Филозофија во сите родови

26.12.2011 14:00
Џудит Батлер

’Филозофија во сите родови’ е документарен филм посветен на Џудит Батлер, а во изработка на АРТЕ, 2010 година. Ќе имате можност да го видите денес (понеделник, 26.12.) во просториите на ГЕМ клубот, со почеток во 20 часот.

Џудит Батлер е една од најзначајните претставнички на современата пост-феминистичка мисла и критика, како и една од зачетниците на Квир теоријата и спаѓа во рангот на највлијателните политички филозофи на денешницата.

Својот највлијателен пробив на светската интелектуална сцена Батлер го имаше со својата книга ’Проблеми со родот’ во 1991 година, кога нејзиниот концепт за перформативноста на родот предизвика тектонски поместувања во промислувањето на родот, сексуалноста, идентитетот и политиките на отпор. Истражувањата, како и активистичките заложби на Батлер во својот фокус, покрај деконструкцијата на родовите и сексуалните идентитети, ги имаат и прашањата поврзани со политиките на субјективитет, психоанализата, медиумските политики на репрезентација, телесноста, етиката и прашањата за другоста, биополитиката, вонредната состојба како перманентна детерминанта на современиот политички хоризонт, како и преосмислувањето на глобалните политики на отпор и солидарност преку категориите на телесната ранливост и изложеност во рамки на социјалното и политичкото опкружување на другите.

Документарниот филм ’Филозофија во сите родови’ содржи интервјуа со Џудит Батлер, снимки од нејзини јавни предавања, и изложување на некои од нејзините најзначајни концепти и биографски податоци. Интервјуата со Батлер во филмот отвараат серија провокативни прашања, вклучително: родовите и сексуалните идентитети, политиките на жалење и отпор, телесната ранливост, сексуалниот радикализам, итн.

Филмот ќе биде проследен со проекција на видеото ’The Walk’, на македонскиот уметник Велимир Жерновски, инспирирано од делото на Џудит Батлер.

По проекциите следи разговор фокусиран на некои од основните концепти на Џудит Батлер и нивното значење за актуелните политички проблеми, а на тема: ’Сексуалноста, родот и телесноста: Иднината на политиките на отпор’. Учество во разговорот ќе земат: Проф. д-р Катерина Колозова, Жарко Трајаноски, Ирена Цветковиќ, Велимир Жерновски и Славчо Димитров.