Смеењето на Ленин

18.07.2009 13:40
gunten-da-3.jpg___.jpg

Како дошло до тоа комунистите да развијат ваков баук од зборот?

Кога во 1908 Максим Горки, заедно со група болшевички емигранти, се наоѓа на Капри, тој организира филозофска дебата и го повикува Ленин да му биде гостин. Иако го сметал за буржуј, Ленин го почитувал талентот на Горки и го ценел како еден од ретките руски писатели што може да ја помогнат Револуцијата. Ленин веднаш му одговорил на Горки со писмо, но така што јасно ги поставил условите на својата посета: „Драг Алексеј Максимович, многу сакам да ве видам, но одбивам да земам учество во каква било филозофска дискусија“.[1] Ленин не бил наивен политички стратег, тој знаел дека ќе му треба поддршката од сите емигранти, но сепак се иззел од дебата, во она што Алтисер го нарече чин на „смеењето на Ленин“.[2] Изземањето не следело затоа што Ленин се плашел од спојот на филозофијата и политиката, мислејќи дека ќе биде погубен по политиката. Ниту пак бил особено вознемирен дека ќе биде исмеан како неподготвен филозоф - Ленин, навистина, честопати упатувал писма до Горки во кои се исповедал „јас сум скромно подготвен за таа област (филозофијата –моја заб.) и знам дека моите формулации и дефиниции се површни и неполирани“[3] - но, за Ленин, напротив, тој тип на филозофски „недостаток“ бил од суштинска важност за револуционерот, негова најтемелна доблест. И трето, Ленин не се изземал од филозофската дебата затоа што теоријата ја сметал за неважна, напротив, Ленин е творец на доктрината за анти-спонтанизмот: „Без револуционерна теорија не може да има револуционерно движење“[4] - велел, а тоа значело дека од масите бара да имаат јасно издиференцирана филозофија. Но филозофијата што ја барал била филозофската невиност, барал мислењето да стане само остаток од политиката.

Не го забранува Ленин мислењето директно, тој го поставува до Горки најсложеното прашање за природата на мислењето. Ултимативното филозофско прашање: А каков тип мислење, Алексеј Максимович, се’ уште е возможно денес? Што можам јас, по Маркс и Енгелс, се’ уште да Ви испорачам Вам на Капри? (не го вели ова Ленин директно во писмото, но тоа е смислата на неговото изземање). Не го забранувам мислењето, напротив. Дури сега ги поттикнувам сите расположиви филозофи да мислат без престан. Но кажете ми, какво ќе биде тоа мислење, откако стасавме до прагот на мисливото? Мислете го тоа! Дотогаш, јас ќе се смеам на вашите филозофски дебати. Тоа е главната содржина на алтисеровското смеење на Ленин, смеењето во лицето на секоја мисла. Веќе во 1908, Ленин го поставува клучното прашање што ја обележа комунистичката мисла на 20 век: Кога мислата го стигнала прагот на мисливото, како ќе изгледа мислата? Со ова писмо до Горки, драстично започнува ерата на марксистичката нетолеранција кон филозофијата. Нема веќе филозофи кои треба да се проучуваат (со чесен исклучок на Маркс и Енгелс), нема повеќе филозофи што ми се драги. Драматичноста на ова реченото, мислата ја поставува во ера на немислечкото, во онаа смисла во која Сартр ги прогласува Енгелс и Ленин за „немислечки“.[5]

Овој однос кон мислата лежи во коренот на суштинскиот расизам што комунизмот го негувал кон интелектуалците и кон книгите, без исклучок - во сите форми на т.н. „реален социјализам“. Еден од најважните извори за теоријата на социјализмот е монахот Дешан (се смета за претходник на Хегел) од 18 век, во книгата „Вистински систем“ (1769) вели дека услов да се случат повисоки промени во свеста е – да се запалат сите книги. Дешан не бил себичен, сметал дека последната книга што ќе треба да биде потпалена, неизоставно ќе мора да биде и – неговата. Во филмот „Денот задутре“ (2004) на Емерих е опишана таква рабна ситуација, ултимативните услови под кои е возможно олкаво распаѓање на мислата. Мала група луѓе се засолнува од леденото доба што се заканува да ја уништи планетата, а една сцена се случува во Јавната библиотека во 42. улица во Њујорк, каде што преживеаните мора да се греат со тоа што ќе го најдат, книгите. Додека една девојка во рацете држи книга од Ниче за да ја фрли во огнот, еден постар човек вели дека не смее да гори еден од најголемите филозофи на светот. Таа му одговара дека Ниче бил заљубен во својата сестра. Дали радикалните услови на преживување се најблиски до комунистичкиот идеал за стеснување на канонот до Маркс и Енгелс, дали без критичка маса и со згуснат морал, првото нешто што исчезнува е - мислата?


КПЈ и чистата филозофија


Кога Тито го испраќа Темпо во Македонија, пролетта 1942, според „Мемоарите“, Темпо од комунистичкиот врв, добива „вонредни овластувања“ за дејствување во Македонија[6] – тие се состојат од чистење на партиските редови од интелектуалци: „Најважно во организациското прашање – тоа се кадрите предадени на Партијата. Речиси немаме кадар што ќе ја спроведе линијата. Ако во Партијата постојат паметни интелектуалци, ситнобуржоаски елементи, линијата ќе остане мртва. Нашата главна задача е: да се исчисти Партијата од тие елементи, да се стави Партијата во здрави работнички раце, макар што тие работници и не знаат многу да зборуваат.“[7] Од Партијата да се „исчистат“ паметните интелектуалци, да се довлечат луѓе кои „не знаат многу да зборуваат“, потребни се мртвите кадри. Партијата оживува кога сите омртвуваат. На Партијата и’ требаат само раце, и тоа само здрави раце. Оваа „линија“ (Темпо) на чистење на интелектуалците во Македонија започнува најмалку од 1942 година.

Шест години подоцна, во Белград добиваме слика каков би бил можниот изглед на „добредојдениот“ партиски интелектуалец. Професорот по филозофија на белградскиот Филозофски факултет, Душан Недељковиќ, „којшто сам ги држел речиси сите предавања“ додека траел 5. Конгрес на КПЈ во 1948, донел радиоапарат и на своите студенти им го пуштил директниот пренос на Конгресот. Зазел став мирно и рекол „Што има да ви предавам, не ви требаат никакви книги, ова ви е чиста филозофија“.[8] Анегдотата со Недељковиќ не е наивна, тој е првиот југословенски „прочистен“ профил на интелектуалец, изданок на Лениновата филозофска смеа. Недељковиќ најрано и најточно ја сфаќа пораката на комунистичката револуција - во новиот свет нема место за филозофски дебати, за книги, за мисла во старата „буржоаска“ смисла, мислата станува слушање, како скратен технолошки влез на Партијата во Академијата. А еве што се зборувало на самиот 5. Конгрес. Во својот реферат, на 26 јули 1948, Борис Кидрич прашувал, а цела сала во хор скандирала и одговарала: „Имаме ли јаглен, и тоа не само лигнит и црн јаглен? Да, имаме. Имаме и повеќе одошто ни е потребно. Имаме ли камен јаглен, иако не така многу, но имаме. Имаме ли јаглен за коксирање? Да, имаме. Имаме ли нафта? Да, имаме. Ја имаме во внатрешноста на земјата и повеќе одошто ни е потребна. Имаме ли железна руда? Да, имаме. Имаме и повеќе одошто ни е потребна. Имаме ли бакар, олово, цинк, никл, хром, манган, антимон, жива, лискун, бизмут, злато, сребро, селен, алуминиум. Имаме. Имаме ли фосфати? Имаме. Имаме ли можности за производство на сулфур? Имаме. Имаме ли можности за производство на нитрати и потаж? Имаме. Имаме ли памук и волна и можности за нивен понатамошен развој? Имаме.“[9] Ова не е ироничен идеолошки гест, спојот на Недељковиќ и Кидрич ги дава параметрите под кои се формирал интелектуалецот во Југославија, а оттука и во Македонија.

Во фасцинантниот дански документарен филм „Добре дојдовте во Северна Кореја“ (2001), има една апсурдна и гротескна сцена што се случува во единствената библиотека во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг (Северна Кореја, заедно со Туркменистан, веројатно, се последните држави во светот каде што се’ уште може да се проучува активната историја на „реал-социјализмот“ во својата најактивна, најакутна форма, иако тие проучувања се граничат со невозможност заради затвореноста на земјата). Единствената библиотека од Пјонгјанг се вика „Народна куќа на образованието“, а двајцата автори на документарецот во придружба со тројца стражари, влегуваат во собата каде што се чуваат книгите што ги напишал Ким Ил Сунг, лидерот кој почина во 1994 година, кој во оваа држава од 20 милиони луѓе, се’ уште се негува на најгротескен и најнеироничен начин. Неговите огромни постери, заедно со оние на Маркс и Енгелс, сосема безиронично, и ден-денес висат преку празните згради на орвеловски испразнетиот главен град.

Во сцената, авторите на документарецот доаѓаат до собата во која се чуваат томовите со личното учење на Ким Ил Сунг („јучи“ - Juche Sasang - на корејски: главна мисла), инаку официјалната идеологија на Северна Кореја од 1972, кое е собрано во дури 3.078 тома! Ким Ил Сунг со оваа цифра станува најплодниот писател во историјата на цивилизацијата! Лениновото прашање до кругот на Горки (што ќе мислиме откако мислата дошла до својот крај?) овде го добива својот конкретен историски одговор. Томовите на Ким Ил Сунг се најточниот одговор на Лениновата смеа. Возможно е мислата да продолжи еднаш кога веќе го стигнала прагот на мисливото, но таа мисла ќе ја има формата на јучи-учењето! Откако сме стигнале до крајот на мислата, мислата потоа може да произведува бесконечно многу томови, и колку повеќе произведува, толку повеќе ја согледува сопствената мисловна неисцрпност. Јучи-идеологијата официјално го заменува марксизмот-ленинизмот во 1972 (кога Северна Кореја се разидува со Советскиот Сојуз) како „креативна апликација“ на марксизмот и ленинизмот и тоа е точно. Јучи-идеологијата е КРЕАТИВНА во онаа смисла во која Ким Ил Сунг го имал одговорот што го немале не само Горки и Ленин, туку ниту самиот Маркс.

Амбицијата на Маркс

Малку пред да го предаде „Капиталот“ за печатење (откако на него работел со децении) Маркс во 1867 го побрзува Енгелс да го прочита расказот „Непознатото ремек-дело“ (1837) од Балзак. Во расказот е опишано како големиот сликар Френхофер, десет години минува сликајќи го и пресликувајќи го портретот што ќе означи „револуција во уметноста“, „најцелосната репрезентација на реалноста“. Кога, конечно, Френхофер им дозволува на своите колеги Пусин и Порбус да го видат маестралното дело, на нивен ужас, тие здогледуваат насилна бура од случајни форми и бои расфрлани едни преку други, без никаква хармонија и смисла. Сликарот погрешно ја разбира нивната вџашеност и вели: „Ах, не очекувавте ваква совршеност“, но кога ја слуша забелешката на Пусин дека „можеби Френхофер навистина ја открил вистината – толку пати го преправал портретот што од него не останало ништо“, големиот сликар се самоубива.

Според сведоштвата на зетот на Маркс, Пол Лафарг, „Балзак оставил голем впечаток врз Маркс затоа што бил опис на неговите сопствени чувства“.[10] Маркс со години го кроел својот „Капитал“ за да даде совршен опис на реалноста, но како се опишува реалноста совршено? Маркс никако не сакал да излезе со „Капиталот“ во јавноста, студирал математика, учел руски за да може да ги следи промените во рускиот земјопоседнички систем, собирал брда книги и статистики, а Енгелс се нервирал дека тие му служат како барикада за да не го даде текстот на печатење. А има ли начин да се даде совршена слика на реалноста? За каков тип лудило станувало збор тука? Расказот на Балзак е совршен опис за односот љубовта на епохата кон апстрактното сликарство (Казимир Маљевич и неговите квадрати). Иако се огласувал против убавото пишување како „учено брборење“, „белетристичко дотерување“,[11] Маркс, обратно, своето дело го пишувал со минуциозна прецизност, сакал да направи книжевно ремек-дело.

И Маркс јасно кажал дека се смета за чист уметник, а не за политички теоретичар или за економист. „Сега, со оглед на моето дело, ќе ти ја кажам чистата вистина за мојот проект“ – му пишува тој на Енгелс во јули 1865 „Какви годе недоследности да има, предноста на моето пишување е дека тоа е чиста уметност во својата целина.“[12] Иако „Капиталот“ е најчесто категоризиран како економско дело, кога го читаат економистите, политичките теоретичари, па и историчарите – тие забележуваат дека „Капиталот“ е без форма, дека е неразбирлив и честопати се бунат против незграпноста на книгата, а се бунеле и низ историјата. „Капиталот“ бил правен како радикален колаж од литературни извадоци и мисли, фрагменти од фабричките извештаи измешани со библиски цитати, слично како „Кантос“ на Езра Паунд.[13] (Во 1976 професорот Прауер напиша книга од 450 страници исклучиво посветена на литературните референци кај Маркс.) Маркс се гледал себеси како поет на дијалектичкиот материјализам. Амбициите на Маркс не биле политички и економски, туку литературни. Како студент по право веќе имал објавено една збирка поезија, една драма во стихови и еден роман „Шкорпионот и Феликс“, но кога забележал дека во споредба со светските класици, неговото дело „се распаѓа во ништо“,[14] доживеал нервен слом и докторите му советувале да земе подолг одмор за време на кој го открил Хегел, тогаш починат професор по филозофија од Берлин. И вистина е дека Маркс започнал да ја студира политичката економија, дури многу години по интензивните анализи на литературата и филозофијата, откако докторирал филозофија и откако неуспешно се обидел во литературата, како читател и како писател. Во 1868 Маркс му копирал на Енгелс дел од расказот „Селскиот свештеник“ на Балзак и го прашал дали може да потврди дека приказот на реалноста кај Балзак соодветствува на доктрините на политичката економија.[15]

Според Лакан, Маркс е првиот човек што го измислил концептот симптом. Како е можно Маркс, кој се занимавал со светот на потрошувачката, да го измисли поимот што се однесува на светот на соништата и на халуцинациите?[16] Жижек одговара дека тие два света имаат фундаментална хомологија, иста фетишистичка фасцинација со скриената содржина зад формата, со тајнaта на самата форма.[17] Што лежи зад видливото? Да се демаскира она место каде што се формира вредноста - тоа веќе било направено пред Маркс во политичката економија. Веќе се знаело дека постои вишок вредност, дека стоката има тајна, дека тајната на вредноста е самата форма. Преткапиталистичкиот пазар има идеја за еднаква размена. Јас го носам на пазар тоа што ќе го произведам, ти го носиш твоето, ние се менуваме. Стоката нема универзален карактер и нема експлоатација, барем во принцип - размената е директна. Но со капитализмот се јавува нов, парадоксален тип на стока, работната сила, работникот, кој се продава на пазарот со стоки. Со оваа нова стока, самата стока станува своја негација. Тогаш се јавува вишокот вредност кој го зема газдата. Ете тоа е тој симптом кој е тип на пазарна халуцинација, некаков сенишен свет. Сето тоа се знаело и пред Маркс, но Маркс сакал свет без оваа точка на симптом, совршен свет на сонот, сакал универзално без симптом, универзално без исклучок.

 


[1] Althusser, Louis (2001): Lenin and Philosophy and Other Essays, Monthly Review Press, 11-13.
[2] Исто, 13.
[3] Исто, 17.
[4] Исто, 31.
[5] Исто, 14.
[6] Ачкоска, Виолета (2003): Братството и единството 1944-1974. Помеѓу хармонија и дисхармонија, ИНИ, Скопје, 33.
[7] Исто, 34.
[8] Marić, Milomir (1988): Deca komunizma, op. cit., 8.
[9] Исто, 15.
[10] Wheen, Francis (2006): Marx’s Das Kapital. A Biography, op. cit., 2.
[11] Prauer, S.S. (1983): Karl Marks i svetska knjizevnost, Nolit, Beograd, 314.
[12] Wheen, Francis (2006): Marx’s Das Kapital. A Biography, op. cit., 5.
[13] Исто, 4.
[14] Исто, 9.
[15] Исто, 5.
[16] Žižek, Slavoj (1999) The Sublime Object of Ideology, Verso, London, New York, 11.
[17] Исто, 11.

 

Слики: Готфрид Хелнвајн

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови:

24. Комунизам и авангарда

23. Интелигенција и тајна интелигенција (за „затворските школи“)

22. Хистеријата на Троцки, Темпо...

21. Хумор
 

20. Кодните имиња на УДБА 2

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

 


Полошо  од  заколнат 

Полошо  од  заколнат  комунист  е  само  заколнат  антикомунист - Вацлав Хавел ...... и  во  право  бил  ..... Полошо   од  заколнат  антикомунист   е   само   соросоид - Dame1612

Лошото беше во тоа што тие

Лошото беше во тоа што тие „заколнати комунисти“ не се разбираа ништо од комунистичкото движење, односно програмата на научниот социјализам, дадена од Маркс и Енгелс.
„И во СФРЈ и ЈНА многу политичари и високи офицери беа неплатени агенти на светската антикомунистичка десница која исто не знаеше што е социјализам и трошеше огромни средства и сили за уривање на „социјализмот“ - значи јадеа леб џабе“ (Лазар, Пријателот на Народот, дописник за

www.zahovistika.blog.com.mk).

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото