Врсниците, Хобсбаум и Глигоров

03.01.2012 16:24
Врсниците, Хобсбаум и Глигоров

Ерик Хобсбаум, најголемиот жив историчар, е врсник на Киро Глигоров. Обајцата биле родени во 1917 година. Би сакал текстов да го почнам со едно интересно согледување на Хобсбаум, извадено од неговото Крејгтон предавање од 1993 година и насловено „Сегашноста како историја“:

Кога на своите американски студенти им велам дека го помнам денот во Берлин кога Хитлер стана германски канцелар, тие ме гледаат како да сум им рекол дека сум бил присутен во Фордовиот театар тогаш кога бил убиен Линколн 1865 година. За нив обата настани се подеднакво праисториски. Но за мене 30 јануари 1933 е дел од минатото кое сè уште е дел од мојата сегашност. Ученикот којшто дента со сестрата се враќаше од училиште и го виде насловот во весниците сè уште е некаде во мене. Сè уште можам да ја видам таа сцена, како во сон.

Македонското „историско прашање на мигот“ задира токму во она за што зборува Хобсбаум: дали политичкото наследство на Киро Глигоров е „праисторија“, сега веќе и симболички завршена приказна за асномска Македонија и за нејзината екстензија, Република Македонија од 1991 година?! Варварскиот налет на груевизмот, на едно брутално политичко движење кое се обиде да ги протресе темелите на досегашното разбирање на македонската држава, на прв поглед изгледа дека е победнички историски налет. Се чини како смртта на Глигоров, симболот на спојот меѓу Македонија од 1944 и 1991, сосема да го расчистува и физичкиот простор (оти политичко-симболичкиот веќе е расчистен, сметаат груевистите) за „античките Македонци“, т.е. за едно опасно популистичко билдање на мускулите на нацијата кое подразбира радикален ревизионизам опасен и кон надвор (кон Грција, на пример), но потенцијално самоубиствен кон внатре.

Лично, сметам дека груевистичкото билдање повеќе наликува на бладање, на несреќна историска епизода која следните Македонци ќе треба да ги опоменува до какви монструозни степени може да доведе комбинацијата од политичка глупост, примитивизам и алчност (миксот од запрепастувачка културна инсуфицијенција со стравичниот политички нагон да се владее неконтролирано и неограничено). Но, мигот на груевизмот сè уште трае. Каноните и нормите во Македонија на почетокот на 2012 година сè уште ги одредуваат полетните младинци од Цицибан царството на Малиот-Големиот пастир. Можно е да се наоѓаме не на крајот на груевизмот, туку среде неговиот врв. Милошевиќ, на пример, траеше дури 13 години, од 1988 до 2000.

Да се вратиме кон Хобсбаум, т.е. кон нашите историски прашања на мигот. „Оти прашањата каде стоиме во однос на минатото, каков е односот помеѓу минатото, сегашноста и иднината, не се само од витален интерес за сите; тие се и крајно неопходни. Не можеме да се воздржиме од ситуирањето на себе самите во континуумот на сопствениот живот или на семејството и групата кон коишто припаѓаме. Не можеме да не ги споредуваме минатото и сегашноста: тоа е она за што служат семејните фото-албуми или домашните филмови. Не можеме да избегнеме да учиме од таму бидејќи токму тоа е она што значи искуството.“

Смртта на Глигоров, ми се чини, треба уште еднаш да нè потсети дека сликата што ја имаме за самите себе во историјата е комбинација од историско искуство и историска перспектива. Многу е важно умните луѓе, историчарите, политичарите, теоретичарите итн., да знаат да ги препознаваат сличностите и разликите меѓу сегашноста и минатото. Многу е важно умните луѓе да го дигнат својот глас против систематското изобличување на историјата во ирационални цели. Истото целиот живот го прави и Хобсбаум кој е свесен дека сите режими ги тераат своите млади да ја учат историјата не за да го разберат своето општество и начините на коишто тоа се менува, туку за да го одобруваат, за да бидат горди на него и да станат „добри граѓани“. „Историјата како инспирација и идеологија има вградена тенденција да стане самооправдувачки мит. Ништо не претставува поопасен превез врз очите од ова, како што тоа го покажува историјата на модерните нации и национализми. Работата на историчарот е да ги пробува и да ги отфрла овие превези за очи или барем по малку и повремено да ги подигнува – и доколку тоа го прави, тој на современото општество може да му каже некои работи од коишто тоа би можело да има полза, дури и ако се воздржува да ги учи.“

Смртта на Киро Глигоров, значи, треба да биде поттик да ги отфрлиме превезите за очи и малку похрабро да ги пофаќаме заплетканите конци на минатото, сегашноста и иднината.

Слики: Jeffrey Vincent

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото