Европа е само почеток

28.12.2011 11:05
Арундати Рој

Die Zeit: Како индискиот набљудувач ја гледа кризата во Европа?

Арундати Рој: Ситуацијата изгледа запалливо. Сиромашните Европејци се разбеснеа и владините мерки повеќе не поминуваат. Кризата се шири од една во друга земја како шумски пожар. Мене ми се чини дека моќните во Европа – вклучувајќи ги посебно големите медиуми – премногу се плашат да се соочат со кризата. Сè уште веруваат дека можат да ги решат проблемите со пакетите за спас на економиите и полициските акции.

Die Zeit: Го губи ли својот шарм во овие мигови просветената, социјална свест во Европа?

А. Рој: На овој шарм никогаш премногу не сум се потпирала. Додека Европа за себе ги развиваше идеите за слобода и еднаквост, ги колонизираше другите земји, го убиваше и го одведуваше во ропство нивното население – и тоа во незамисливи размери. Цели народи беа уништени. Белгијците во Конго убија 10 милиони луѓе, додека Германците во Јужна Африка го искоренуваа народот Хереро.

Die Zeit: Но каква врска тоа има со денешната загрижена Европа?

А. Рој: Полека, почекајте малку. Геноцидите послужија за добивање на суровините потребни за индустриската револуција која го создаде западниот капитализам и произведе материјален вишок на вредноста. Тој капитализам ја создаде нашата денешна – како економска така и еколошка – криза.

Die Zeit: Може ли Европа да си помогне ако се ослободи од капитализмот? Може ли тоа да го направи на некој полесен начин?

А. Рој: Да, може полесно, тоа би било фино. Но во нашите океани бројот на риби забрзано се намалува. Насекаде во светот опаѓа нивото на подземни води. Се уништуваат дождовните шуми за да се создаде простор за одгледување говеда. Сето тоа покажува колку досега беше ограничена и кратковида западноевропската дефиниција за слобода и еднаквост. Секогаш трошоците ги сносуваа други.

Die Zeit: Дали Индијците и Кинезите денес подобро се однесуваат кон природата?

А. Рој: Не. Индиската култура исто така може да биде деспотска: погледнете го само системот на касти. Исто така не сакам да ја негирам вредноста на европските идеи, но нивната реализација во пракса, под услов да се натрупува заработка, нè доведе сите нас и Европа до точката на која се наоѓаме денес – близу колапс.

Die Zeit: Но и покрај тоа постои моделот за обединување на Европа, чии народи се заколнаа дека никогаш повторно нема да војуваат меѓусебно.

А. Рој: Овој модел изворно е заснован по двете светски војни и Холокаустот. Денес ми се чини дека Европа заедно ја држат само материјалните вредности, т.е. ветувањето за подобар живот за сите луѓе. Ова ветување сега бледнее, затоа тензиите и поделбите се речиси сигурни. И Индија е исто така сојуз на различи народи, можеби и поразлични одошто во Европа. Меѓутоа, нас во заедништво нè држи, посебно во пограничните региони на Кашмир и на североистокот, индиската армија. Но тешко ми е денес да размислувам во термините државни и сојузни граници.

Die Zeit: Не се Европа и Индија толку големи што не може да се владее со нив?

А. Рој: Моќните денес повеќе не размислуваат ни европски ни индиски туку глобално. Нашите влади веќе долго време се контролирани од страна на банките и мултинационалните корпорации. Понекогаш ми се чини дека елитите од нашите земји основале една нација на планетава. Оттаму тие гледаат на светот како на свој слуга. Ако има протести, праќаат војска, полиција, при што нивните полиции и армии соработуваат и разменуваат тајни податоци за да ги контролираат слугите. Но и покрај сето тоа, слугите стануваат сè понемирни. На хоризонтот се распламтуваат востанија. Во Америка, кадсе што престојував долго, јазикот на улицата се промени. До неодамна тоа беше незамисливо.

Die Zeit: Мислите на новиот протестен бран на Запад?

А. Рој: Кој мислеше дека американските студенти, кои досега беа убедувани дека социјализмот е поопасен од сидата, наеднаш ќе излезат на улица со пароли против „класната војна“?

Die Zeit: Мислите ли дека кризата во Европа и Америка им пружа нова можност на сиромашните во светов?

А. Рој: Оваа криза не ги погодува само сиромашните, туку е криза и на богатите. Едноставно, вака не може да се оди понатаму. Стариот начин повеќе не функционира. Во Америка 400 луѓе поседуваат богатство колку половина од тамошното население. Во Индија 100 луѓе располагаат со имот во вредност од 25% од БДП на државата. Без големи промени овој систем ќе се распадне.

Die Zeit: Ќе станат ли сите сиромашни тогаш? Или богатството ќе се распредели поправедно?

А. Рој: Или ќе дојде до целосен колапс, или ќе настанат милитализирани зони во кои богатите ќе можат да живеат само под стража, за да му се спротивстават на секој отпор – без разлика дали тој ќе биде мирен, милитантен или терористички. Ваквите битни веќе се водат во Индија. Прашање е дали силата на идеите, кои ги предизвикаа овие проблеми, може да придонесе за нивното разрешување. Јас мислам дека не може.

Die Zeit: Тоа значи дека повеќе не верувате во можноста за справување со кризата, туку само во револуцијата?

А. Рој: Потребни ни се нови идеи, нова дефиниција на значењето на зборовите „напредок“, „слобода“, „еднаквост“, „цивилизација“ и „среќа“ на земјата. Времињата на неограничениот индивидуализам поминаа. Притоа, не повикувам на морална обнова и не апелирам на добрата страна на човечката природа. Само велам: онака како што сега стојат нештата, нешто ќе се случи. Европа е само почетокот.

Извор: Die Zeit

ОкоБоли главаВицФото