применувана за манипулации со макроекономските индикатори и за манипулација со комплицираниот мозаик на населението, етничките групи и националните малцинства.

Бенјамин Дизраели, британскиот премиер од втората половина на 19-от век, засекогаш ќе остане запаметен по својата изрека дека постојат три вида лаги: лаги, големите лаги и статистика.

Манипулација со статистика претставува гледање на реалност онака како некој нарачал да ја видиме.

Неспособни да остварат вистински континуиран раст на општеството, владите во регионот, вклучително и Македонија, често ја употребуваат оваа методологија и се обидуваат преку промени на индикаторите да добијат фризирани податоци, а со тоа да прикажат позитивна, но лажна слика пред домашната и меѓународна јавност.

Главните манипулации се поврзани со промена на методологија за пресметување на разни статистички индикатори. А главната област каде се прават статистички манипулации се микро и макро економските податоци, стапката на невработеност, пописите на населението, нивото на образование, и здравствениот сектор каде се манипулира со бројот на заболените од одередени болести со цел да се зголемат буџетите за одредена намена.

Во просек јадеме „сарма“

Еклакантен пример на статистичка манипулација е потрошувачката кошничка на месечни намирници за едно четиричлено домаќинство во Македонија.

Според официјалната статистика, Македонците и Словенците имаат највисока платежна моќ меѓу земјите од поранешна Југославија. Како што велат нашите статистичари, само тие можат со просечна плата да ја наполнат потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство и да им остане дел од платата. Последните податоци на статистиката велат дека просечната плата во Македонија е околу 20 500 денари, а цената на потрошувачката кошничка 12 000 денари.

Во најлоша ситуација се Босанците, на кои за потрошувачката кошничка им се потребни речиси две плати (просечна плата во Босна е 420 евра), на Црногорците им недостасуваат уште 40 проценти од платата за да ја наполнат потрошувачката кошничка (просечна плата во Црна Гора е 477 евра), на Србите им фали една третина од плата (просечната српска плата изнесува 373 евра), а на Хрватите 20 проценти (просечната плата во Загреб е 882 евра).

Меѓутоа, потрошувачката кошничка во Србија, Босна, Хрватска, Словенија (просечната плата во Словенија изнеусва 800 евра) ги вклучува во трошоците за живот и сметките за струја, за вода, за греење, за одржување на станот, за гориво, ресторани, хотели, облека, средства за хигиена, козметика, забава, кино театар, интернет, ТВ, викенд патувања. Во Црна Гора, од јануари оваа година, како ставка во потрошувачка кошничка влегле и киријата за изнајмен стан, медицинските производи, болничките услуги, весници, списанија, фотоопрема, влезници за кино и театар, концерти, рекреација. Додека во Македонија за потрошувачка кошничка се смета само храната.

Така, иако во регионот цените на животните намирници, средствата за хигиена и услугите се на приближно исто рамниште, статистиката за месечната кошничка се разликува. Па така, да се наполни во Македонија потребни се само 210 евра, додека во Србија 420, а во Босна дури 750 евра.

Целото штимување на овие статистички показатели е со единствената цел да се покаже како Владата успеала со својата микроекономија да обезбеди висок стандард и дека за нормален живот е доволна една просечна плата што е далеку од вистината.

„Македонската потрошувачка кошничка е неправилна. Алкохолот и тутунот, здравствените услуги, образованието, трошоците на владините услуги и кириите или не се влезени или се пресметуваат со сериозно намалени вредности. Но, дури и да ја прифатиме оваа кошничка таква каква што е, објавените податоци за инфлацијата дефинитивно не се согласуваат со она што сите го гледаат“, вели Сем Вакнин, стручњак за економските движења и главен уредник на „Глобал Политикен“.

Според него, постојано статистички се прави промена на составот на потрошувачката кошничка (одредување кои цени на производи и услуги ќе бидат вклучени, а кои изоставени), се менува тежината (тежинските коефициенти) на различни производи и услуги во потрошувачката кошничка.

„Да ја земеме предвид критчината 2007 година, кога цените на храната во целиот свет енормно се покачија. Тогаш храната и алкохолот сочинуваа 41 отсто од кошничката. Секој знае дека цените на храната и цените на алкохолните пијалоци во 2007 година пораснаа најмалку 10 отсто. Цените на многу артикли во кошничката пораснаа двојно. Цените на најголемиот број продукти за исхрана и во Македонија и во светот се зголемија за 40 отсто. Цените на нафтата во 2007 година стасаа до 100 американски долари за барел, па цените на храната насекаде низ светот вртоглаво пораснаа. Но, според македонскиот Завод за статистика, цените на прехранбените производи во Македонија во 2007 година пораснале само 2,3 отсто. Мистериозно, и алкохолните пијалоци пораснале за точно за 2,3 отсто. „Скопско и сè е можно“, вели Вакнин.

Ваквото брутално манипулирање со бројките ја урива довербата на граѓаните во објавените официјални статистички податоци. А не го превидуваат ниту странците.

Голема измама

Според истражувањето кое е спроведено во регионот на Западен Балкан, статистичките манипулации се всушност институционализирана измама на политичарите направена со поддршка на државните институции за да се создаде лажна/поубава слика на реалната ситуација.

Оваа пракса е исклучително опасна бидејки експертите и научната јавност ги користат овие лажни статистички податоци и врз основа на нив изработуваат стратегии кои често пати се погрешни не по нивна вина туку затоа што се користеле со званично фалсификувани статистички параметри.

Македонија е еклатантен пример на држава во која поради моменталната искривена слика на стистички податоци ќе има долгорочни проблеми и долгорочни негативни последици во креирање на понатамошниот развој.

И порано, но од 2006 година до денес, најмногу и најчесто се манипулира со статистички економските показатели. Така имаме нелогична ситуација бројот на вработените во последните годни да се намалува во просек за 3-5 проценти месечно и на годишно ниво се прикажува како успех на Владата која вкупната невработеност од 37 проценти ја намалила на 32%. Откриена е и формулата на кој начин Владата вештачки го намалила бројот на невработените за пред јавноста и пред меѓународниот фактор да се прикаже како успешен менаџер. Едноставно, воведена е нова методологија на евиденција на невработени. Па, ако некој доцни еден ден, се брише од списокот на невработени. Така, доаѓаме до ноторна лага за намалување на невработеност во државата.

Должни како Грција

Стручњаците предупредуваат дека задолженоста во Македонија (процентуално според БДП) не е реално прикажана, бидејќи не се опфатени многу кредити на локалните самоуправи, социјални фондови, државни компании, така што наведените статистички податоци за задолженост не одговараат на фактичката состојба.
Обичен неинформиран човек не може до крај да разбере што, всушност, се случува и кои се причините за јавното задолжување, како ни логиката на оние кои донесуваат такви одлуки.

Задолжувањето на државата, земањето кредити, продажбата на државни обврзници и слично е последица, пред сè, на буџетските трошоци без економска оправданост (изградба на споменици, фонтани, меморијални центри....) кои не се покриени со приходи и инвестиции. На тој начин државните функционери и банкарските менаџери влегуваат во корисна симбиоза, едните иако свесни за презадолженост на своите држави ги оставруваат своите политички цели, а другите големи бонуси и камати.

Со статистичките манипулации најмногу се надоградува БДП, со што се намалува реалната задолженост на државата и се крева кредитниот рејтинг. Меѓутоа, кога БДП би бил точно статистички пресметан и јавниот долг реално прикажан, тогаш не би можело да се зборува за мала задолженост на државата.

Според пресметките на владеачката партија, Македонија е најмалку задолжена земја во Европа. Тие велат дека долгот на Македонија изнесува 26,3 проценти од БДП, за разлика од 2005 година кога на власт беше СДСМ и долгот изнесувал 38,4 проценти од БДП. Спорд статистиката на владеачката партија, Франција има долг од 86,8 % од БДП, Германија 82,6 % од БДП, Италија 121 % и така натаму.

Според Сем Вакнин, бројките за бруто домашниот производ (БДП) низ целиот свет се политизираат, билдаат и се предмет на тешки манипулации. Постојат барем 3 познати методологии за пресметка на БДП и за секоја од нив има по две алтернативни формули, кои предвид земаат комплетно различни економски сетови податоци.

„Сепак, постојат добри ’замени’ за БДП со кои можат да се откријат економските движења. На пример, потрошувачката на електрична енергија. Македонската потрошувачка на електрична енергија расте по речиси одвај 4 отсто годишно и тоа неколку години наназад. Ова значи дека економијата е или стагнантна или малку се намалува – но дефинитивно не расте, како што Владата сака да нè убеди“, смета Вакнин.

Други замени се: брзината на движењето на парите, статистиката за платите (особено платите на урбаните неквалификувани работници), општата стапка на смртност, смртноста на доенчињата, дури и количеството на испратена пошта по човек. Сите овие мерки покажуваат дека македонската економија или има слаб раст или нема никаков раст.

„Македонскиот Завод за статистика спроведува тригодишна програма која ќе го донесе поблиску до стандардите на Еуростат. Но, како што покажува примерот на Грција, овој факт е комплетно ирелевантен. Статистиките се добри колку и владата која ги издава. Ако Заводот за статистика е под политички притисок да ги’масира’ бројките, ниедни стандарди не можат да помогнат. Заводот мора да биде автономна институција, со независен буџет, да не биде под политички притисоци, да вклучува странски експерти и да му одговара само на парламентот. Во спротивно, националните статистики се само измама и на нив воопшто не можете да се потпрете, без оглед какви стандарди се имплементирани“, оценува Вакнин.

Понатаму, стапката на БДП е подложна на „креативно сметководство“. Ако произведените добра се финансирани со кредити и заеми, БДП ќе биде вештачки надуен. Присутна е и праксата плановите и намерите за инвестирање да се бројат, прибележуваат и книжат како остварени инвестиции. Ваквата пракса е распространета во несредените и „сивите“ делови од светот.

Трошоците за здравство, земјоделските субвенции, владината помош во областите погодени од катастрофи, формираат дел од БДП. Со овие сегменти, на пример, преку зголемувањето на трошоците за здравство, владата може да ги манипулира цифрите за БДП. Не е можно БДП да расте засилено во земја со голем и растечки трговски дефицит.

Инфлацијата во Македонија

Најпрецизниот показател за инфлацијата е БДП дефлаторот (којшто ги вклучува цените на капиталните стоки и извозните и увозните цени). За жал, тој ретко се користи и ретко се споменува во јавноста. Измерените вредности на инфлацијата може да бидат манипулирани поради политички причини.

Не постои договорена методологија како правилно да се мери делот на услугите во економијата. Минчо Јорданов, водечки бизнисмен во Македонија, во неколку наврати предупредува дека е неопходно да се направи девалвација на националната валута за да се подстакне извозот. Тој оценува дека нашата држава во последните 20 години има просечни стапки на раст кои не се поголеми од 2-3 одсто. Дури и во период на голема економска експанзија која во светот се случуваше во период 2007-2008 година, Македонија постигна стапка на економски раст од само 4 отсто.

„Македонија континуирано веќе две децении има 350 000 невработени, и она што најмногу загрижува е што таа невработеност не се намалува, туку останува на едно неприфатливо високо ниво.“

Јорданов предупредува на драматично растечки трговски дефицит на Република Македонија кој од 400-500 милиони евра на почеток на оваа декада сега се искачил на 2,5 милијарди евра. „Треба еднаш да сфатиме“, вели Јорданов, „дека високата невработеност и големиот трговски дефицит се симптоми на болест, а да се излечиме треба да ги отстраниме суштинските причини, а не да ги ублажуваме симптомите.“

Владимир Глигоров, соработник на виенскиот институт, вели дека владата може да ги дотерува податоците кои се под нејзината контрола, пред сè, оние за јавните приходи и расходи и да влијае на Заводот за статистика или на Народната банка, бидејки овие две институции се најважни извори на податоци.

Проблемот со статистичките манипулации ќе експандира во оној момент кога институциите на ЕУ или ММФ ќе направат ревизија на статистичките параметри во регионот на државите од Западен Балкан. Овие неколку примери од Македонија и соседните земји како Србија, Босна и Косово, покажуваат колку е важно да се подигне јавната свест и јавниот интерес за статистичките податоци и во проверка на нивната веродостојност да се вклучи експертската и стручна јавност со своите споредбени податоци и анализи.

ПРОСТИТУИРАЊЕ СО РЕЖИМОТ

Заводот за статистика на Србија пресметал дека падот на БДП минатата година бил 3,5 проценти. Меѓутоа, според пресметката на д-р Стојан Стаменковиќ од економскиот факултет во Белград, реалниот пад на БДП бил двојно поголем – 6,2 проценти.

Имено, 45 проценти на долгот визави БДП во Србија, статистички обезбедува редовно сервисирање на долговите како во земјите со силна економија. Никола Турајлиќ, експерт за статистика, ова го споредува со еден вработен во Србија кој има плата од 100 евра и со еден вработен во Словенија кој има плата 1000 евра. Двајцата имаат кредит во висина од 50 проценти од платата. Во првиот случај, Србинот (Србија) со сервисирање на долгот ќе умре гладен, додека во вториот случај Словенецот (Словенија) ќе продолжи скромно но нормално да функционира. Турајлиќ вели дека ова важи за целиот регион и секој оној кому оваа релација нему е јасна има голем проблем со здравиот разум или се проституира со режимот.

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА

Бројот на вработените во јавна администрација според званична статистика изнесува 17 проценти од вкупно вработени во Македонија, додека стручната јавност укажува дека бројот на вработените во јавната управа преминува 40 проценти од вкупно вработени во државата.

Според статистиката, Македонија има рекордни 1,79 милиони избирачи. На последниот попис изброени се два милиони и дваест илјади жители. Се добива неверојатен статистички податок дека 88 проценти од населението е со право на глас, односно дека во Македонија има само 230 илјади малолетни граѓани.

Нормално дека ова создава сомнеж во валидноста на бирачкиот список, а со тоа и во регуларност на изборите. Има многу начини да се набилдаат овие податоци, но најбезобразниот е со издавање на илјадници лични карти преку ноќ на Македонци од Албанија преку Министерството за внатрешни работи. Рашомонијадата со неодржаниот попис на населението се случи само поради обидот да се направи статистичка манипулација со бројот на одредени категории граѓани.

БРОЕЊЕ „ОВЦИ“

Министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН, на пример, изнел статистички податок дека од Косово се протерани 200 000 Срби, додека косовскиот Завод за статистика оперира со бројката од 60 000 вкупно раселени лица. Ова создава конфузија во пронаоѓање на решението за проблемот.

БОСАНСКА МАТЕМАТИКА

Расправајќи за евентуално новиот бран економски емигранти од Босна, меѓународната заедница побарала точен број на невработени во оваа држава и од три институции добила дијаметрално различни и контраверзни податоци дека во периодот 2008-2010 г., според Статистиката, таа бројка е околу 272 000, според податоците на Владата се движи помеѓу 272 и 300 000 жители, додека според податоците на Агенцијата за вработување таа бројка изнесува, во 2009 година, 496 000, а оваа и минатата година преминува 502 000, што е речиси двојно повеќе од официјалните информации на Заводот за статистика.

НЕПИСМЕНИ

Типична статистичка манипулација е и бројот на неписмените и необразовани лица. Според официјалните статистики, процентот на неписмените во регионот се движи во распонот 2-3 проценти, што и не е така далеку од европскиот просек од 1-1,5 %. Меѓутоа, фактичката состојба е многу полоша и се движи околу 5 проценти во Србија и Македонија, до 7-8 проценти во Косово. Се работи за многу едноставна статистичка манипулација, како основен податок се зема бројката на тие што ќе се запишат на училиште, а не тие што завршиле барем две одделенија во основно училиште и умеат да читат и пишуваат или нивната писменост е потврдена со тестирање.

Истражувањето е реализирано со поддршка на Данската влада и проектот SCOOP

Карикатура: Маријан Каменски