Сè наопаку

27.12.2011 11:44
Сè наопаку

Речиси девет години откако започна, американската интервенција во Ирак заврши минатата недела. Таа војна беше катастрофална.

Си заминаа и последните војници, 500 луѓе од Првата коњичка дивизија на Третата бригада. Зад себе оставија земја во очајна состојба, и ќе бидат потребни уште многу години Ирак да се врати на патот на стабилноста. Најверојатно уште многу време ќе биде потребно за САД да си го повратат угледот во регионот.

Никој не жали по Садам Хусеин, еден од најкрволочните блискоисточни тирани. Тој човек, кој беше сметнат од власт со американската интервенција во 2003 г., беше одговорен за смртта на стотина илјади Ирачани кои – благодарение нему – беа втурнати во војни во својата и соседните земји. Насекаде низ Ирак лежат масовни гробници со десетици илјади трупови – од мрачните времиња на владеењето на Садам.

Но Ирачаните не се ослободија сами од неговата тиранија. Америка ги вклучи во својата интервенција. Не постоеја бригади со слободни Ирачани во април 2003 г., кои рамо до рамо со американските војници, ќе вмаршираат во Багдад. Тоа беше инвазија на странска сила, која на Ирак му ги наметна американските проконзули за владетели.

На Ирак тој дел од историјата му е ускратен.

Од самиот почеток на оваа трагедија сè беше погрешно – пред сè, причините кои Џорџ Буш ги наведе за започнување на таа авантура. Ирак немаше никаква врска ни со Ал Каеда, ни со септемвриските напади во 2001 г. Ирачкиот режим, исцрпен од долгогодишните санкции, не поседуваше оружје за масовно уништување. Лудачко беше прометејското убедување дека Америка со воените џипови ќе ја донесе џеферсоновата демократија на брегот на реката Тигар.

Врска со крахот во 2008 г.

Војната на Буш чинеше околу 100 000 ирачки животи и 4500 загинати американски војници. Ирак стана малку подемократска и малку послободна земја. Со државата управува проиранска партија, составена од мнозинските арапски шиити, која го маргинализира сунитското малцинство, додека Курдите живеат во квази-независност. Насилството е сеприсутно. Секој четврти Ирачанец живее во беда. Средната класа избега во странство. Статусот на жените назадуваше. Производството на нафта сè уште не го достигнало нивото од пред војната.

Војната ја чинеше Америка 750 милијарди долари. Џорџ Буш не сакаше да ја финансира со специјален данок, па наместо тоа го зголеми националниот долг. Како исход од тоа, дестабилизацијата на американските јавни финансии беше една од причините за економската криза во 2008 г.

Конечно: војната во Ирак ги однесе ресурсите потребни за операцијата во Авганистан. Затоа во голема мера е заслужна за безизлезната ситуација на овој втор конфликт.

Какво страшно промашување.

Извор: Le Monde

ОкоБоли главаВицФото