По што ќе ја запомнам 2011

29.12.2011 14:28
По што ќе ја запомнам 2011

Анастас Вангели, истражувач

2011 ја доживеав како исклучително динамична година, година на пресврти, победи и порази. Во поглед на тоа што се случуваше во светот, а особено на личен план, ќе ја паметам по следниве пет работи:

Патешествија (физички). Со други зборови, Кина. 2011 ја дочекав во Шангај, а ја завршувам во Пекинг. Целосно ми се наруши смислата за пропорција (и за гужва) и доживувам неверојатно искуства што има да ги раскажувам цел живот. Поминав и интересно време низ други места (ко ќе ми текне, добри три месеци во Брисел), но тоа сега ми се чини како да било многу одамна.

Книгата „Античка сегашност“. Со неа заокружив една фаза од мојот живот. Сепак, разочараноста од тоа што се случува во Македонија е посилна од чувството на некаков си успех. Моите црни прогнози за тоа каде национал-популизмот води, се веќе реалност.

Протестите. Ќе лажам ако речам дека бев премногу потресен во врска со Арапската пролет. За мене лично, неверојатно важни беа протестите низ Европа, а подоцна и Окупирај го Волстрит, кои дадоа на знаење дека сè уште постои капацитет за значајни промени. Протестите против полициската бруталност во Македонија ги доживеав преемотивно, земав учество, и жалам што не успеаја да се универзализираат, омасоват и станат дел од глобалното движење за социјална правда.

Еко-освестување. Фукушима. Ултра-загаденост, смог и воздух со вкус на квака во Пекинг. „Откривањето на Америка“, т.е. ултра-загаденоста во Скопје.

Хиперпродукција. Многу теми, многу прашања, теории, методологии и манично пишување. Читање, листање, пребарување, скролање, истражување без крај. Занимавање со миграција, социјални движења, политика, економија, историја и математика; на крајот и мандарински јазик. Борба со стереотипи и ограничувања, со матрици и стеги, со неискуство и незнаење, и понекогаш неуспешни обиди да се задржи фокус и да се испочитуваат рокови. Би пишал и повеќе, но ме чека последниот есеј за оваа година.

Ксенија Чочкова, преведувачка

2011 година ќе ја запомнам по демонстрациите насекаде во светот и новото значење кое го добија медиумите како Твитер и Фејсбук во самоорганизирањето на демонстрантите и ширењето на вестите.

Оваа година за жал ќе биде обележена и од загубата на еден невин млад живот на плоштадот во Скопје, но и од луѓето кои со месеци масовно протестираа за да ја истераат правдата на виделина.

Во 2011 во Скопје се случија многу мали и големи проекти во областа на културата, пред сè иницирани од независниот културен сектор, кои ни ги разубавија и збогатија деновите и ноќите во градот. За мене лично за жал 2011 ќе биде обележена и со затворањето на културниот центар ЦК, убава приказна која заврши во оваа форма после 5 години постоење.

Проектот Скопје 2014 во огромна мера го измени Скопје во 2011, и за мене оваа година е годината во која мојот град го изгуби својот лик, и доби еден сосема нов кој воопшто не ми е близок.

Преводите на збирката „Преместен камен“ на Никола Маџиров и романот „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски дефинитивно ја одбележуваат 2011 како успешна година за македонската книжевност надвор од границите. Во Македонија, огромната истрајност и напорите на малите издавачки куќи да внесат нови имиња меѓу читателската публика секако заслужуваат да бидат споменати и оваа година.

Каратистката Наташа Илиевска која ги освои сите можни награди, но на кои некако не стигнавме да им се израдуваме заедно со неа, обземени од еуфоријата на освоеното 4. место на кошаркарите, кое секако не го потценувам.

И како што почнав така и ќе го завршам овој свој осврт, задржувајќи ја 2011 во сеќавањето како револуционерна година, година на големи општествени промени, можеби не во Македонија, но во многу други земји со сигурност.

Ацо Гогов, писател

Во 2011 година ја завршив и финализирав – со многу несоници околу еден единствен збор – мојата втора книга раскази Единствен матичен број. Творечките импулси доаѓаа ненадејно, но силно. И благодарам на Музата за таа милост.

Мојата 2011-та година, всушност е година со две времиња. Едното, омеѓано со просторот на книгите, во кој паѓаат, умираат и повторно оживуваат јунаците од книгите. Често тука воздухот е задушлив, тешко се дише, но понекогаш се наидува на среќата во чиста состојба. Таков е случајот со прочитот на извонредниот роман Бумбаров мед од Торни Линдгрен – еден од настаните по кои ќе ја запаметам 2011-та година. Исто како што настан за паметење го сметам и конечното набавување на Зборникот на Миладиновци.

Се разбира, тука е и светската економска криза, смртта на Гадафи, кошаркарскиот успех на Македонија, воведувањето на двокатен автобус на релацијата Струмица – Скопје, мојата забоболка. Тоа е онаа другото време од мојата 2011-та година; време во кои историските собитија ја играат вечната игра на неправди, страдање, плач и радост.

Ќе ја запаметам годината што си оди и по дружењата – посебно преку тоа – со драги луѓе како: Зоран Стефановиќ, Горан Тренчовски, Евгенија Теодосиевска, Гоце Ристовски, Нове Цветановски, Петар Волнаровски. По парчињата и фрагментите од театарските претстави видени со сопствени очи, додека наоколу лутаат и лебдат шекспировски духови.

2011 си оди? Велат дека си оди.

Мирко Попов, музичар

Сериозно напорна година по сите параметри. Општествено, приватно, но за среќа и креативно растегната до бол.

Главниот настан за мене се протестите против полициската бруталност кај нас, во јуни и јули. Мислам дека конечно нешто КВРЦНА во свеста на една мала, но одговорна група луѓе, кои успеаја да формираат ГЛАСНО МАЛЦИНСТВО-толку потребно во нашиот примитивен поолитички пејзаж. Беше вистинско, помалку перверзно уживање да се посматра мафијата на власт во дебилен грч, онака фатена на дело како неумесно се обидува да прикрие убиство. Изложена на опонент по свест и методи далеку понапредени од нивниот природен непријател – „опозицијата“, криминалната номенклатура од фејк патриоти го одигра познатото македонско оро „Пешкото“ (3 назад, 2 назад) и повторно се избрука во очите на цивилизираниот свет. Од друга страна, ГЛАСНОТО МАЛЦИНСТВО речиси 2 месеци суверено владееше со улиците и и’ покажа на јавноста дека улиците се наши. Ова е еден од најважните настани во развојот на македонската демократија и ќе биде пример за организација на настаните/протестите кои доаѓаат.

На личен план, оваа година ми стана сосем јасно дека влегувам во златното доба на мојата креативен потенцијал како музичар. Заедно со моите блиски пријатели, снимив и издадов 2 албума („Кантон6/Чил Фолк“ и „ПМГ Колектив/А Векот Така Добро Започна“) и уште неколку синглови и ремикси. Тоа е повеќе и подобра музика од која било што до сега сум направил. Среќен сум за тоа.

Инаку ми се допаднаа општите светски текови. Антагонизмот се заострува, се движиме накај промени.

2011-та ќе ја паметам и по моите пријатели: Синиша Евтимов, Николина Кујача, Дарко Јорданов и силната интеракција во сите правци. Ве сакам.

Звонко Танески, писател

Според мене, секоја година човек ја памети (на подолги релации) многу повеќе преку личните приказни, па дури потоа отстапува во меморијата место и за глобалните односно поопштите случувања. Ако се задржам прво на овие вторите, тогаш неизбежно е, се чини, да ги споменам турбуленциите во арапскиот свет, земјотресот во Јапонија, смртта на симболот на Кадифената револуција во поранешна Чехословачка – Вацлав Хавел, позитивниот исход за Македонија во „хашкиот“ спор против Грција, успехот на македонските кошаркари на првенството во Литванија итн. На домашен културен план би го издвоил, на пример, 50-годишниот јубилеј на СВП и 90-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Сепак, оваа 2011 година за мене беше, би рекол, премногу лична. Имено, се свршив во Берлин со мојата долгогодишна девојка Мартина од Чешка, потоа по осумгодишен студиски и работен престој во Словачка и пошироко во Средна Европа се вратив во Македонија, во „својата јазична татковина“ (како што вели Ѓерѓ Конрад зборувајќи за себе како за упорен светски патник) со желба за свртување нова страница во понатамошниот живот (воден небаре според онаа латинската „Ubi bene, ibi patria”) и со непрестајна верба во една нова духовна авантура, во еден подобар свет што го заслужуваме. Новата работна средина во Скопје (на ФОН Универзитетот) ја сметам за благонаклонета кон таквите мои заложби. Што се однесува, пак, поконкретно до најновите резултати од моите овогодишни духовни авантури, вреди да го споменам барем преводот на извонредниот роман на словачкиот еминентен автор Павел Виликовски – „Последниот коњ на Помпеја“ на македонски јазик на кој трпеливо му посветив многу од слободното време, како и ангажманот околу подготовката на словачкото издание од поезијата на нашиот Матеја Матевски. Затоа, на крајот од годината обично воздивнуваме од она сработеното и бараме обнова на енергијата која сигурно ќе ни биде многу потребна и догодина. Најискрено им посакувам во 2012 година и на сите други што почиста и порадосна мисла, како и што поисполнет и пооблагородувачки дух во совладувањето на сите предизвици што допрва не очекуваат.

Рамадан Рамадани

Бин Ладен е убиен, Ејми Вајхаус е мртва. Докторот на Мајкл Џексон е прогласен за виновен. За некои вистини треба да помине година. Светот е минус убавината на Елизабет Тејлор и поубав без глупостите на Гадафи. Принцот Вилијам се ожени како и Ким Кардашиан, но оваа се разведе. Џулијан Асанж ни докажа уште еднаш дека е поопасно да бидеш меѓу две жени отколку меѓу две држави. Вистинскиот херој на вистината Bradles Manning сè усте е во притвор без да биде осуден. Луѓето протестираа насекаде, сите кои беа во недоумица за арапската пролет таа им дојде дома. Дури и во Волстрит и за изборите на Путин. Во Јапонија имаше цунами земјотрес и нуклеарно истекување, но толку се работи таму што се заборави од страна на светот дека херои се атомските инженери кои потпишаа дека ќе продолжат да работат без оглед на цената која ќе ја платат: нивниот живот. Таму е сè ко нацртано што дури и императорот бараше ограничување на годините до кога и самиот би бил на власт. Во атеистичка Кореја, пак, се прикажуваа чуда зад смртта на Ким Јонг Ил. Кина и Индија не можат да докажат која е побројна: се роди 7 милијардитиот човек. Мубарак е во полу кома а неговата војска сè уште на полу власт. Берлускони се повлече на раат со девојки, а најјаката девојка на светот Ангела го спаси еврото, Саркози Европа, па потоа не се ракуваше со Британецот со африканско презиме. Судан се подели на два Судана, а Дарфур остана цел. Палестина стана членка на УНЕСКО, а Израел продолжува да и’ се доселува. Американската војска се повлече од Ирак а војната продолжува. Лудиот Норвежанец Брејвик уби многу луѓе и беше прогласен за луд, а будалата Јашаревиќ од Сараево е сè уште само обичен притвореник. Јашаревиќ е од Србија, а Брејвик само читаше српска литература. Но Србите победија на избори и во Хрватска и во Словенија. Би победиле Србите и во Србија на избори да не беше Косово. Хрватска е ЕУ членка. Санадер и’ е предаден, а ХДЗ изгуби. Ѓукановиќ се повлече, па Црна Гора напредува: на Евровизија ќе ја преставува Рамбо Амадеус. Албанија е запад за нас и изгради тунел за во Косово. Сè уште се бара решение за северно Косово, но ново е дека оваа година има албански верзии за поделба. Ние од Македонија на сето ова гледаме оддалеку ко стара верзија на кантерстрајк игра: а сè на Балканот е 3Д технологија. Кај нас и во 2011 уште најспоменуваната година е 2014. Никој веќе не верува дека крајот на светот е во 2012, па затоа не ја спомнуваат. Сите се подготвуваат за долго страдање, штедат на струја оти таа пак поскапе. Два работника умреа градејќи го Скопје 2014, проект кој ете остана без црква. Александар се подигна а Филип ќе мора, заради воинот на коњ да не биде идентификуван и како „копиле“ и како „педер“. Триумфалната капија ја постигна целта кога славевме четврто место во кошарка. Три весника згаснаа, а само Фокус стана и дневен весник. А1 ја нема веќе, но затоа ни се мултиплицираа вестите во седум и турските серии. МРТВ ќе ја плаќаме и наредните години. Имавме шведски избори со американски резултат: вкупно само пет партии влегоа во парламент. Но затоа ние немаме попис. Не се знае ни кој е виновен ни кога пак ќе имаме. Но ги зафркнавме сите во регионот затоа што последни го одложивме за во есен, а први и единствени сме што го поништивме. Имаме нова влада во која Албанците се министри за ЕУ-НАТО интеграции. Излети праат, теферич. Едниот заврси ја заврши годината со посета во Кина а другата со посета во САД. Нема да успееме да ја фатиме ЕУ на кондиција, па затоа одиме на курназлак: ете нас во Евровизија ќе нè престави Калиопи Букле. Изборите беа важни и да се заборави Мухаметали Јашари, ученикот кој беше убиен бранејќи соученик Македонец. И да се запамети Мартин Нешковски кој беше убиен ноќта кога славеше победа партијата на власт. Државата два пати нè лазеше сите за тој случај. А сега ќе треба да пресуди. Братот на Мартин е активистот за оваа година, а неговата мајка најхрабрата жена. Брат Лубе го идентификуваше Искендер но не му успеа да стане Полат без да се потурчи. Тој беше уапсен за помала сума кеш отколку што имаше во фамозното шише кое годинава беше прогласено од страна на УЈП дека било дезинфицирано! Рамковски е цела година во затвор и сега му даваат само смоки да јаде. Жените, болните и другите што се со него во затвор само служат да се осознае „каурскиот“ зулум иако ни тој ни Мисирков не беа Турци! Космос е урнат, свемирот е цел, Јелко Кацин знае да разликува. На Фуле сите му пишуваа, но тој само на неколкумина им одговараше. Стигнавме во Брисел трибина да демолираме, но испаднавме м(а)лаки. После уште во Јапонија бевме за други техники. Лустрацијата стигна кај Македонците: таму не беше улична, беше салонска, но со иста техника: сè беше на тепка. Ги фативме Грците на кондиција, па им дадовме гол ко од корнер со пресудата во Хаг. Но сепак или сме после тоа во офсајд или напредуваме во полза на сопствена штета.: тие сега бараат ерга омнес а ние ги молиме прекарот да ни остане трајно име! И премиерот доби корпа после писмата кои ги пишуваше; и вицепремиерката двојка после веќе закажани состаноци. им се може кога се техничка влада. Треба единство како во протестите за Велес, сите здружено дури голи се сликаа, но министерот е од село Шемшево, па се гризи за странски инвестиции. А после толку алашвериш со споменици на принцот од Катар успеавме само една статуетка да му продадеме. Па и Вранишковски се предаде но го затворија, на ИВЗ и’ беше крива дури и државата иако и таа самата никогаш право не седи. Три пати годинава имаше поинакви ставови.

Тони Димков, новинар

Неверојатно дејство има сознанието дека во зрелите години времето многу побрзо поминува. Се разбира, станува збор за невистинито тврдење бидејќи времето со ист интензитет константно „гази“ врз нашите животи. Позитивната страна на тврдењето е што времето е измислена категорија за нашите математички пресметки и практично не постои, но, сепак, силно го чувствуваме неговиот товар во нашата душа. Иако 2011 година помина како потврда на „тежината“ на времето сегашно, сепак, останаа неколку блескави мигови кои вреди да се запомнат.

Кошарка – Успехот на кошаркарите на ЕП во Литванија има повеќеслојно значење. Спортскиот успех е само најочигледната димензија на настанот. По дваесет години независност на Република Македонија прв пат се случи вистински излив на емоции. Кошаркарите докажаа дека е потребна вистинска борба на теренот, а не наместени тендери, истрајна и напорна работа да се стигне до квалитет и успех, а не вработувања со партиски книшки. Никогаш нема да ја заборавам еуфоријата на скопскиот плоштад по победата над домаќинот Литванија, бидејќи докажа дека граѓаните на Македонија знаат да живеат и да му се радуваат на животот, но ставени се во ситуација секогаш да посакуваат тоа да се случи во текот на следната година.

Книжевни блесоци – Силно ме радува меѓународниот успех на поетот Никола Маџиров и писателот Гоце Смилевски. Уметноста на зборот успеа да ги скрши сите граници кои најчесто самите си ги поставуваме. Радува фактот што мојот омилен поет Матеја Матевски го доби струшкиот Венец на поезијата.

Фестивали – Редовните проследувачи на културните настани со задоволство ќе се потсетуваат на 30-тиот Скопје џез-фестивал, на 50-тите Струшки вечери на поезијата, на 10-от Синедејс. Тука се и Млад отворен театар и фестивалот „Браќа Манаки“. Одлична година во фестивалска смисла со многу мигови за паметење.

Венеција – Во овој избор ќе си дозволам да спомнам и едно лично патешествие. Посетата на уметничкото Биенале во еден од најубавите градови во светот широко ги отвора хоризонтите на спознанието. Обична прошетка низ уметничките павилјони открива приказ на актуелните текови на современата ликовна уметност. Градот освојува со неговиот раскош и врвулици луѓе од сите страни на светот. Едноставно, човек посакува да се изгуби во лавиринтот на тесните улици и канали низ Венеција и никогаш да не се врати во „нашето“ време. Убавината секогаш остава траги во душата.

Лајф магазин – Особено ми е мило што бев дел од една мала и компактна екипа која вложи многу искуство, труд и време во создавањето на ликот на месечниот магазин Лајф. Матните врутоци кои годинава го поплавија медиумскиот простор во државата придонесоа да се затвори можноста за израз на креативната и, пред се, искрена енергија во областа на пишаниот збор. Потврда дека некогаш и најубавите бисери завршуваат во калта.

Постдемократија – Веројатно ништо не е случајно, но пред крајот на годината, читајќи интервју со еден од најголемите филозофи на нашето време, Јирген Хабермас, прв пат се сретнав со терминот постдемократија. Имајќи ги предвид светската економска криза, можноста за распад на еврозоната и, воопшто, на идејата за обединета Европа, врвниот мислител на нашето време упати порака со која нагласува дека човековата цивилизација не трпи враќање назад. Иако светската демократија веќе е окупирана од моќните меѓународни корпорации, политичарите треба да најдат начин како власта да биде вратена кај народот. Во спротивно, ќе живееме во време на постдемократија која жестоко ќе гази врз животот на обичните луѓе.


Никола Маџиров, поет

Ги паметам календарите со живи пејзажи и мртви природи, зашто заборавам да ја скинам страницата на изминатиот месец. Ги паметам книгите од библиотеките, зашто (за)секогаш заборавам да ги вратам. Ги паметам родендените на пријателите, зашто заборавам на нивното раѓање, читајќи ги потсетувањата на фејсбук профилите. Го паметам времето 11:11, во петок, 11.11.’11, зашто заборавам дека нешто важно ќе се случи тој ден – детството ќе биде за една минута подалеку од моите стапки.

Зоран Попоски, дигитален уметник и теоретичар

На приватен план, 2011 ќе ја паметам по петнаесетте меѓународни изложби и фестивали, од САД и Русија до Холандија, Ирска и Обединетите Арапски Емирати, перформативните предавања во Австрија и Словенија и неколкуте публикации во странство. А во Македонија, по пречките и оневозможувањата на градскиот плоштад да се реализира мојот проект за мултимедијален споменик на сите Александри кои живеат во Скопје, 1000 Александри. Прво заради недобивање дозвола за користење на јавниот простор на плоштадот од страна на општина Центар, а потоа и заради откажувањето во последен момент на договорената проекција на проектот на видео билборд во центарот на градот од страна на операторот на видео билбордот.

На глобален план, се чини дека во 2011 година сè што претходно беше цврсто и постојано одеднаш почна да исчезнува во воздух. Но, она што навистина ја обележа годината беше духот на масовните ненасилни протести. Од Шпанија до Русија, од плоштадот Тахрир до Вол Стрит, вклучително и Скопје, младите луѓе се самоорганизираа и се мобилизираа во протест против политичките и економските нееднаквости, излегувајќи на улиците, создавајќи силни и видливи јавности, а некаде дури и соборувајќи влади. Составени претежно од студенти и контракултурата, од средната класа, без некаква централна политичка програма ама затоа со многу чувство за субверзивната моќ на лудичкото и карневалското, овие движења за глобална правда ја вратија вербата во трансформативната моќ на колективната ненасилна акција. Да се надеваме дека овој револуционерен потенцијал нема бргу да биде рекупериран и дека во иднина ќе успее да формулира вистинска алтернатива на постоечкото.


Виолета Качакова, менаџерка во културата

2011 г. преку неколку настани што се случија во неа донесе значајно „раздвижување“ во потесниот, наш-македонски социјално-политички и културен контекст, кој непосредно е поврзан со моето лично и професионално дејствување.

Како културен работник, едно од позначајните раздвижувања за мене е консолидирањето на независната културна сцена (организации, неформални асоцијации и независни уметници) под заедничка платформа со цел барање и застапување на потребите и правата на овој културен сектор за негов рамноправен третман и подршка од страна на јавните институциите.

Во контекстот на занимавање со културна политика исклучително важно за мене е воспоставувањето партнерска соработка на Локомотива со регионалните и локални власти за заедничко градење на регионална стратегија за култура во Пелагонискиот регион почитувајќи го моделот на креирање на политики од долу-нагоре. Тука би ја издвоила и работата на Контрапункт во доменот на отворени институции или истражување на модели на јавно-цивилно партнерство.

Оваа година донесе значајно раздвижување и на македонската независна музичка сцена со околу 30 нови изданија и бројни концерти. Од особено значење се низата настани кои се реализираа под мотото „20 години слободни” по повод 20 години од постоењето и работењето на Канал 103.

2011 е ми е драга по: работењето како продуцент на уште еден краток анимиран филм чија премиера ќе се случи во јануари идната година, бројните професионални и приватни патувања, концертот на „Фауст“ во Полска, фестивалот Срце за Јапонија во МКЦ, фестивалот АКТО во Битола, последното издание на фестивалот Локомоушн - кој донесе нова содржина во начинот на третирање и прикажување на современите изведувачки форми и концепти.

На крај сепак, како најзанчајно раздвижување по кое ќе ја запомнам 2011 г. се протестите против полициската бруталност, за мене досега невиден локален одблесок на солидарност, масовност, слободна и прогресивна граѓанска мисла и дејствување, заедништво и бунт. Бунт против формалната демократија, неправда, непочитување на човечките права и живот. Се надевам и посакувам што повеќе вакви и помасовни форми на бунење да ни се случат и во годината што следи.

Ѓоко Здравески, писател

Ако го прашате светот за годинава што изминува, тој веројатно ќе рече: Јапонија, Осама бин Ладен, Арапска пролет, Гадафи, Менхетн, плачот на Северна Кореја, Стив Џобс, Ејми Вајнхаус...

Ако ја прашате Македонија за годинава што изминува, таа веројатно ќе рече: Мартин Нешковски, А1, споменикот на Александар Македонски, тројката на Илиевски против Литванија...

Јас ќе речам некои работи за големиот свет сосем неважни. Ќе речам: Адо, камионџија од Девентер, Холандија, кој бос го тера својот камион од дома до Словенија и назад. Затоа што задоцнив за еден двочасовен лет, а најдов човек, пријател. Некои ќе речат – случајност. Ќе речам: еден полноќен разговор со Никола Маџиров во „Менада“, затоа што разговорите со Никола се поезија. Ќе речам: Голем Кораб, затоа што патувањата по вертикалната оска се многу поретки од оние другите, па според тоа, подолго се паметат. Ќе речам: заминувањето на дедо ми, затоа што во мојот свет неговото заминување е поголемо од сите оние големи заминувања. Ќе речам: некои пријатели, некои луѓе што ги сакам, затоа што ми помогнале за трошка барем појасно да прогледам.

Ќе ја паметам годинава што изминува по оние малечки нешта што без да сакаме ги паметиме, оти за нив не постојат архиви и пребарувачи надвор од нас.


Кристина Леловац, актерка

Ги врткам изминативе 12 месеци низ главата. Редам албум со сликички – дупликатите ги оставам на страна, ќе ги чувам да ги сменам за нови во деновите што следат. Во триесетина реда стуткувам триста и кусур денови. Прогласувам победници на интимниот избор за насмевка на денот, чувство на месецот, воздишка на годината. Избирам што ќе запомнам, а што ќе треба да се помачам да заборавам. Нешто сепак не смее да се заборави. За нешто ќе треба „да си врземе крпче“.

Пакувам внимателно селектирани изминати часови, лица, звуци и ќошиња на Скопје во тегла со формалин. Внатре е цел еден скопски јуни – првото истрчување на плоштадот поради лошата вест, сите среќавања „во шест кај Мајка Тереза“, сите свирчиња, пароли, песни, транспаренти, сите минути молк за оној што можеше да биде секој од нас, сите свртени тилови на главите во вратоврски, сите седнувања на асфалтот, сите фатени дланки во обрачот околу Собранието, сите исцртани трупови по улиците, сите тела покриени со црни кеси, сите безизразни лица на полициските живи ѕидови, сите погледи од балконите, сите неодговорени повикувања на одговорност, сите црни знамиња по бандерите, сите розеви обрачи околу главите на моите другари во прилозите на вечерните вести. Сиот страв и револт. Најгласното „Доста е!“ во овој град кој молчи. Сета младост. Сета обединетост во воздухот поделен на наш и ваш, на улиците по чии што различни страни одиме само за да не се сретнеме. Во овој град кому му ги сменија тапетите, му ги исекоа најубавите дрвореди, му прогласија некои нови спомен обележја. Овој град што ни го украдоа.

За чувство на годината ја прогласувам грутката во грлото и пулсирањето во стомакот додека со моите „Распеани“ пееме под цитатот за Новото Скопје што веќе го нема, а покрај нас минува поворката и ни се придружува со своите свирчиња и извици. Одеднаш хорот брои стотици членови. Сиот град е сцена. Секој стих прозвучува. Одеднаш се чини дека сепак има смисла. Дека може! Можеби не веднаш, можеби не од прва, ама може!

Ете... му врзувам крпче на јуни, 2011. Ќе се сетам на него кога ќе ме уплаши замолчувањето и премолчувањето. Ќе го потсетам Скопје на свирчињата и извиците кога ќе молчи пред неправдата и грозоморието. Зашто улиците не се за исцртување трупови и за разминување. Улиците служат за среќавање.

Соња Исмаил, Распеана скопјанка

2011-та би ја заборавила, ако е возможно. Би се согласила и на лоботомија ако тоа помогне во бришењето на спомените од оваа година.
Иако, сè уште верувам во тоа дека грдите спомени не носат до нови, поубави. Или барем, не прават повешти во препознавањето на фините нешта. Ако се водиме од скоро баналната теза дека темнината е дефицит на светлина.

2011-та за жал ќе ја запомнам по извонредно бруталните напади на моите личност, интегритет и семејство. Ќе ја запомнам по тоа што останав без дом. За инает на здравиот разум. За инает на правдата.
2011-та за жал ќе ја запомнам по бруталното убиство на Мартин Нешкоски. Ќе ја запомнам и по упорното бегање од одговорноста на најодговорните за истото. За инает на здравиот разум. За инает на правдата.

2011-та за жал ќе ја запомнам заради тоа што изгубив двајца прекрасни пријатели. Марко Кабранов и Илија Зимбо, боли колку недостигате.
Еден од ретките среќни спомени од оваа 2011-та е раѓањето на мојот внук Николо. Му посакувам да живее во слобода и да расте спокојно.

Мери Батакоја, архитектка

Како една „општествена“ половинка, и една многу „лична“. Првата се однесува на одговорно истражување и испишување на 120 страни текст за јавниот простор на Скопје во културолошко-архитектонски контекст, а втората половина на живеење на поуката од наученото, а таа (парадоксално) вели дека е време да се посветиме на некои други (останати) простори (во и вон Скопје), за да му останеме корисни (во иднина) на сопствениот град.
Таа поука е многу јасна и недвосмислена, зашто се покажа дека преостриот фокус на Скопје, тоа невкусно блиско растојание (внатре и надвор) придонесе да го поимаме сопствениот град како макета и како згодна тема на секоја уста, и вперувајќи прст во слабостите, забораваме да ги негуваме силите кои единствено би можеле да го (ре)замислат (некогаш подоцна во некоја друга 20??).

Ќе се потрудам да ја запаметам 2011 по гуливеровските прекрасни цртежи на Илија Прокопиев (во Музејот на град Скопје при доделувањето на наградата „Денес“), по оскаровската улога на Соња Стамболџиоска (како Дора во „Сексуалните неврози на нашите родители“ во Струмичкиот театар), по „Човечулец“, по мојата недоволна посветеност на ваквите искри (и ветување дека следната година ќе ги барам поумно), по хроничната ненаспаност на студентите од Архитектонски Факултет, по некои преубави предавања за архитектурата во сончевиот декември во Загреб, по моето официјално навраќање на убавите микро светови (со голема радост)..., бидејќи токму тие други (останати) простори (во и вон Скопје) можат да ме спасат од просторот (внатре и надвор) кој почна сè помалку да ми се допаѓа, а до сега не знаев како можам да му помогнам.

Филип Јовановски, визуелен уметник

2011 ќе ја паметам по:

Квадриеналето во Прага за Сценски дизајн и простор и претставувањето на македонскиот павилјон на тема „ТЕАТАР + -“.
Како сублимат на мојата неколкугогодишна работа во театарот.

Изложбата истата година беше поставена и на МОТ.
Концертот на Распеани скопјани во Белград во мај, ја полуде публиката во Дом на млади, не очекуваа дека толку шармантно и моќно може да се пее за слободата, после концертот ми пријде еден дечко од публика и ми кажа „Кога го видов транспрентот There`s no God!, се расплакав”.

Изгубив близок другар, многу ме погоди тоа и остави сериозна дамка на 2011.

Биеналето на млади уметници во Музеј на Современа уметност, зададената тема „мртва природа“ беше ептен провокативна за мене лично во контекст на денешното општество, иако анахрона како жанр во себе криеше многу подтексти, кој сфати сфати.

Обид за повторно откривање REINVENT на една стара љубов, секако неуспешно.

OCCUPY WALL STREET движењето, ми даде надеж дека сепак е возможно да се каже нешто сериозно против капитализмот, да се обиде да се сопре социјалната нерамноправност, се надевам нема да остане само на романтично потсетување на 68-ма. Говорот на Жижек пред огромната толпа во стил на Стево Жигон пред студентите во Белград, сакаше да им го каже точно тоа.
Подоцна и кај нас организираа OCCUPY SKOPJE.

Групната изложба АЛАРМ 2:1, во Отвореното графичко студио, која што беше закажана за 29.12 (се одложи за јануари) таман пред крајот на годината....многу драг проект со којшто некако метафорично ја завршивме годината, како АЛАРМ за она што ни се случуваше и она што допрва не очекува во 2012 година!!

Не зјапајте романтично!!!

Миле Ничевски, сликар

Неколку сликички од албумот од 2011 година на Миле Ничевски: 2011..округла..со монограм..отрезнувачки контрасти..азбука од 17 букви..профили & измаглици..силуети (онакви без раце)..птици со лузни..денски пејсажи повеќе отколку ноќни..смс од непознат број..надеш со ш..попладневна несоница..вода во чаша за вино..фала на англиски..рецитирање под туш..медитации за 20 век..медитации за 20 век п.н.е...нов автомобил со неколку врати и скалички..старец шо одбива да спие..најмалото тањирче на светот..црн чешел со нацртани очи..бел фустан со В изрез..радиото на комшијата..фала на грчки..диплома со кириличен фонт..базен со гаража..скршен папагал..цртеж на куче, скинат па залепен со селотејп..чуството дека цел свет навива за тебе..стар војник пуши луле.. хоризонт со борчиња од кои едниот е најмал..климање со глава по старски.

Драгана Евтимова, поетеса

2011 година ќе ја запаметам по улиците во мојот град, во кој споделувањето на насмевки со драгите пријатели го прави денот побрз, по уличните продавачи на разноразни ситни работи, по тивките прошетки низ Градскиот парк, по дупките што ги прескокнувам кога се полни со вода, а јас некаде брзам ....

2011 ме постави на една интересна крстосница, пред која дилемите и одлуките се измешаа со љубовта, солзите, спомените и сеќавањата, во моментот кога времето незапирливо тече, онаму каде што денот се дели на мигот и минатото, а јас трчам да ги завршам секојдневните работни обврски.

2011 за мене е година на предизвиците што следуваат во 2012.


Ана Јакимска, режисерка

2011 ќе ја памтам по завршувањето на мојот прв драмски текст „Тетовирање“, напишан во коавторство со Бранко Костески. Станува збор за мрачна љубовна приказна што се случува во градот, помеѓу четири ликови. Во моментов разговараме со неколку режисери кои се заинтересирани да го постават на некоја од театарските сцени во републикава.

Ване Костуранов, сликар

По новите почетоци.

По чувството на олеснување и чистина после секоја насликана слика.

По безбројните препрочитувања на детските книги на ќерка ми.

По соочувањето со височината.

По мирисот и боите на есента.

По насмевките на Ава.

По звукот на исклучен телевизор во собата.

Фотографијата горе: Ерупција на вулкан во Чиле во 2011. (Ројтерс)

"4. место на

"4. место на ракометарите"-неточно(освен ако е печатна грешка)
Останатите одговори, горе доле, извештачени.
И на крај, многу глупаво, искомерцијализирано, преувеличено значење му се придава на темава. Биг диал! Важно е да се преживее...

Човеку, дај линк до твое

Човеку, дај линк до твое дело, ќе бидеш ценет ако нешто си створил креативно, различно, ќе ти симнеме капа. Што работиш. можеби некој веб сајт?

Oпушти мускулите на вратот.

Соња Исмаили вели: „Ќе ја

Соња Исмаили вели: „Ќе ја запомнам по тоа што останав без дом. За инает на здравиот разум. За инает на правдата“

Чив бил тој дом, дали навистина бил твој? И како тоа може некој да одземе од некому приватна сопственост. Или друг е муабетот не??? да да даааа

ОкоБоли главаВицФото