Афро-Спајдермен за новото време

04.01.2012 11:03
Афро-Спајдермен за новото време

Тој петнаесетти број на Amazing Fantasy, списанието во кое се објавувани стриповите на Марвел, требаше да биде и последниот број. Продажбата опаѓаше со секој изминат месец и веќе се слушаа посмртните ѕвона. Мигот го искористи тогашниот млад сценарист Стен Ли кој успеа да го наговори издавачот Мартин Гудман да го прифати неговото сценарио во кое овој би претставил еден свој нов суперхерој.

Немајќи што да изгуби, Гудман го одобри проектот и така се роди Спајдермен. Тој број на Amazing Fantasy се продаде во рекорден тираж, а Спајдермен стана приоритет на оваа издавачка куќа.

Од самиот почеток Спајдермен беше поинаков од останатите јунаци кои беа актуелни во тоа време. Имено, Спајдермен не беше совршен. Како цивил, т.е. како Питер Паркер, Спајдермен не беше висок, убав и русокос. Беше ситен и слаб смотанко со цвикери. И тоа не беше маската под која, како Кларк Кент, би го криел својот вистински идентитет. Не, Паркер навистина беше, како што би рекле денес, гик (geek), односно бубалица.

И, за разлика од пребогатиот Брус Вејн (Бетмен) или Тони Старк (Ајронмен), Питер Паркер имаше проблеми со парите. Како да набави пари за нов костум бидејќи стариот го искинал во борбата со некој злосторник беше проблем кој тогаш го имаше само кутриот Питер. За прашањата од повисоко ниво, како да бркне некоја девојка, пребогатиот плејбој и најпосакуваниот ерген во Готам Сити, Брус Вејн, или познатиот глобален љубовник Тони Старк, воопшто не ни размислуваа. А Питер Паркер и денес се мачи околу девојките.

Роден во славните 1960-ти години, Спајдермен стекна огромна популарност меѓу студентите и средношколците, тогашните обожаватели на хипи-движењето и Летото на љубовта, така што не беше редок случај неговиот постер да се најде веднаш покрај оној на тогашната популарна икона на другарот Че Гевара.

Неколку децении подоцна Богдан Тирнаниќ во еден свој текст ќе му ја даде титулата на алтерглобалистичка икона. Навистина, нашиот добар сосед Спајдермен тоа и е. Израснал во сиромашниот Квинс, а ги решава проблемите на малите луѓе. Бидејќи не е исто кога некој супер-злосторник ќе ограби банка во која се наоѓаат милион осигурени долари на некоја корпорација и кога некој ситен крадец ќе ѝ го дрпне паричникот на некоја бабичка со остатоците од нејзината пензија. И кој пожарникар од Њујорк (пред 9/11) би ги жртвувал своите бели дробови за да спаси од пожар некојси таму клошар?

Но Децата на цвеќето со текот на времето или свенаа или процутија во саксиите на мултинационалките против кои се бореа, а Спајдермен мораше да се препакува за нова публика. За децата на Децата на цвеќето. И така, во јубилејната 2000 г. беше создаден нов стрип серијал, Ultimate Marvel. Опфаќаше четири изданија: Ultimate Spider-man, Ulitmate X-Men, The Ulitimates и Ultimate Fantastic Four.

Ultimate универзумот ги сместуваше старите приказни во новото време – времето на интернетот, персоналните сметачи, преносните компјутери, мобилните телефони... Требаше да ги приближи старите јунаци кон новата читателска публика на која светот без интернет ѝ се чини многу поневеројатен одошто светот со суперјунаци.

И Спајдермен доживеа одредени промени. Додека стариот и добар Питер беше фотограф во Daily Bugleu, овој новиот беше нивниот веб-администратор. Стариот Питер беше каснат од радиоактивен пајак, а новиот од генетски-модифициран пајак.

И, како знак на политички коректниот фашизам – ејџизмот (ageism), многу ликови во Ultimate универзумот се помлади од своите регуларни претходници. Ultimate серијалот траеше целата прва деценија од третиот милениум, а потоа, кога тиражите почнаа да паѓаат, нешто мораше да се смени.

Во Ultimate Spider-man се случува нешто што ќе го стави Питер Паркер во пантеонот на најголемите суперјунаци на американскиот стрип – ќе умре. Досега умираа Спајдермен, Капетан Америка и Бетмен по неколку пати. Дури и помошникот на Бетмен, Робин, заслужи чесно да умре.

Со смртта на Спајдермен во јули 2011 г. беше окончан десетгодишниот Ulitmate серијал. А сега дојде нешто сосем поинакво: Ultimate Comics vol 2.

Кога сценаристите размислуваа и бараа идеи за нов серијал стрипови во 2008 г., во ек беше претседателската кампања и беше речиси извесно дека Америка ќе го добие првиот црн или, да бидеме политички коректни, првиот Афро-американец за претседател. И така, Барак Обама ги инспирираше и авторите на Спајдермен кои по низата редакциски собири решија да пресечат дека дојде време кога, штом Америка има Афро-американец во Белата куќа, треба да има и црн Спајдермен.

Реакциите на веста дека новиот Спајдермен потекнува од татко Афро-американец и мајка Порториканка беа поделени. Некои однапред ја откажаа својата верност кон новиот Спајдермен и жалеа по стариот и добар Питер, тврдејќи дека немаат ништо против новиот Човек-пајак, но дека тој може да си биде Спајдермен во своите четири ѕида, а не да скока низ Њујорк. Некои во занес имаа апокалиптични визии за иднината, прашувајќи се што е следното. Можеби некој геј Спајдермен кој ќе почне да плете мрежи околу нивните глави?

Други, пак, со воодушевување му дадоа поддршка на новиот Спајдермен.

Трети решија да ја почекаат премиерата и првин да го прочитаат стрипот пред да го изнесат своето мислење.

Од октомври 2011 г. почна да излегува новиот Ultimate Spider-man. Тој е Мајлс Моралес (Miles Morales) 13-годишен Афро-хиспано-американец, кој со своите родители живее во Бруклин, кога во лабораторијата на Озборн го гризнува генетски модифициран пајак.

Америка некако успеа да го голтне ова црно (или се вели: горко?) апче. Новиот, политички коректен Спајдермен започна со живот. Во втората книга од серијалот го запознаваме и најдобриот другар на Мајлс – Ганке. Тој е прототип на бубалица. Интелигентен е, сака научна и епска фантастика, сака да чита стрипови, добро се снаоѓа со компјутерите, впива сè што медиумите ќе објават за суперхероите. Плус, Ганке е (за ова не го знам политички коректниот збор, па ќе го користам вообичаениот) – дебел. Дури кога Мајлс Моралес ќе застане покрај својот ортак, читателот на стрипот сфаќа колку е слаб Мајлс. И тогаш се присетувам на сите оние лични податоци за американските суперхерои кои ги наоѓав по разните интернет форуми, википедии... Имено, висината и тежината која им се припишува на овие измислени јунаци не е соодветна со нивниот изглед. Нема шанси некој кој го има тој сооднос меѓу висината и тежината да изгледа така. Или има неверојатно лесни коски? Се чини дека тоа е некоја граница која политички коректната и либералната американска публика никогаш нема да биде подготвена да ја прифати.

Издавачите, во своето објаснување зошто решиле Спајдермен да биде Афро/Латино клинец, рекоа дека нивната читателска публика е шаренолика и дека сакале децата од тие етнички групи полесно да се поистоветуваат со Спајдермен. Се обложувам дека меѓу својата публика имаат повеќе дебели деца отколку Афро или Хиспано. Зошто тогаш новиот Спајдермен не е полничок? Сè ми се чини дека тоа е границата на политичката коректност. Суперхеројот може да биде Латино, да биде геј, а со текот на времето и американец со руско потекло, или со српско... а зошто не и со талибанско?

За волја на вистината, во стриповите постојат и дебели суперјунаци, но тие или се лошите или ги нема во стриповите од главната струја како што е Спајдермен. Значи, ако сакате да ги видите дострелите на политичката коректност, замислете стомачни мускули како блескаат на слаб стомак со 0% масти... засекогаш!

Извор: e-novine

POVEKJE OVAKVI TEKSTOVI MOLAM

POVEKJE OVAKVI TEKSTOVI MOLAM !!!

да, повеќе!!!

да, повеќе!!!

ОкоБоли главаВицФото