Убавина, саде убавина

30.12.2011 14:49
Убавина, саде убавина

Во пропагандната објава „Топ 10 најубави работи кои и се случија на Македонија во 2011“ порталот „Курир“ заклучи: „Во 2011 Македонците беа сплотени и силни, радосни и горди, го вееја македонското знаме, ја пееја македонската химна.“ Исто како и за премиерот, и за „Курир“ 2011 да ти била уште една успешна година. Но, да видиме, за какви успеси станува збор?

1. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо дека најгорди чинови на одбрана на македонскиот идентитет се:

- шетањето покрај дивоизградениот безимен споменик „воин на коњ“ (кој јава на кастриран коњ) кој чини речиси 10 милиони евра.

- поклонувањето пред двете восочни фигури на Ванче Михајлов во музејот на ВМРО.

- возењето во кинески и украински, наместо во македонски автобуси.

- изградбата на археолошкиот музеј со грчки столбови во кој симболички ќе биде сместен уставниот суд.

- одбраната на привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ во Хаг.

2. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо дека борбата против критичките медиуми е борба против криминалот. Само критичките медиуми не плаќале данок. Најгледаната телевизија била „криминална“. Затоа обвинетите за затајување данок година дена во притвор плаќаат данок во крв. Се судат небаре се воени злосторници.

3. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо и кутрата опозиција дека победил на регуларни избори. Кампањата му била „субвенционирана“ од земјоделци, редари и учителки кои гордо донирале по 1.000 евра. Пропагандистите потврдија дека „државните функционери и референти на ВМРО-ДПМНЕ носат по 30 гласачи на тајниот список затоа што се плашат дека кога СДСМ ќе дојде на власт - ќе ги отпушти од работа!“ Никој не бил прислушкуван за време на кампањата. И „специјалците“ не биле ангажирани за време на изборите. Само приватно си честитале за победата на прославата кога крвнички беше убиен Мартин Нешковски.

4. Шарпланинците на пастирот се обидоа да го убедат стадото дека на убиениот Мартин Нешковски „му се слошило“. Потоа, го убедуваа стадото дека никој од МВР, ниту присутните стотици полицајци немале намера да го прикријат злосторот. Сега, шарпланинците на пастирот „наивно“ се прашуваат „Не умрел од падот?!“ и „невино“ тврдат: „настанала прво бркотница, а потоа и тепачка, по која Нешкоски почина.“

5. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо дека „конечната пресметка“ со политичките неистомисленици е поитна од конечната пресметка со лебарките во болничките кревети и училишните тоалети. Колегата министер од 2001 не бил „брат“, туку „сестра“. Само тој земал кеш за избори. И требало да биде филмски уапсен, токму пред да се дознае за грозоморната смрт на Мартин Нешковски. И процесот против него не бил политички. Оти поранешниот министер и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ не бил политичар. Политичари биле само тие што не изгубиле на слободните избори.

6. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо дека воените злосторници треба да се амнестираат. Дека треба да добијат заслуги затоа што се бореле за човекови права.

7. Воените злосторници треба да се амнестираат, а најголемите критичари на „пастирот“ треба да се лустрираат. Шарпланинците на „пастирот“ лаеја по поранешните жртви на тајната полиција. Обвинуваа дека имале „кодошки“ досиеја. Жртвите на тајната полиција пак станаа жртви на лустрирачката полиција. Жртвите на идеолошко-политичкиот прогон повторно се жртви на идеолошко-политички прогон. А наредбодавците и џелатите никој не ги чепка.

8. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо дека стотиците милиони за „Скопје 2014“ ќе ја намалат сиромаштијата. Дека милионските споменици што се лијат во Италија ја намалуваат невработеноста. Се намалува и јазот меѓу Скопје и остатокот од пребогатата Македонија. Сиромаштијата во Скопје се намалила од 12.3% (2008) на 9.2% (2010). Во селата се зголемила од 43.3% (2008) на 47.1% (2010). Македонците на село се петпати посиромашни од Скопјани, и петпати поубедени дека „пастирот“ ги решава токму нивните проблеми.

9. „Пастирот“ успеа да го убеди послушното стадо да ги заборави ветените 8 милијарди евра инвестиции од 2009, меѓу кои и нуклеарка. Никој не ја спомнува ни нуклеарката, ни осумте милијарди евра инвестиции. Шарпланинците го убедуваат стадото дека „На странските инвеститори не им е важно што Македонија не е членка во ЕУ и во НАТО“. Народната банка предупреди дека странските инвестиции се одлеваат од Македонија. Се проценува дека странските инвестиции во 2011 се помали од „предизборниот“ кредит од 220 милиони евра.

10. Најпосле, „пастирот“ не убеди дека најголем успех во 2011 е што трет пат сме добиле препорака за започнување преговори со ЕУ, без датум за преговори. Сме добиле позитивен извештај, во кој не се спомнува зборот „македонски“.

Среќни и весели празници. И, аман, да не ни се множат вакви „успеси“ во 2012.

Повеќе од потполно се

Повеќе од потполно се согласувам со Жарко Т. (херој на ова време невреме), иначе мојот став за Скопје 2014 е следниот:

1. Нема уметничка вредност (делата се вредни само затоа што е скапа бронзата од која се излеани). Уметност во овие дела ич не гледам ако некој глеада нека ги провери очите можеби дијоптријата му е голема, а тој кутриот незнае).
2. Економски е неоправдан (подобро ќе беше да се изградеа автопатишта, хидроцентрали, посовремена железница. Пр. Патните правеци Гостивар-Охрид и Велес-Штип да се направеа со 4 ленти, а не како сега тотално небезбедени, а преоптоварени со возила).
3. Перверзен е (при 1/3 невработеност, толку пари да шибнеш во оваа пародија од макети е стварно премногу невкусно).
4. Ја блокира евроатланска интеграција (нема шанси да се приклучиме на Европа или НАТО со споменик од типот на Александар Големиот.. упс воинот на коњ).
5. Диктаторски е (се се прави без граѓаните да бидат прашани, само желбите на пастирот за величење на неговата малкост се реализираа во целост).
6. Не еколошки (ниеден проект од ваков тип во развиениот свет не се гради без притоа да биде задоволен еден основен услов, а тоа екологија… во овие проекти најмалку тоа го има).
7. Убиствен (еден куп наши сограѓани ги положија своите животи за да пастирот наш се к...перчи).

Нај страшното допрва доаѓа.

Нај страшното допрва доаѓа. Полека, полека и се повеќе и повеќе му се излитуваат популистичките „асови„ кои ги вади од ракавот. Дури и на „шарпланинците„ му е се потешко да го плаши стадото, па полека му се осипува. Непали толку повеќе „...а да видиме во ваше време...„,не пали „...ние сме посветени за Вас народе„ туку се поочигледно е дека се посветени на самите себе: Непали „...да видиме како е во соседството?...„Не палат провокации на Грција, ЕУ и НАТО. за да се издејствуваат радикални реакции, бидејќи се поочигледно е отсуството на намера да се интегрира РМ во нив. Реакциите на стадото ќе бидат се порадикални и се позачестени, а овчарот и шарпланинците ќе ги симнат ракавиците и маските, по ќе прореботет ластегарките на власта и очњаците на вучјаците/доберманите/шарпланинците. Власта нема да се предаде ни до последниот скршен заб. Тешко, тешко време доаѓа.Многу лесно можеме да преминеме во диктатура од нај тежок облик. или некоја анархија.

Слични содржини

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото