Избор од 10 писатели објавени на Окно во 2011

28.12.2011 15:13
Избор од 10 писатели објавени на Окно во 2011 на Окно

Хорхе Луис Борхес

Среќа

Секој кој прегрнува некоја жена е Адам. Жената е Ева. Сè што се случува се случува за првпат. Видов нешто бело на небото. Тие ми велат дека тоа е месечината, но што можам да правам со еден збор и со митологијата. Дрвјата малку ме плашат. Тие се толку убави. Мирните животни се доближуваа поблиску па можам да им ги кажам имињата. Книгите во библиотеката немаат букви. Тие бегаат секогаш кога ќе ги отворам. Додека го разгледувам атласот, ја измислувам формата на Суматра. Секој кој ќе запали чкорче во темнината го измислува огнот. Во огледалото Другиот чека во заседа. Секој кој ќе погледне во океанот ја гледа Англија. Секој кој изговорил стих од Лилиенкрон влегол во борба. Ја сонував Картагина и легиите што ја уништија Картагина. Го сонував мечот и вагата. Блажена нека биде љубовта во која нема поседувач и поседуван, туку двајцата се предадени. Блажен нека е кошмарот, кој ја открива нашата моќ да создадеме пекол. Секој кој се симнува во река се симнува во Ганг. Секој кој гледа во песочен часовник гледа распаѓање на империја. Секој кој си игра со бодеж ја прераскажува смртта на Цезар. Секој кој сонува е секое човечко суштество. Во пустината ја видов младата Сфинга, која тукушто беше изработена. Нема ништо толку старо под сонцево. Сè се случува за првпат, но на начин кој е вечен. Секој кој ги чита моите зборови ги измислува.

Превод од англиски: Владимир Јанковски

Хулио Кортасар

Семејни врски

Толку ја мразат тетка Ангустија што го користат и одморот за да ѝ укажат на тоа. Штом семејството тргне во различни туристички правци, настанува поплава од разгледници во агфаколор, кодахром, дури и во црно-бела техника, ако не се наоѓаат други при рака, но сите без исклучок се полни со навреди. Од Розарио, Сан Андрес де Хилес, Чивилкоја, од аголот меѓу улиците Чакабуко и Морено, поштарите пет-шест пати на ден пцујат, а тетка Ангустија е пресреќна.

Таа никогаш не излегува од дома, сака да си седи во дворот, ги поминува деновите примајќи разгледници, и воодушевена е.

А во нив: „Здраво, гаду еден, да даде господ да те удри гром, Густав“. „Да ти се плукнам во муцката, Хосефина.“ „Да даде господ мачката да ти ги измоча цвеќињата и да ти се исушат, твојата братучетка.“ И така со ред.

Тетка Ангустија станува рано да ги прими поштарите и да им даде напојница. Ги чита разгледниците, им се восхитува на фотографиите, па повторно ги чита поздравите. Навечер го извлекува албумот и со огромно внимание ја собира дневната жетва; ги сложува разгледниците така за да можат да се видат сликите, но и поздравите. „Кутри ангелчиња, колку разгледници ми праќаат“, мисли тетка Ангустија, „оваа со кравичка, оваа со црква, овде езерото Трафул, овде букет цвеќе“, разнежено ги прегледува една по една и во секоја забодува игли, за разгледниците да не испаднат од албумот, и секогаш ги прободува онаму каде што се наоѓаат потписите, ѓавол ќе знае зошто.

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Сотир Ристо

Жителите на едно село

Жителите на едно село речиси сто години се смееја на еден виц. Секако дека не смеат да се занемарат неговите безбројни верзии, разните интерпретации и неспорната способност за изведување на артистичко-кловновски расположените селани.

Нивната рецитирачка, гестикулативна, акробатска изведба на која можеше да им позавиди и најдобриот театар, а што повремено прераснуваше во спектакл на десетици мажи и жени околу огнот кој искреше сретсело, на Василица или на друг празник, не успеа да насмее еден странец.

Тоа беше почетокот на крајот.

Ана Голејшка

20 минути Љубов

5 минути чекам
да врзеш патики
а да одврзеш мисла
и да одлетаме
За 7 минути со точаци
се вози и извозува
паркот
А таму за кратко
се бакнуваме.
Ме чеша носот, ти велам.
Остави ме.
2 минути џвакам мастика
сакам да ти ја залепам во косата.
Минутка ми треба
да се изнервирам
пак ме фаќаш за спојлерот.
Се депримирам.
5 минути се гушкаме споени.
Од нас
веќе сите прозорци
со лица вчудоневидени
се обоени.

Луис Матео Диез

Бунар

Мојот брат Алберто падна во бунарот кога имаше пет години.

Тоа беше една од оние семејни трагедии кои може да ги ублажат само времето и околностите на едно бројно семејство.

Дваесет години потоа мојот брат Елој еден ден вадеше вода од истиот бунар во кој никој немаше ѕирнато уште од тој ден.

Во кофата откри шишенце со порака во него.

„Ова е свет како и секој друг“, пишуваше во пораката.

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Кјел Аскилсен

Луѓето во кафулето

Една од моите последни посети на кафулето се случи едно лето, во недела, добро се сеќавам, бидејќи речиси сите беа без палта и вратоврски, и помислив дека можеби сепак не е недела. И токму зашто го помислив тоа и ја запомнив посетата.

Седев на една од централните маси, а околу мене седеа луѓе и јадеа колачи или сендвичи, и ретко имаше повеќе од еден човек на маса. Изгледаше прилично осаменички, и бидејќи веќе подолго време немав поразговарано со никого, немав ништо против тоа да разменам неколку зборови со некого. Но, колку повеќе ги проучував лицата околу себе, толку тоа ми се чинеше сè потешко, небаре сите беа без погледи; светот навистина станал депримирачки. Но, веќе ми се беше врежало в глава дека би било пријатно некој да ми упати неколку зборови, па продолжив да размислувам – тоа е единственото што помага. По некое време знаев што треба да сторам. Го испуштив паричникот на подот и се преправав дека тоа се случило сосем случајно. Лежеше покрај столот, сосем воочлив за оние неколкумина кои седеа околу мене, и забележав многумина кои го гледаа под око. Мислев дека еден, или можеби двајца од нив, ќе станат да го кренат и да ми го дадат – сепак јас сум стар човек – или да ми довикнат, на пример: „Го испуштивте паричникот на подот!“ Бидејќи човек никогаш не престанува да се надева, и од колкави само разочарувања би можел да се поштеди себе си. На крајот, по неколку минути ѕиркање и чекање, се направив дека божем случајно сум открил дека ми паднал. Не се осмелив да чекам понатаму зашто се плашев дека некој од овие луѓе, кои ме гледаа под око, ненадејно ќе скокне, ќе го зграпчи паричникот и ќе избега низ вратата. Никој не можеше да биде сосем сигурен дека во него нема пари; се случува да има стари луѓе кои не се сиромашни, кои се дури и богати; таков е светот, оние што краделе во својата младост и најдобрите години, за тоа уште бидуваат наградени и во староста.

Значи, такви станале луѓето во кафулето, барем јас толку научив, а човек учи додека е жив; којзнае зошто тоа е добро, баш пред да умре.

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Доналд Бартелми

Некои од нас долго му се закануваа на нашиот пријател Колби

Некои од нас долго му се закануваа на нашиот пријател Колби за начинот на кој се однесуваше. А сега отиде предалеку, па решивме да го обесиме. Колби се спротивстави дека тоа што отишол предалеку (не негираше дека отишол предалеку) не значи дека би требало да биде потчинет на чинот на бесење. Одењето предалеку, рече тој, е нешто што секој понекогаш го прави. Не обрнавме многу внимание на овој аргумент. Го прашавме каква музика сака да оди додека го бесиме. Тој рече дека ќе му биде потребно малку време додека се одлучи. Јас укажав на тоа дека набрзо ќе треба да дознаеме, бидејќи Хауард, кој е композитор, ќе треба да најми музичари и да вежба со нив, а тоа не може да го направи додека не дознае која ќе биде музиката. Колби рече дека отсекогаш му се допаѓала Четвртата симфонија на Ив. Хауард рече дека ова е „тактика на одложување”, сите знаат дека Ив е речиси невозможен за изведување, тоа би значело недели и недели проби, а големината на оркестарот и хорот ептен ќе го надмине буџетот за музика. „Биди разумен”, му рече на Колби. Колби рече дека ќе се обиде да размисли за нешто што изискува помалку.

Хју беше загрижен за текстот на поканите. Што ако некоја од нив падне во рацете на полицијата? Без сомнение, бесењето на Колби беше противзаконско, и ако полицијата однапред дознае за планот, многу е веројатно дека ќе дојде и ќе се обиде да уништи сè. Реков дека иако бесењето на Колби речиси со сигурност е незаконско, ние имаме совршено морално право да го сториме тоа бидејќи тој ни е пријател, ни припаѓа на многу различни начини, а на крајот на краиштата, тој отиде предалеку. Се согласивме дека поканата треба да биде составена на тој начин за личноста која е поканета да не биде сигурна за каков настан е поканета. Решивме настанот да го означиме како „Настан кој се однесува на г. Колби Вилијамс”. Од каталогот избравме убави букви и кремаста хартија. Магнус рече дека ќе се погрижи за печатење на поканите, и праша дали би требало да сервираме пијачки. Колби рече пијачките би легнале фино, но беше загрижен за трошоците. Љубезно му рековме дека трошоците не се важни, дека на крајот на краиштата ние сме неговите драги пријатели и ако групата негови драги пријатели не може да се собере и работата да ја изврши на малку повисоко ниво, тогаш каде оди светот? Колби праша дали ќе може да има пијачки, исто така, пред настанот. Ние рековме: „Секако”.

Следната точка на дневниот ред беше бесилката. Никој од нас не беше премногу запознаен со конструкција на бесилки, но Томас, кој е архитект, рече дека ќе разгледа некои стари книги и ќе направи план. Важна работа, колку што можеше да се сети, е вратичката под нозете да функционира совршено. Грубо пресмета дека откако ќе се собере работната рака плус материјалите, тоа не би чинело повеќе од 400 долари. „Уф леле!”, рече Хауард. Го праша Томас што си замислува, дека ќе ја прави од масивно дрво? Не, само добро парче бор, рече Томас. Виктор праша дали небојадисаниот бор нема да изгледа малку „сирово”, а Томас одговори дека без премногу проблеми може да се бојадиса во нијанса на темен орев.

Реков дека иако мислам оти целава работа треба да се изврши навистина добро со сите салтанати, јас исто така сметам дека 400 долари за бесилка, плус скапите пијачки, поканите, музичарите и сето останато, е преголем залак, и зошто да не употребиме само дрво – некој фин даб или нешто слично? Укажав дека со оглед на тоа што бесење ќе се случи во јуни, најверојатно дрвјата величествено ќе бидат разлистени, а не само што дрвото ќе даде дополнително чувство на „природност”, туку тоа е во силна врска со традицијата, особено на Западот. Томас, кој си црташе скици на бесилки врз позадина од пликови, нè предупреди дека при надворешното бесење секогаш постои опасност од дожд. Виктор рече дека му се допаѓа идејата тоа да го направиме надвор, особено на некој речен брег, но напомена дека ќе треба да го изведеме некаде надвор од градот, што го отвора прашањето за превозот на гостите, музичарите и слично, до местото, а потоа и назад до градот. Во овој миг сите погледнаа кон Хари, кој има фирма за изнајмување коли и камиони. Хари рече дека би можел да собере доволно лимузини за да го реши тоа, но ќе треба да ги платиме возачите. Возачите, укажа, нема да бидат пријатели на Колби и не може да се очекува да работат бесплатно, како што тоа не може да се очекува од шанкерот или музичарите. Рече дека има околу десет лимузини, кои најчесто ги користи за погреби, а најверојатно ќе набави уште дузина јавувајќи се на свои деловни соработници. Исто така рече дека ако го правиме тоа надвор, на отворено, подобро би било да размислиме за шатор, натстрешница или некој вид прекривка барем за поглавните или оркестарот, бидејќи ако за време на бесењето врне, смета дека ќе биде малку мрачно. Што се однесува до просторот меѓу бесилката и дрвото, рече, нема некои посебни желби и навистина смета дека изборот треба да си го направи Колби, бидејќи тој е оној кој ќе биде обесен. Колби рече дека понекогаш сите одат предалеку, и нели сме малку премногу драконски настроени? Хауард мошне остро рече дека за сето тоа веќе разговаравме, и за што се одлучува, за бесилка или за дрво? Колби праша дали би можел да има почесна стрелба. Не, рече Хауард, не може. Хауард рече дека почесната стрелба би била нешто премногу суетно за Колби, можеби може превез врз очите и последна цигара, и дека Колби доволно е заглавен и без да ги „тупи” сите со непотребна театрализација. Колби се извини, не мислел така, се решава за дрво. Томас со одвратност ги стутка скиците за бесилка што ги црткаше.

Потоа на дневен ред дојде прашањето за џелатот. Пит праша дали навистина ни е потребен џелат? Зашто ако користиме дрво, јамката може да се намести на соодветното ниво, па Колби ќе може само да скокне од нешто – од стол, коклица или нешто слично. Освен тоа, рече Пит, ептен со сомнева дека низ земјата се врткаат хонорарни џелати, особено сега кога смртната казна е укината, и дека најверојатно ќе треба да летаме до Англија, до Шпанија или до некоја од земјите во Јужна Америка, а дури и да го направиме тоа, како можеме да бидеме сигурни дека типот е професионалец, вистински џелат, а не само некој кому му се потребни пари, аматер кој би може да ја закашка работата и да нè посрамоти пред сите? Сите се согласивме дека Колби би требало само да скокне од нешто, а изборот не би паднал на столот, бидејќи сметавме дека тоа изгледа исклучително невкусно – некој стар кујнски стол поставен под нашето прекрасно дрво. Томас, кој има многу современи сфаќања и не се плаши од иновации, предложи Колби да стои на голема тркалезна гумена топка со дијаметар од три метри. Ова, рече, ќе овозможи дополнителен „пад”, а топката ќе се истркала ако Колби одеднаш се премисли откако ќе скокне. Исто така, нè предупреди дека ако не ангажираме официјален џелат ужасно силна
одговорност за успехот на работата префрламе врз Колби, и иако е сигурен дека Колби примерно ќе се однесува и нема во последен миг да ги посрамоти своите пријатели; сепак, познато е дека луѓето во такви мигови се однесуваат малку колебливо, а триметарската гумена топка, која најверојатно може да се произведе за ич пари, ќе обезбеди добро „повлекување” на жицата.

При споменувањето на „жицата”, Хенк, кој цело време си молчеше, одеднаш прозборе и рече дека се прашува дали нема да биде подобро да употребиме жица наместо јаже – нешто што е поефикасно и на крајот на краиштата пофино кон Колби. Колби како малку да позелени, а јас не го обвинував за тоа, бидејќи навистина е невкусно кога се размислува како те бесат со жица наместо со јаже – кога размислуваш за тоа, ти станува малку одвратно. Сметав дека е мошне непријатно тоа што Хенк си седи и ломоти за жицата, веднаш штом го решивме проблемот за тоа од што Колби толку уредно ќе скокне, со идејата на Томас за гумената топка, па избувливо реков дека жицата не доаѓа предвид, бидејќи ќе го оштети дрвото – ќе ја исече гранката кога Колби со целата своја тежина ќе повлече надолу – и дека во овие денови на зголемена грижа за животната средина, не би сакале да го сториме тоа, нели? Колби благодарно ме погледна, и така состанокот заврши.

На денот на настанот сè течеше мазно (музиката што Колби на крајот ја избра беше стандард, „Елгар”, а Хауард и неговите момци ја отсвиреа многу добро). Не врнеше, настанот беше добро посетен, а имавме доволно скоч, како и сите други керефеки. Триметарската гумена топка беше обоена темнозелена и многу добро се вклопи во пасторалното опкружување. Двете нешта што најдобро ги запомнив од целата епизода беше благодарниот поглед кој Колби ми го испрати кога го реков она за жицата и фактот дека никој потоа не отиде предалеку.

Превод од англиски: Владимир Јанковски

Илф и Петров

Како се создаваше Робинзон

Во редакцијата на илустрираното списание „Авантуристички потфат“, кое излегуваше на секои дваесет дена, се чувствуваше недостаток на уметнички дела кои би можеле да го привлечат вниманието на младиот читател.

Имаше некакви дела, ама сите тие не беа она вистинското. Во сите нив имаше некаква лигава сериозност. За волја на вистината, тие не ја освојуваа душата на младиот читател, туку ја помрачуваа. А уредникот сакаше да освојува нови души.

Најпосле решија да нарачаат роман во продолженија.

Редакцискиот курир отрча со писменце кај писателот Молдаванцев, и веќе следниот ден Молдаванцев седеше во кабинетот на главниот уредник, на диван кој порано можеше да се сретне по трговските куќи.

- Сфаќате ли, – објаснуваше уредникот – тоа мора да биде занимливо, свежо, полно со интересни авантури. Во суштина, тоа мора да биде советскиот Робинзон Крусо. Толку интересен за читателот да не може да се одвои од него.

- Робинзон – тоа е можно – кратко рече писателот.

- Само, не обичен, туку советски Робинзон.

- А каков би можел да биде! Сигурно нема да биде романски!

Писателот не беше многу зборлест. Веднаш можеше да се види дека тоа е човек од акција.

И навистина, романот беше завршен навреме. Молдаванцев не се оддалечуваше многу од познатиот оригинал. Кога го сакате Робинзон, ете ви го Робинзон.

Еден млад советски човек доживува бродолом. Брановите го исфрлаат на пуст остров. Тој е сам, незаштитен, лице в лице со моќната природа. Опколен е со опасности: ѕверови, лијани, претстоен дождлив период... Но советскиот Робинзон, полн со енергија, ги совладува сите пречки кои се чинат несовладливи. И кога по три години една советска експедиција го наоѓа, таа го затекнува во полн расцут на неговите сили. Тој ја победил природата, изградил куќичка, ја опколил со зелен појас градини, одгледал зајци, си сошил толстовка од мајмунски опашки и научил еден папагал да го буди секое утро со зборовите: „Внимание! Тргнете го ќебето, тргнете го ќебето! Почнуваме со утринската гимнастика!“

- Многу добро, – рече главниот уредник – а тоа со зајците, просто, е прекрасно. Но, знаете, мене не ми е сосем јасна основната мисла на ова дело.

- Борбата на човекот со природата – со вообичаената краткост рече Молдаванцев.

- Да, ама тука нема ништо советско.

- А папагалот? Па, тој овде го заменува радиото. Искусен водител.

- Папагалот – тоа е добро. И појасот градини ти е добар. Ама не се чувствува духот на советскиот колектив. Каде е, на пример, месниот комитет? Раководната улога на синдикатот?

Наеднаш Молдованцев се возбуди. Кога почувствува дека романот можеби нема да му биде прифатен, наеднаш стана разговорчив.

- Каков месен комитет? Зарем островот не е пуст?

- Да, точно така, пуст е. Но мора да има месен комитет. Јас не сум уметник во зборовите, но на ваше место би внел еден таков комитет. Како советски елемент.

- Ама, целата фабула се сведува на тоа дека островот е ненаселен...

Во тој миг Молдаванцев случајно погледна во очите на главниот уредник и замолче – очите беа толку пролетни, во нив се чувствуваше таква мартовска празнина и небесно синило, што тој реши да се согласи на компромис.

- Имате право – рече, кревајќи го прстот. – Секако! Како не ми текна веднаш на тоа! Од бродоломот се спасуваат двајца: нашиот Робинзон и претседателот на месниот комитет.

- И уште двајца членови ослободени од должност – студено рече уредникот.

- Оф! – писна Молдаванцев.

- Не офкај. Двајца ослободени и уште една активистка, собирачка на членарина.

- Зошто собирачка на членарина? А од кого таа ќе собира членарина?

- Од Робинзон.

- Членарина од Робинзон може да прима и претседателот. Ништо нема да му биде.

- Е па, токму тука грешите, другар Молдованцев. Тоа е апсолутно недозволиво. Претседателот на месниот комитет не е должен да се занимава со ситници, да трчка наоколу и да собира членарина. Ние се бориме против тоа. Тој мора да се занимава со сериозна раководна работа.

- Тогаш нека има и собирачка на членарина – се покори Молдованцев. – Тоа е дури и добро. Таа ќе се омажи за претседателот или за Робинзон. Сепак ќе биде повесело за читање.

- Не држи. Избегнете да го претворите во евтино љубовно романче, во нездрава еротика. Нека си ја собира членарината и нека ја чува во огноотпорен сеф.
Молдованцев почна да се превиткува на диванот.

- Ви се молам, па кај може да има сеф на пуст остров?!
Уредникот се замисли.

- Почекајте, почекајте, – рече тој – во првата глава на романот имате едно добро делче. Заедно со Робинзон и членовите на месниот комитет брановите исфрлаат на брегот разни работи...

- Секира, дурбин, бусола, буренце со рум и шише антискорбутен лек – свечено наброја писателот.

- Румот исфрлете го, – брзо рече главниот уредник – а плус, што ќе ви е тоа шише со антискорбутен лек? Кому му треба тоа? Подобро шишенце со мастило за пишување! И задолжително огноотпорен сеф.

- Што сте запнале со тој сеф! Членарината може сосем добро да се чува и во дупката на баобабот. Кој ќе ја украде од таму?

- Како кој? А Робинзон? А претседателот на месниот комитет? А ослободените членови? А трговската комисија?

- Зарем и таа се спасила? – плашливо праша Молдаванцев.

- Се спасила.

Завладеа молк.

- Можеби, брановите исфрлиле и маса за заседанија?! – праша авторот со потсмев.

- Се-ка-ко! На луѓето треба да им се создадат услови за работа. И балон со вода, камбана, чаршаф за маса. Чаршафот може да биде секаков: црвен, зелен. Нема да го ограничувам уметничкото творештво. Но она што е потребно, пред сè, пријателе мој, е да се покаже масата. Широките трудбенички маси.

- Брановите не можат да исфрлат маса – се побуни Молдованцев. – Тоа нема никаква смисла со фабулата на романот. – Размислете! Наеднаш брановите исфрлаат на брегот неколку десетици илјади луѓе! Тоа е бесмислено! Ќе ни се смеат!

- Патем, малку здрава, бодра и радосна смеа не е на одмет – рече уредникот.

- Не! Брановите не можат да го направат тоа.

- Зошто брановите? – наеднаш се зачуди уредникот.

- Па, како инаку масата ќе се најде на островот? Нели беше ненаселен?

- Кој ви рекол дека е ненаселен? Вие нешто ме збунувате. Сè е јасно. Постои еден остров, или полуостров, уште подобро. Така ќе имаме помалку грижи. И таму се случуваат низа интересни и необични авантури. Синдикатот работи, но понекогаш потфрлува. Активистката открива низа грешки, на пример, во собирањето членарина. Нејзе ѝ помагаат широките слоеви. И претседателот кој се покајал. Пред крајот може да се одржи пленум. Тоа ќе има силен ефект, во уметничка смисла. Ете, тоа е сè.

- А Робинзон? – промрморе Молдаванцев.

- Да, добро што го споменавте. Робинзон ми задава грижи. Исфрлете го целосно. Невозможна, излишна фигура на незадоволник.

- Сега сè е јасно, – рече Молдаванцев со зарипнат глас – утре ќе биде готово.

- Сè најдобро. Создавајте! Патем, на почетокот на вашиот роман се случува бродолом. Знаете што, нема потреба од тоа. Изоставете го бродоломот. Така ќе биде поинтересно. Нели? Во ред. Догледање.

Кога остана сам, главниот уредник весело се насмеа.

- Најпосле, – рече тој – ќе имам вистинско авантуристичко дело, а покрај тоа, и уметничко.

Превод од руски: Ѓорѓи Крстевски

Влада Урошевиќ

Песна за предзнаците

Гласниците се уморни а мостовите стари и дотраени.
Работите врз јавните градби заостануваат. Врз проектите
паѓаат црвојадина и мртви инсекти.
Читачите на судбината си ги собираат парталите.
Никого повеќе не го интересираат убавите прикаски.
Војниците се коцкаат со собирачите на данок
и се поплакуваат на долги пешачења.
Градот го опколуваат бодливите трња
и троскот што исушен прилега на канџи.
Кој ги видел странците на главните патишта?
Кој ги препознал голушките на непознатите овошки
во коњските лепешки? Прирачниците
за далечните народи одамна се спалени.
Невозможно е да се проверува. Невозможно е
да се отиде или што и да е да се направи.
Возможно е единствено
да се остане и да се чека.

Кристин Димитрова

Телата на луѓето

Некој заѕвони на вратата. Ставив нов чаршав врз столот и ги фрлив во ѓубре памукчињата од претходната клиентка. Таа е една постара жена на која и’ ги отстранувам мустачињата. Редовно доаѓа штом ќе земе пензија. Во последно време почна да ми плаќа во книги. „Убави стари книги“, како што ги нарекува таа. Но јас не сум некој ебан археолог. А има и друг проблем. Јас книги не јадам, ниту пак син ми, ниту пак неговата нова девојка, која во последно време сè кај нас јаде.

Во ходникот се судрив со татко ми, којшто беше тргнал да отвори. Ги влече папучите и лета со истегнатата рака кон кваката на вратата. Не можам да си замислам дека тој човек некогаш беше началник во одделението за транспорт. И нему сигурно му е тешко. Веќе неколку години главно занимање му е да ми ги пегла чаршафите за клиентите. Човекот се одмотува цел свој живот, сè додека на крајот сосема не се одмота, како макара.

- Марга, некој ѕвони! Сигурно е клиентка - ми шепна тој пред вратата. За да е сигурен дека сум го разбрала, ме гледа во лице и ги изговара слоговите со широко отворена уста.

- Токму така, клиентка е, мавни се.

Татко ми се потргна наназад и остана да ѕирка низ подотворената врата да види кој е. Во мојата работа тоа е лошо. Ниедна жена не сака разноразни старци да ја гледаат како дошла да и’ ја отстранат комитската брада. Но за него сè е новост. Луѓе се степале - новост. Експлодирала бомба - новост. Еруптирал вулкан - новост. Дошла Стевка од првиот влез да и’ ги истиснам мозолчињата - новост. Ја повлеков вратата од дневната соба и тој остана внатре од другата страна.

Погледнав низ шпионката. Рамената надвор беа толку широки што ги криеја скалите. Главата воопшто не се гледаше. Шпионката точно гледаше во налепницата на палтото на кое пишуваше O’Neill. Не требаше ништо повеќе за да знам дека е Иван Денчев - Смокот. Го тргнав резето.

Тој фрли брз поглед во ќошовите на ходникот и влезе во салонот. Косата му беше свежо истрижена со машинка, така што веднаш му се гледаше кожата на главата., а од профил - тенки контури во облик на овал. Нешто како малечок ореол. Неговите сплескани уши ги придржуваа рамките од „армани“ очилата, кои беа раширени така што целиот негов изглед беше изнасилен.

- Добар ден - со почит рече тој и го соблече палтото заедно со маицата. Канаѓанецот ми го донесе Смокот. Ги депилирам. Зошто се депилираат, не знам. Не сум љубопитна, не е ни моја работа.

- Да легнам ли? - ме прашува тој и се преместува од нога на нога со маицата во рака. Се однесува со мене како со учителка.

- Ве молам, на столот - велам јас и го внесувам врелиот восок. Работам со бела престилка. Не дека тоа е неопходно, туку едноставно така клиентите се чувствуваат посигурно. Обично во моментот кога ќе се оптегнат на чаршафот започнуваат да дрдорат како да сум ставила паричка во автомат. Овој вака, онаа онака, цените вака, животот онака. Смокот не зборува без да го прашаат:

- Иване, како е? Ја поправивте ли колата?

Тој подголтнува од болка додека му ги тргам влакната од градите. Ги мачкам и ги корнам. На тоа место се појавуваат мали капки крв коишто ги впивам пред да се разлеат. Некои кожи воопшто не крвават, други пак крвават како пресечени. Да не беше Смокот толку влакнест, ќе си речев дека има бебешка кожа.

- Ја поправив, што да правам. Попладне сум пак по работа, каде без кола.

Стенка, офка, на крајот го гледам дека пребледел. Му понудив студен чај од шипки за да се поврати малку. Му реков дека е полн со витамини.

- Да, благодарам - одговори тој и отпи послушно.

Го гледам, се преметкува и како да сака да каже нешто. Едно време како да го исплука камчето од уста.

- А можете ли да ме издепилирате и од појасот надолу?

- Се разбира - реков јас. Уште екстра дваесет лева добро ќе ми дојдат. - Соблечете се, ве молам.

Гледам дека пак нешто промрморува.

- Ама, има еден проблем. Имам ерекција.

Епа сега, јас редовно возам велосипед и сите ми велат дека изгледам добро итн. Морам, заради имиџот. Но, Смокот е дури петнаесет години помлад... Сто отсто е од болката. Ги собирам усните и кажувам со строг глас:

- За мене тоа не е проблем. Само да не сте агресивен.

Смокот мрдна одречно со главата додека ги соблекуваше фармерките. Нешто тешко ѕвекна на подот. „Ништо не е, ништо не е“, повторуваше тој и крена еден црн пиштол од подот и го стави под фармерките. Потоа се оптегна на столот и стисна заби.

Тоа беше една силна ерекција која требаше да ја намачкам одоколу со восок. Крвта така шикна што го накваси чаршафот. Смокот ту се поткреваше да види што се случува, ту легнуваше пак за да не гледа кога некои делови поцрвенуваа. Кога дојдов кај листовите од нозете веќе беше полесно.

- Готово - најпосле кажав и почнав да расчистувам.

- Може ли да се видам? - праша тој. Огледалото во природна големина е единственото луксузно нешто во мојот салон. Се разбира, ако не се смета и опремата, но таа е стара, а огледалото е вечно затоа што е од чист кристал.

- Нормално - реков јас и го фрлив окрвавениот чаршаф во кошот за перење за да глумам дека сум зафатена додека тој се гледа. Беше мазен и моќен како антибактериски сапун. Беше многу задоволен. Ми даде три лева бакшиш. А тој не е многу по бакшишите. Колку и да му кажеш ќе си плати, но ќе остави најмногу едно левче. Имав чувство дека и триста лева да му кажев, тој ќе ги забиеше дебелите прсти во паричникот и на истиот начин ќе ја извади точната сума и на крај ќе даде едвај некое левче со колебање. Се разбира, јас никогаш не му ја пумпам цената. Па нели, следниот месец треба пак да дојде.

До вечерта поминаа уште пет клиентки: растителна маска, црнки, мустачиња. Ситни работи, но денот беше во глобала добар. Одвреме-навреме ќе се сетев како се срамеше Смокот и ќе се задавев од придушена смеа. Ако фатам да се загледувам во телото на секој клиент ќе треба да си ја сменам работата. А тој уште запнал да се извинува! А од друга страна, тоа значи дека не ме третира како некаков си предмет. Абе кој ти знае. И пак ми стана смешно.

Ја испратив и последната жена и ја соблеков престилката. Телевизорот во дневната соба грмеше уште од ходникот. Син ми ја прегрнал девојката на каучот, а татко ми ги пегла чаршафите за утре. Ги подбутнав да ми направат место. Татко ми се загледал во вестите како којзнае што да ќе кажат.

- Сменете ги малку ова вестиве, бе. Ми се поду главава.

- Еве сега, еве сега - ме смирува тој и продолжува да зјапа додека ја мрда пеглата.

Го зедов далечинското и токму пред да сменам канал слушам: „Денеска во престрелка беше убиен Иван Денчев, попознат во подземните кругови како Смокот. Со два куршума во градите и еден во бутот ранетиот почина на пат за болница.“

Застрелан во издепилираните гради и бутот. Мислев дека се случила некаква голема грешка. Попладнево тој беше жив. Потоа си помислив дека сè е вистина, но дека живеам во два живота. Во едниот Смокот е жив, а во другиот воопшто го нема и јас ги гледам вестите. Го фрлив далечинското и истрчав до салонот.

Беше темница, но онаа темница којашто ја има само по градовите, зашто сенешто наоколу продолжува да свети. Немав потреба од светло. Таму во кошот сè си беше недопрено. Чаршафот со крвта на Смокот беше речиси на дното. Се засушил истуткан како што сум го фрлила за перење. Не го познавав тој човек, не знам со што се занимавал. Всушност знаев, затоа и не сум го прашала. Но, сега во рацете држев нешто кое за само неколку дена ќе остане единственото нешто од него.

Застанав пред огледалото и се загледав во темницата. Сакав да ја премотам назад лентата, да го тргнам од сликите од пред малку и да го ставам место него оној Смок од пред неколку часа како се гледа себеси жив и задоволен од сработеното. И одеднаш видов.

Се видов себеси, расплакана, со окрвавениот чаршаф во раката. Го видов само она што можеше да се види.

 Превод од бугарски: Душко Крстевски

Илустрации: Zach Johnsen

Ете, Ана, видиш, ќути си -

Ете, Ана, видиш, ќути си - трај си и ќе капне книгичка. :)

A da se drzis ti samo do toa

A da se drzis ti samo do toa "kuti si", neli ke e najdobro?

Polio, во тебе има голем

Polio, во тебе има голем лошотилак.

ОкоБоли главаВицФото