Некој ме тепа!

27.12.2011 16:00
Некој ме тепа!

После три и пол години интензивна антиквизација на земјава, што очекуваше Груевски од Грците?! Песни да му пеат?! Да му ги простат националистичките испади само зашто и самите прават такви?! Да му ги простат лудилото и афектите само зашто и самите во Букурешт дозволија злоќудните афекти да им го помрачат добрососедскиот резон?!

Многумина од поддржувачите на сегашниот македонски режим беа барем доследни во деструкцијата и ирационалноста: играат Грците валкано и курнаски? Играат. Океј, тогаш и ние ќе играме така. И тргна бранот на безумието што се вика антиквизација. Дотука, ајде, да речеме дека разбирам. Кога е бал нека е бал. Но, чуму сегашново цмиздрење на македонскиот водач?! Сакаше фајт? Сакаше на Грците да им покажеш кој е најголемиот и најстариот Македонец? Сакаше да им покажеш дека Господ зборува на македонски и дека белата раса потекнува од македоноидите? Зашто цмиздриш сега? Зашто глумиш конструктивност, ко во евтин водвиљ? Зашто ваква травестија, триесетметарски „Воин на коњ“, па „Воин“, па „Коњ“?! Зашто, пастиру, дополнително нè мафташ и ни фрлаш шашми во очи?! Па, нели ги мразиме Грците?! Нели можеме без ЕУ, без НАТО, без соросоидите, западоидите итн.?

Една шака „предавници, платеници и соросоиди“ и пред четири години тврдеа дека патот на груевизмот е пат директно во провалија. Си го добивме она што го добивме – судските покани, етикетите, заканите, па и насилството (во Струга, на плоштад и другде). Малкумина тогаш зборуваа дека антиквизацијата не е добра за Македонија од стотици причини, а првите две се: идентитетски го шашардисуваш сопствениот народ и притоа најдрско му брцаш прст во око на највлијателниот сосед.

И денес го мислам она што го мислев пред три години: груевистичката антиквизација значи своевидна хеленизација на Република Македонија. Она што им го правеле грчките асимилатори на Македонците во Егејска Македонија пред сто и кусур години, убедувајќи ги дека се наследници на Александар, денес со „мирољубиви средства“ (архитортура) ни го прави груевизмот. Некои луѓе и пред неколку години зборуваа дека од антиквизацијата на Груевски најголема полза ќе имаат грчките разузнавачки служби, а најголеми штети македонските граѓани и македонската држава. Тогаш нè прогласуваа за „предавници“ и „грчки платеници“. Денес токму идеолозите на груевизмот (Јован Донев, на пример) зборуваат дека самиот термин „антиквизација“ е дело на грчките тајни служби! Не е врхушката на овдешниот режим идеолошко кукавичјо јајце на туѓи интереси, идеолозите и апологетите на истиот режим исто така не се дело на опскурни служби, самиот груевизам не е една од најголемите измами во современата историја на Македонците, туку – види богати! – шпиунска подвала е зборот „антиквизација“! Та затоа, сугерираат идеолозите, да престанеме да го користиме тој збор, како и да продолжиме да се правиме на Тошо пред триесетметарскиот антички фалус на нацијата, забоден во срцето на Скопје. Малата ќерка на мојата пријателка, кога мајка ѝ ќе ја поткачи по газот, вели „Некој ме тепа!“, не сакајќи да признае дека ударот доаѓа од мајката. Така и ние се навикнавме на секојдневните тупаници од „патриотите“, иако сме баеги помодрени. Ќе да нè маваат дежурните предавници, Бранко, грчиштата и другата западоидна багра.

Кога-тогаш ќе мора да си признаеме: нам ни се случи Милошевиќ, во ликот на Груевски и неговите следбеници. Ни се случи „Милошевиќ“ кој, се разбира, не е до тој степен дијаболичен и деструктивен како оригиналот, но структурно-политички ни се случи токму историскиот феномен кога до самоуништување повампируваат национализмот и „одбраната на сопствената раса“. Да се потсетиме, оној што најмногу божем ја бранеше СФРЈ – всушност ја уништи. Оној што најмногу го мразеше „злосторничкото хрватство“ и го поистоветуваше со усташтво – ги мобилизира хрватските граѓани на отпор и практично го уништи големото српско малцинство во Хрватска (многумина Хрвати се свесни дека за настанувањето на самостојна Хрватска поголемо значење има Милошевиќ отколку Туѓман; на сличен начин на Милошевиќ му се благодарни и косовските Албанци кои немаше олку брзо да добијат држава без насилничката политика на српскиот вожд). Речиси по истата матрица, Груевски е најуспешниот производ на грчката радикална политика кон Република Македонија изминативе дваесет години.

Во психолошка смисла, феноменот е стар и проверен. Во однос на национализмот овдешниот актуелен водач (сосема налик на владеачките грчки водачи, или на Туѓман и Милошевиќ) повеќе личи на божем попустлива пермисивна мајка отколку на строг татко. Таквите пермисивни националистички водачи по правило на „своите" палави деца им допуштаат разноразни испади и дивеења, т.е. воопшто не им ги попречуваат на „своите" народи често многу опасните нагони. (Погледнете ги само идеолозите и мегафоните на пастирот, лажните „народни трибуни“ – и сè ќе ви биде јасно.) Водачите, пак, кои на психолошки план во политиката повеќе наликуваат на „строги татковци“, не дозволуваат колективно размавтување на неконтролирани нагони и ширење на националистички страсти. Тито, на пример, беше „вистински" татко токму зашто знаеше да ги ограничува опасните општествени нагони.

Дали има излез од сегашниот македонски ќорсокак? Услов над сите услови е груевизмот не само да се смени, туку да се порази, во главите на граѓаните. Можеби начинот да се дојде до таму, до катарзичен пораз, е да допуштиме груевизмот и понатаму да ја растура рационално сфатената македонска држава?! Можеби само големиот пад може да создаде некаков подем?! Ова се тешки прашања. Дотолку потешки зашто под копитата на здивеаниот македонски Букефал секојдневно страдаат и бегаат многумина. А додека уништувањето зема замав многумина фаќаат и сеир, на некој перверзен начин свесни дека никој не може толку да го уништи злото колку што тоа се разјадува самото себе, разјадувајќи сè наоколу. Тоа можеби е една од причините зошто Македонецот изгледа рамнодушен кон судбината на својата земја, зошто сè уште дреме, молчи и се плаши од јароста на духот што самиот го пушти од шишето.

Колажи: Свирачиња

Никола Гелевски А.К.А Никола

Никола Гелевски А.К.А Никола Груевски

....St.Nicholas A.K.A Deda

....St.Nicholas A.K.A Deda Mraz

Чек да пробам... Коља,

Чек да пробам...

Коља, пастиру наш! Попустлива мајко наша! Отвори ни ги очите!

Му стои, нема што.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото