Нови изданија од „Вермилион“

27.12.2011 11:04
Нови изданија од „Вермилион“

Четири нови изданија од наградени современи автори за деца и млади кои за првпат се претставуваат пред македонската публика излегоа од печат од издавачката куќа „Вермилион“.

Станува збор за книгите „Девојчето од мраз и други бајки“ од младата хрватска писателка Мила Павиќевиќ, новелата за млади „Џони сејачот“ од познатиот италијански автор Франческо д’Адамо, монументалниот роман „Сите сакаме рај“ од белгиската писателка Елс Бертен и збирката раскази „Свежи јаболка“ од талентираната велшка писателка Рејчел Трезис. Преводот на македонски јазик на овие изданија се реализира со поддршка од Програмата за култура на Европската Унија.

„Девојчето од мраз и други бајки“ од дваесетитригодишната авторка од Дубровник, Мила Павиќевиќ, е добитник на престижната награда за литература на Европската Унија. Книгата содржи 13 бајки во кои чудесното и натприродното се преплетуваат со реалното. Напишана е на таков начин што нема јасна граница или контраст помеѓу реалното и измисленото, меѓу можното и неможното. Преводот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски, а илустрациите се на Матеј Богдановски. Изданието е технички приспособено за млади читатели со проблеми во читањето и дислексија. (80 стр., за возраст 9-14 години)

„Џони сејачот“ од Франческо д’Адамо ја раскажува приказната за Џони, локалниот херој, кој лета на бомбашки мисии во војната Тамудолу. Кога ненадејно ќе се врати дома, скршен, сенка на својот претходен карактер, сите сакаат да дознаат зошто. Набргу Џони ќе започне анти-воени протести на локалниот плоштад кои ќе ги поделат жителите на селото. Франческо Д’Адамо е добитник на повеќе меѓународни награди и признанија, меѓу кои наградата „Кристофер“ од Американското здружение на библиотеки, наградата „Центро“ во Италија и книжевната награда на Меѓународното здружение за читање. „Некои приказни треба да бидат напишани и заслужуваат да бидат читани низ целиот свет, а ’Џони сејачот’ е една од нив“, вели критиката за книгата во британскиот „Сандеј тајмс“. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска. (130 стр., за возраст 14+ години)

„Сите сакаме рај“ од Елс Бертен не е само историски приказ на ужасите на Втората светска војна од првите борбени линии. Елс Бертен ни дава веродостојна слика за секојдневниот живот во рововите и насекаде каде се наоѓа семејството Класен и другите ликови, кои ги врзуваат семејни врски, пријателство или судбина. Четири наратори ја раскажуваат приказната: браќата Јеф и Реми, нивната сестра Рене и нивниот пријател Вард. Во детален и веродостоен психолошки портрет, Бертен ги претставува нивните надежи, соништа и желби. Дали ќе мораат да почекаат да заврши војната за да почнат да го живеат својот живот? Клучното прашање во романот се последиците и валидноста на тешките одлуки и моралните дилеми. Романот на Бертен е добитник на низа книжевни награди, меѓу кои Фламански книжевен лав, Златен був за млади читатели, Златна рамка и наградата Нинке ван Хихтум. Критиката го оцени делото на Бертен како „монументална книга, каква што се создава само еднаш во десет години“. Преводот од фламански јазик е на Ели Доезе, добитник на наградата „Златно перо“ за најдобар превод во 2011 година. (500 стр., за возраст 14+ години)

„Свежи јаболка“ од Рејчел Трезис е составена од единаесет уникатни раскази со впечатлив стил, кој на Трезис веќе ѝ го донесе името „новиот Џојс“. Преку економична, инвентивна и евокативна употреба на јазикот, расказите ги опишуваат проблемите на растењето како дел од сиромаштијата во Велс. Збирката во 2006 година ја доби престижната меѓународна награда „Дилан Томас“. Преводот од англиски јазик е на Зоран Попоски. (170 стр., за возраст 16+ години)
Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.

Книгите можат да се купат на Новогодишниот саем на книга кој се доржува во клубот ГЕМ.

ОкоБоли главаВицФото