Паравести 2011 - Избор

30.12.2011 15:00
Најчитаните Пара вести на Окно за 2011

Рубриката Пара вести беше воведена токму во годината што изминува, а нејзина цел првенствено е преку сатирата и иронијата да ги исмее сите негативни појави и ликови од нашето секојдневие.

Некои од текстовите кои ги објавивме во оваа рубрика постигнаа неверојатна читаност за многу кратко време, а често беа предмет и на напади преку коментарите. Но, ние и во новата година нема да запреме да ги критикуваме преку Пара вестите сите оние за кои сметаме дека водат погрешни политики.

Најчитани текстови од Пара вестите за 2011 година беа следниве (редоследот е од десеттото кон првото место):

Нова мода - граѓаните на Македонија масовно му се извинуваат на премиерот Груевски

„Јавно му се извинувам на Никола Груевски за изречените пцовки од моја страна, а кои се предмет на општо одобрување низ цела Македонија, како и за сите останати иронични коментари и забелешки кои во изминатиот период ги изреков за неговото водење на државата, неговата политика и неговата партија, без оглед дали за тоа ќе бидам тужен или не", стои во писменото јавно извинување на Ј. П., кој во налет на бес и нервоза пред неколку дена, пред пријателите и другите гости во една скопска кафеана, сочно го испцул премиерот на Република Македонија... (за да ја прочитате целата Пара вест, кликнете на насловот)

Белата куќа: Антички Македонци не постојат!

Ваквото невообичаено и изненадувачко соопштение на Админстрацијата на американскиот претседател Барак Обама претставува одговор на две петиции доставени до Белата куќа...

Македонка освои петто место на „Мис глобус“, Владата подготвува фешта

Владата, дознаваат Пара вести, израдувана од овој несекојдневен успех на нашата претставничка, веќе дала налог да се подготви еден двокатен автобус без покрив со кој Ангелковска и сите членови на владата ќе се провозат низ улиците на Скопје. Се планира, исто така, автобусот со славеничката и владата да помине и под триумфалната порта која, како што дознаваат медиумите, забрзано се финишира. На плоштадот Македонија во Скопје веќе се поставува бина на која нашата убавица ќе продефилира уште еднаш, а за потоа се најавуваат и настапите на наши познати естрадни изведувачи...

Пријавете празен простор за да постават споменик

Имено, станува збор за проектот во чии рамки граѓаните на Скопје, пред сè, оние од општината Центар, во случај да здогледаат празен простор можат да се јават и да го пријават на телефонскиот број 0800 12345-6789, а општинските екипи и специјалниот владин тим ќе реагираат веднаш и во рок од еден ден таму ќе постават споменик...

Се руши Скопје 2014!

Од сигурни извори на теренот дознаваме дека лично градоначалникот Владимир Тодоровиќ утринава бил забележан на скопскиот плоштад Македонија во еден од багерите за рушење. Накусо симнувајќи се од багерот градоначалникот, пригодно облепен со прачки динамит преку целото тело, го означил стартот на рушењето со поставување динамит во фонтаната под кипот на „Воинот на коњ“. Експлозиите од плоштадот ги почувствувале и посетителите на кафеаните во непосредна близина на објектот, а делови од експлодираниот Воин во текот на денот биле пронаоѓани дури и во општината Гази Баба!...

Јапонија најави инвестиции во Македонија од 10 000 евра

„Ваква посветеност кон привлекувањето странски инвестиции во услови кога државата не нуди никакви услови не сме виделе уште од времето кога претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, дојде во Јапонија по странски инвестиции“, изјави Рјуносуке Сасуке, бизнисмен од Токио...

Македонка го продава сопругот преку оглас

Марија Г. (34) од Скопје веќе подолго време не поминала квалитетно време со сопругот Горан (35), кој е растргнат помеѓу обложувањето на спортски натпревари и посетувањето кафеани во Дебар маало.

Револтирана од неговиот однос, Марија решила да го стави сопругот онаму каде што му е местото – во оглас. Претходно таа ѝ се пожалила за својата мака и на свекрвата, на што оваа одговорила дека е немоќна да влијае врз синот. Потоа двете се согласиле дека Горан треба да биде понуден на продажба...

Детална целодневна програма за прославата на ОСМИ СЕПТЕМВРИ*, 2011 година

7:30 часот
молебден во соборниот храм свети климент охридски.

10:00
откривање на вистинската декларација на независноста. таа шо мислиме дека постоела уствари комунистите н
è лажеле. новата декларација е напишана со онаков црковен фонт. се споменува ГОСПОТ, александар, вмро, идентитетот, груевски. МАЌЕДОНИЈА со Ќ.

12:00
егзекуција на предавници на повеќе локации. стрелачки вод позади куќата на мајка тереза, набивање на колец на камени мост, бесилка кај собрание, клада кај МЕПСО.

13:00
пауза за ручек. се врти ДИНОСАУРУС на ражен... 

 

Диносаурусите беа крвници на македонскиот народ

Декември 2025, Скопје, Државна новинска агенција „Курир“ - По обвинувањата за антиквизација, опозицијата почна да обвинува за праисторизација на Македонија. Поводот за најновата серија клевети и препукувања е свеченото пуштање во употреба на муралот на кој е претставен Воин како силува тираносаурус рекс пред очите на неколку тираносаурусчиња кои ги чуваат неговите војници, исцртан на влезот на основното училиште „Никола Груевски 15“ во Автокоманда...

Мајкл Џексон бил Македонец

Познатиот штипски и светски историчар Александар Донски преку низа сложени математички пресметки, како и со помош на Американскиот државен архив, односно документите кои оваа американска национална установа љубезно му ги отстапи на проучување, откри дека најпознатата светска поп ѕвезда, која почина пред две години, Мајкл Џексон имал делумно македонско потекло. Имено, одредени корени од неговото семејно стебло досегаат дури до почвата на Македонија!...

ОкоБоли главаВицФото